29 Март, 2024
0.0268

Тргување преку интернет платформа – бизнис или коцка?

Објавено во: Колумни 15 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Тргувањето преку интернет платформа, пред се со главните светски валути, но исто така и со акции, фјучерси, стоки, благородни метали и останати финансиски инструменти е популарно помеѓу потенцијалните трејдери во светот над 10-тина години, а во последно време допира полека и до ушите на македонските потенцијални инвеститори желни за брза заработка со малку труд и мака. Иако тргувањето со маргина по пат на користење левериџ сеуште не е законски регулирано во македонската финансиска регулатива сепак експлицитно не е ни забрането така што веќе срамежливо веќе постојат агенции кои ја нудат оваа услуга. Значи низ Македонскиот world wide web етер веќе кружат понуди од разни би рекол анонимни интернет агенции кои нудат можност преку релативно мали уплати на средства по пат на неколку стотини пати зголемен левериџ да може да се тргува со разни финансиски инструменти од кои најпопуларен е таканаречениот Форекс пазар односно тргување со валути. Од сите пазари Форекс пазарот на валути е најликвиден пазар кој има свој изграден механизам на континуирано пазарно движење условено од понудата и побарувачката за определена валута и нуди можност во секое време да се влезе на него а исто така и слободно да се излезе во оној момент кога инвеститорот односно “Трејдерот” ќе оцени дека е вистинско време да се реализира профитот ако курсот тргнал во посакуваната насока или пак да се затвори лошата позиција во случај на неповолно движење и остварување на загуба од тргувањето. Станува збор за една интересна споредна професија која ви дава можност да отворите бесплатно сметка на интернет и да даунлоудирате софистициран софтвер преку кој со уплата на определена сума од 2000 евра например може да тргувате и до 100, 200 пати поголем износ,  да речеме да тргувате со 200,000 евра и да евентуалниот профит кој ќе го остварите од таквата голема позиција, Ви се додаде на вашето почетно односно постојно салдо а евентуалната загуба се одбива од Вашето почетно салдо од 2000 евра. На овој начин со мала инвестиција, која по пат на левериџ може да ја мултиплицирате односно да отворите голема позиција,  може да го мултиплицирате првобитнит влог за кратко време итоа повеќекратно, од друга страна потенцијалната загуба е лимитирана на почетното салдо кое ќе го уплатите, а во случајов уште еднаш како за пример претпоставуваме дека тоа се 2000 евра. И сето ова може да го правите со помошта на еден мал таблет или лаптоп со интернет конекција од топлината на вашиот дом, во слободно време или како редовна професија. Или да речеме уште попријатно би било кога би тргувале од некое кафуле во Вашиот гред или село, покрај охридското крајбрежје или било која друга интересна локација каде се наоѓате и каде можете повремено да истргувате некоја пара. Но не е се така едноставно и медалот секогаш има и друга страна бидејќи тргувањето на Форекс пазарот е доста ризично. Се она искажано погоре само навидум изгледа многу примамливо особено за многумина кај нас кои имаат одредени познавања од финансиските инструменти и тргувањето како и природна инклинираност кон влегување во ризик. Но дали е се така едноставно и лесно како што изгледа на прв поглед? Дали е така лесно и едноставно да се направи континуиран профит од ваквото тргување или уште поконкретно “Каква е светската статистика по ова прашање и колкав процент од трејдерите (почетници, интермејдери или професионални трејдери) остваруваат профит од ваквите трансакции? “ Притоа мислам на вистински конзистентен профит кој би се остварувал од месец за месец континуирано бидејќи секој може да отвори одредена позиција што би се рекло “наѓутуре” и да оствари еднократен профит, но вистинската разлика помеѓу аматерите и професионалните трејдери е во “конзистентниот” профит. Одговорот на ова прашање е сличен на одговорот на едно слично прашање а тоа е прашањето “ Kолкав процент на кладилничари добиваат кладејќи се на спортските натпревари?” . И двата одговори можете да ги најдете на интернет, иако има за нијанса различни статистики. Сепак за да не губите време прелистувајќи го интернетот ќе Ви одговорам и укажам дека на интернет постои одредена статистика според која од спортско кладење губат околу 98% од учесниците или обратно кажано едвај само 2% добиваат. Слична статистика е и кај форекс тргувањето каде се претпоставува дека едвај 5-10% од трејдерите заработуваат конзистентно а во тој процент претежно партиципираат големите светски банки и играчи на пазарот кои имаат пристап до информација, финансиска сила и моќ и како такви успеваат да го контролираат пазарот иако ниту еден субјект сам за себе не може да влијае на Форекс пазарот на валути кој е огромен и на кој во текот на денот се тргуваат милијарди долари промет на дневна основа. Значи ако не разбравте,  да го повторам уште еднаш фактот дека на долг рок над 90-95% од трејдерите ги губат парите иако повремено знаат да погодат одредена позиција и направат краткорочен ќар. Токму поради ваквата статистика потребно е да се внимава и да не се влегува во тргување неподготвен на овој валутен пазар. Подготовката треба да биде подолгорочна и таква како да се подготвувате да бидете капетан на Ентерпрајз, нов Усеин Болт или било каков друг  шампион во одредена област. Намерно малку претерувам и давам екстремни примери за да полесно се разбере за што зборувам. Можеби е смешно но сакам да им укажам на многу  “загреани “ за еден ваков бизнис потфат дека неподготвени не треба да се впуштате во авантура и да не ги ризикувате вашите тешко спечалени пари бидејќи претходно треба да  изградите сет на вештини и знаења кои ќе ви овозможат уште на стартот да бидете спремни да влезете во костец со едан крајно волатилен и непредвидлив пазар. Многу од инвеститорите се залажани со можностите да се оствари инстант заработка најчесто рекламирани од страна на понудувачите на ваквите услуги со разни приказни од типот како некоја домаќинка ја зголемила својата сметка од 300 евра на 30,000 евра за 2-3 месеци. Со секоја почит кон вредните домаќинки кои ги крепат нашите семејства, ова е возможно да се направи само доколку некоја домаќинка отворила голема позиција со оргомен левериџ а потоа отишла да “треби” боранија итоа едно 10-тина шлепери количина така што кога се вратила, по 2-3 месеци од требењето и влегла да си ја провери сметката, видела дека имала ксмет и сметката ја зголемила многукратно. Нормално дека се шегувам, но секој кој го познава Форекс пазарот треба да знае дека реално таквите приказни за инстант богатење имаат за цел да привлечат почетници жртви кои би влетале со свој тешко заработен капитал а потоа заслепени со желбите за инстант богатење би ги прокоцкале своите пари преку отворање на големи позиции и рапидно трупање на загуби поради незнаењето, немањето добар менаџмент со парите, непознавање на основните принципи на форекс тргувањето, ризикувањето на преголем износ на пари, отворањето на неколку позиции одеднаш и други грешки и пропусти. Иако овој напис има за цел да спречи многумина од лудото ризикување на сопствените пари, сепак иако ретки има трејдери кои заработуваат од оваа професија. Доколку се има солидно познавање од оваа проблематика и доколку се има реално остварлива желба за остварување на одреден размуне принос од да речеме околу 50 до 100% годишен профит (што реално не може кај нас ни приближно да се оствари како принос ниту на пазарот на пари ниту на пазарот на капитал ) можностите постојат. Треба да се размислува долгорочно и да се отвораат помали позиции кои нема да го загрозат премногу почетниот капитал, односно каде со една позиција не може многу да се заработи но ниту и да се изгуби , за да на долг рок вашиот трејдерски осет да дојде до израз и ја направи посакуваната разлика. Замислете си дека Вашата почетна сметка од 2000 евра со внимателно тргување ја зголемите за 7-8% месечно ?Тоа значи дека во првиот месец би биле задоволни ако остварите околу 150 евра профит а во првата година сметката од 2000 евра би ја удволие на 4000 евра. Многумина би рекле што се 2000 евра профит за 1 година, но долгорочно веќе наредната година со зголемување на отворените позиции и со реинвестирање на остварениот профит би ја дуплирале сметката од 4000 евра на 8000 евра, потоа во третата година би ја дуплирале на 16000 евра итн. Ако си направите еден амортизационен план сличен на оној што го имате за Вашиот станбен кредит за период од 10 години ќе дојдете до сознание дека за 10 години Вашата сметка со конзистенто работење во позитива со посакуван годишен конзистентен принос може да ја донесете за 10 години од 2000 евра на ниво од над 2 милиони евра. Затоа можеби вреди да се влегува на овој пазар, иако статистички на долг рок мал број на учесници добиваат , но потребно е претходно солидно предзнаење, инвестирање на износ на пари кој може да си ја дозволите да ја загубите за да не влегувате преемотивно во тргувањето, да одредите која стратегија за тргување е најпогодна за Вашиот карактер, претходно таа стратегија да ја истестирате на демо сметките за тргување достапни на интернет итоа минимум 6 до12 месеци каде би прикажале дека профитирате конзистентно од месец-за месец и дури потоа можете да се пробате со реална сметка и пари во оваа извонредно интересна, но премногу стресна и опасна професија. А за оние пак кои размислуваат да впливаат во Форекс пазарот а сеуште со знаењето и искуството се длабоко во аматерските води пораката е стојте понастрана од овој пазар, ако не сакате да бидете дел од огромниот процент на лузери. Дарко Стојкоски, член на Извршен Одбор на АЦИ Македонија - Здружение на Финансиски пазари

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?