24 Април, 2024
0.0255

Транспарентност – што и да значи!

Објавено во: Колумни 04 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Транспарентно работење значи одговорно работење на компаниите, институциите на системот и на поединецот.

Компаниите работат транспарентно кога постои јасност во акционерската и управувачката структура на компанијата, кога се изготвуваат финансиски извештаи согласно прописите, кога целите и стратегијата за учество и ширење на пазарот се јасно определени и се спроведуваат во нејзиното секојдневно работење.

Институциите на системот работат транспарентно кога овозможуват засегнатите страни и пред се, јавноста да има навремен пристап до информациите кои ги креираат овие институции.

Поединецот работи транспарентно кога одговорно ги извршува работните и општествените задачи.

Транспарентно работење во никој случај не значи чести промени на акционерска и управувачка структура во една компанија, нејасни и прикриени работења на компанијата со поврзаните фирми и физички лица, притисоци над малцинските акционери, немање на информација и податоци за секојдневното работење на компанијата, неточни финансиски извештаи, неконсолидирани финансиски извештаи, непостоење на евиденција на должничко-доверителски односи. Какво однесување една компанија ќе продуцира во јавноста, со истите очи јавноста ќе го возврати комуницирањето со компанијата. Се претпоставува дека ако некој работи одговорно, другиот (засегнатата страна) ќе го цени тоа работење и соодветно истото ќе го награди.Така во компанијата ќе влезат инвеститори или нови акционери кои ќе ги делат истите вредности и цели кои веќе ги поседуваат претходните/постојните акционери кои работеле одговорно. Никој не сака да влезе или соработува со компанијата во која не се знае кој е акционер, дали се точни финансиските податоци, кои се добавувачи/купувачи на компанијата, какви и се бизнис релациите на пазарот и сл. Нетранспарентното работење не може да привлече свеж капитал во компанијата однадвор, а најчесто доведува до магичен круг на судир помеѓу акционерите, или менаџментот и вработените, или домино ефект на пропаѓање на повеќе поврзани фирми во групацијата.

Институциите на системот работат нетранспарентно во моментот кога забораваат дека работат во интерес на поединецот и заедницата. Во трчањето да се усогласи македонското законодавство со европското по секоја цена, се заборава целта поради која истото се имплементира. Во пракса се случува институциите да сметаат дека многу направиле и вистински се измачиле кога донеле некој закон или подзаконски акт во согласност со меѓународното законодавство и плус на сето тоа и ставиле презентација на нивната веб страна. Замислете направиле и дури две презентации за јавноста. Ова, мили мои, не е транспарентно работење на институциите. Кога се воведува нешто ново треба повеќе дискусија и подолг временски период на имплементација.

Затоа е уште побитно транспарентното работење на секоја институција. Неопходна е нивна соработка со јавноста на континуирана основа, размена и информирање за годишните планови за работа, тековните проекти и ставови по различни прашања на институциите кои се битни за заедницата. Па затоа правото да се коментираат промените на прописите во краток временски период (една недела или две) за нешто што некој го работел и креирал цела година е смешно, па дури добива третман на непристоен предлог до секого што треба да даде мислење и коментар. Уште нешто, не треба да се заборави дека комуникацијата на институциите со заедницата преку непретставителни форми на здруженија или малубројни застапени поедници во стопанските заедници е несоодветна. Многу добро се знае кои страни ќе бидат засегнати од воведување на одредени промени или новини во регулативата и оттука е одговорно работење на одредена институција ако обезбеди сите страни да бидат вклучени со ист аршин.

Поединецот треба да работи одговорно и во компанијата и во соодветната институција затоа што на крај на денот поединците се тие што ја создаваат и прават одговорна една компанија/институција. А секој треба да работи одговорно прво за себе, затоа што секој ден се јавува во својство на засегната страна од работењето на институциите и компаниите. Токму поради тоа, ако поединецот работи одговорно ќе очекува и од другиот (соработникот, другите институции, заедницата) да работи на истиот начин. Има секогаш уште една работа, а тоа е ако нештата ги сработиш како што треба, навремено и одговорно, се претпоставува дека и ти како поединец ќе се чувствуваш посреќно кога ќе тргнеш од работа да си одиш дома.

Колку и да звучи транспарентноста само теоретска и идеолошка фраза која секојдневно се користи за разно - разни цели и маркетиншки трикови, доколку барем еднаш зборовите и документите почнеме да ги применуваме во пракса би имале многу поголема корист.

м-р Искра Ивановска Стојановска

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок