23 Април, 2024
0.0256

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Објавено во: Колумни 08 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Денес е денот кога пред 30 години падна Берлинскиот ѕид. Денот кога ѕидот ја изгуби смислата на постоење. Таа вечер илјадници Германци, пред се  од источниот, но и некои од западниот дел на градот ја искористија најавата дека Германската Демократска Република овозможува слободно патување на запад. Велат, членот на Политбирото Гинтер Шабовски на пресот во Меѓународниот прес центар погрешно прочитал  соопштение  за олеснување на патувањето на Запад. Па излегло дека Германците од Источен Берлин можат да патуват на Запад уште истиот момент. Тоа било пренесено преку медиумите и река од луѓе тргнала низ шесте гранични премини кон Западен Берлин.

Практично од тој ден двете Германии останаа без меѓа. На главните улици во Западен Берлин се сјатила река од „Трабанти“ и „вартбурзи“. Обратно на Исток заминале луксузни „Мерцедеси“. Млади луѓе го кршеле ѕидот...Практично тогаш „исчезна“ ѕидот изграден во 1961 година. Ѕидот поради кој за малку не изби нов светски судир. Ѕидот кој делеше две земји, два света, два система и два блока. Паѓањето на ѕидот отвори многу прашања. Канцеларот Хелмут Кол направи план од десет точки без да ги праша коалиционите партнери во владата со програма за надминување на поделбата на Германија и за Европа. Тој план како да беше одговор на ново отворените прашања, а пред се на иднината на меѓу германските односи.

На паѓањето на ѕидот претходеа масовни пребегнувања на на Германци од Источна Германија во западни амбасади  Во Чехословачка, во Унгарија во Полска... Унгарија ја отвори границата со Австрија Во првиот налет околу 30 илјади Германци влегоа во Австрија. Но не треба да се заборават и традиционалните машеви во Лајпциг, демонстрации во Дрезден и во други градови каде што десетици и стотици илјади граѓани бараа промени. Секој понеделник по улиците на Лајпциг најмалку стотина илјади граѓани со запалени свеќи чекореа во непрегледна колона. Сето ова беше поттикнато со ветерот на промените, пред се во Советскиот Сојуз. Со Гласноста и Перестројката на Михаил Горбачов, генералниот секретар на КПСС. Незадоволството на народите кулминираше и во самиот СССР, но и во државите членки на Варшавскиот пакт.

Токму тие денови, две – три недели по паѓање на ѕидот Колегиумот на Редакцијата на „Нова Македонија“ одлучи да прати свој човек во Берлин за да известува од тамошните настани и развојот на ситуацијата. И така заминав за Берлин. Се сместив во најголемиот хотел во центарот на Источен Берлин до телевизиската кула на Алксандар плац, „Штат Берлин“. Сега е во приватна сопственост и има сосема друго име. Фоајето наликуваше на железничка станица. Луѓе непрекинато влегуваа и излегуваа од него. Регистрирање во Меѓународниот прес центар, каде што вриеше од новинари од цел свет. Таму беа и телепринтерите за праќање на материјалите. Понекогаш,  ги користев и телепринтерите на комерцијалните претставништва на македонските компании во Источен Берлин.

Инаку, во главниот град на Источна Германија допатував спроти одржувањето на вонредниот конгрес на тогашната Единствена социјалистичка партија на Германија. Во меѓувреме лидерот Ерик Хонекер поднесе оставка, истото го направи и неговиот заменик Егон Кренц. Тие денови властите упатуваа повици за мир и разум. Имало обиди некои демонстранти да навлезат во воени објекти или во објектите на органите за безбедност. На општо изненадување со огромно мнозинство гласови за нов претседател го избраа тогаш младиот адвокат Грегор Гизи. Тој, денес 71 годишен политичар се уште е активен во политиката и е член на германскиот парламент од партијата – Левица. Единствениот е од активните политичари учесници во настаните пред 30 години. На конгресот тој го соголи сталинизмот во партијата и во државата, но и корупцијата и злоупотребите во нив. Конгресот успеа за кратко да го спречи распаѓањето на партијата. Некои идеи и теми беше одлучено да се разгледаат на вториот чин од конгресот, закажан за по неколку дена.

Паралелно со конгресот на ЕСПГ подалеку од светлината на денот се одржуваа средби и се организираа настапите, па и наредните конгреси  на партиите на либералите на демохристијаните, на тогаш најјакото опозиционо движење „Новиот форум“ и други. Полека партиите од запад почнаа да бараат свои истомисленици на истокот. И да ги организираат и да им помогнат во подготовките на изборите закажани за наредната година. Подоцна се покажа дека заложбите и напорите на традиционалните германски партии не беа залудни. На првите демократски избори во Источна Германија одржани во март 1990 година победија токму партиите кои имаа западна помош. Демохристијаните на Хелмут Кол и либералите на Ханс Дитрих Геншер, инаку роден во Хале - Источна Германија. А оние движења и партии, кои што запалија факелот на промените останаа на периферијата. Што се покажа и кај нас. Организираните партии го преземаат приматот.

Колку и да не се слушаше ехото од протестите во Лајпциг, и во Дрезден и други градови, сепак токму таму непартиската опозиција собрана околу движењето „Нов форум“ го кроеше идниот развој на земјата. Особено по првиот дел од конгресот на ЕСПГ. Дали треба да се оди во конфедерација со СРГ, дали е можно создавање на четврт рајх? Дали работите треба да останат статус - кво? Од реакцијата на присутните на демонстрациите можеше да се суди. Со свирежи се дочекуваат оние кои се за статус-кво, но и оние кои се против „Голема Германија“. „Германија – една татковина“ пишува на бројните транспаренти. Тежиштето на промените во Источна Германија полека се преместува од барања за демократија и слобода, кон прашањето за нејзината идна поврзаност со Сојузна Република Германија. Во Берлин тие денови допатува и канцеларот на СРГ, Хелмут Кол, на собирот на претставниците на христијанско - демократските унии од двете Германии. Мотото на собирот „Ние сме еден народ“ и „Слобода и единство“. Кол полека но сигурно го поставува колосекот по кој ќе се движи обединувањето на двете земји. Наспроти тоа социјалдемократите во Западен Берлин се изјаснуваат да нема враќање на границите од 1937 година, а истото го тврди и Грегор Гизи, повикувајќи се на изјави од Горбачов дека нема промена на границите меѓу двете Германии. Во меѓувреме некои анкети покажуваат дека речиси 40 проценти од испитаниците се за обединување, а 58 проценти против.

Во Источен Берлин тие денови допатува и американскиот државен секретар Џејмс Бејкер, но неговата посета паѓа во сенка на барањата на демонстрантите ширум Германија, а најмногу од Лајпциг. Транспарентите го покажуваат расположението на демонстрантите. „Ние сме Германци“ или „Подобро колплантажи отколку социјалистички експериментални фарми“. Игра на зборови. Kohlна германски е зелка, но и презимето на канцеларот на СРГ. Противниците на обединувањето, пак, велеа нејќеме „(Кол)онијализам“. Инаку тие денови се очекуваа официјални посети на Хелмут Кол и на Франсоа Митеран. А вториот чин од конгресот на ЕСПГ заврши со пеење на Интернационалата и тоа на предлог на претседавачот, потег кој што никој не го очекуваше и делуваше збунувачки за делегатите на конгресот.

Симболот на уништување на Третиот рајх – Дрезден, срамнет буквално со земја од сојузничките авиони на почетокот на 1945 година, тие денови, особено по посетата на Кол и разговорите со премиерот Ханс Модров и резултатите од нив, некои го нарекуваа симбол на раѓањето на нова германска држава. Се доби впечаток дека тој 19 декември 1989 година ќе биде денот – меѓник во историјата на германскиот народ по Втората светска војна.  Во Дрезден почнаа да сраснуваат првите делови од она што е одвоено во 1945 година. Практично, градот  стана првата станица на  патот на приближувањето на двете Германии. Кол зборуваше за конфедерација, Модров за договорна заедница. Јасно стана дека нема враќање назад, а формата на интеграција во моментот е споредна. Кол донесе со себа „божиќни пакети“.  Со желба во иднина да ги има уште повеќе. Од неговиот „пакет“ ѕиркаа десетина милијарди марки, што директни инвестиции, што заеднички вложувања. Но се’ е под мраз до првите слободни избори. Истиот ден Кол и Модров ја отворија и Брандебуршката порта. Кол зборуваше и за правото на самоопределување на германскиот народ, во тие рамки и на граѓаните на ГДР. Сепак притоа тој додаде дека и натаму е „за единство на нацијата што историјата треба да го потврди“. Така и бидна наредната година, а Кол стана Канцеларот обединител.

Како стојат работите денес? Од западот кон истокот потекоа милијарди марки, а и денес се уште течат – евра. Може да се зборува за стотици милијарди. Но не е се’ во парите. Луѓето од истокот се чувствуваа како граѓани од втор ред. Многумина останаа без работа. Нема веќе социјални благодети. Народот треба да се привикнува на конкурентност. Тешко е да легнеш во една, а да се разбудиш во друга држава. Со свои закони и свои правила, за тебе дотогаш непознати. И нормално е што во такви услови се јавува партија „Алтернатива за Германија“, која ги потхранува чувствата на граѓаните од истокот. На исток таа освојува околу 25 проценти од гласовите и полека ја надминува „Левица“, за која источниот дел од Германија е бастион.  Може официјално да се тврди дека економскиот и социјалниот јаз помеѓу Западна и Источна Германија исчезнува, но има работи кои не се купуваат или не се создаваат со „истурање“ пари.

Што се може да се научи од приказната за германското обединување? Прво дека вештачки подигнатите ѕидови, кога тогаш ќе паднат. Потоа треба да се има план што се сака. Да се работи на него, но и да се имаат добри преговарачи. Кол беше главниот преговарач на средбите на врвот. Тој до денот на својата смрт му изразуваше благодарност на Михаил Горбачов кој се согласи да потпише договор за повлекување на руските воени сили од Германија. Но, уште поважно е што Горбачов се согласи формулата „4 плус 2“ за преговорите за Германија, да се промени во „2 плус 4'“, притоа тој веројатно ја убедил или влијаел за тоа и премиерката на Велика Британија Маргарет Тачер, која исто така беше мошне резервирана околу идното обединување на Германците. Што значеше ова? Според првата формула четири земји одлучуваат за иднината на две други(СРГ и ГДР). Додека според втората формула, двете држави одлучуваат за својата иднина, а за тоа ги информирани четирите други. Овде е важно дека барањата на демонстрантите се радикализираат. Како и барањата на преговарачите. Германците зборуваа за конфедерација или за договорна држава, но се случи обединување! Вештина е да добиеш тоа што го сакаш.

Потребен е амбиент за завршување на некоја работа. Внатрешен во државата, но и пошироко, ако работите зависат од надворешни играчи. Тогаш амбиентот го создаде СССР, поточно Горбачов со Гласноста и Перестројката.  И тргнаа демократските промени во целиот источен блок. А брановите ги зафатија и Југославија и Албанија. Многу важно е во услови кога има амбиент за промени, кој ќе го запали факелот на промените. А уште поважно е кој ќе се насладува на тие промени. Обично интелектуалците и младите се тие кои го палат факелот, а етаблираните партии се насладуваат на промените.

Поаѓајќи од сето ова може да се каже дека Македонија нема научено ништо од туѓите искуства. Ај, не Македонија, македонските политичари и нивните советници. Тоа може да се види на примерот на Преспанскиот и договорот со Бугарија, а неодамна и со ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговорите за членство во ЕУ. А порано и за Охридскиот договор. Не разбраа дека планот што сам ќе си го направиш е вистинскиот. Дека за се’ треба да имаш подготвено најдобри преговарачи, кои ќе бидат водени од интересот на државата. Да не зборуваме за амбиентот. Ѕидовите пред Македонија ќе паднат, но не се знае кога. Доколку навреме не се превенира, тогаш барањата на преговарачите од спротивната страна само ќе се радикализираат.

Сознанието дека изминаа 30 години од падот на Берлинскиот ѕид е само факт кој покажува дека промени се можни, но дека и после три децении тие не се завршени. Можеби ќе треба да поминат уште толку децении, па да се зборува за сраснување на две исти тела во едно. Сега како што се работите источната гранка од германското дрво се уште се бори да стане како западната во секоја смисла.

 А што да се каже за нас? Можеби Макрон донекаде е во право. Ако триесетина години нашиве политичари не сфатија или намерно не сфаќаа што се бара од нив, нека им се дадат уште триесет години за тоа. А народот ако ги сака такви нека ги трпи. Или пак Макрон нека се обиде да создаде амбиент за наше прифаќање, а потоа нека помага, со пари од фондовите, со испраѓање луѓе во судовите, во обвинителствата, во власта, во полицијата и во армијата. Старата партиска елита да остане без власт.


 Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок