Гости од цела Европа уживаат во убавините на Крушево, туризмот се развива
Објавено во: Економија 04 Јули, 2016 10:10
Туризмот во Крушево е во постојан подем последниве години, а тоа го покажуваат и статистичките податоци.
Од одделението за локален економски развој во општина Крушево велат дека лани имало 19.605 домашни туристи, кои оствариле 46.522 ноќевања, а странски гости имало 2.703 во 2015 година и тие оствариле 11.302 ноќевања.
„Туристи најмногу има во летниот период, мај, јуни, јули, август месец, додека траат параглајдерските купови. Доаѓаат луѓе од секаде, буквално од цела Европа, Англичани, Финци, Словаци, а од Македонија претежно доаѓаат луѓето од поголемите градови. Во зима има туристи додека трае распустот за учениците. Во градот има 60 категоризирани објекти за сместување на туристи, приватно сместување со 594 легла. Има скокови и падови, но правиме напори да се развива оваа гранка“ - вели Коста Мицкоски, раководител на одделение за локален економски развој во општина Крушево.
Туристите доаѓаат во Крушево за да избегаат од летните горештини, да уживаат во чистиот воздух, да ги посетат историските споменици и секако Спомен куќата на музичката легенда Тоше Проески. Во градот може да се посети и влашка соба со сите елементи кои се специфични за влашката култура. Крушево има карактеристична архитектура и тесни улички кои им оставаат впечаток на гостите.
„Гостите престојуваат два до три дена за време на викенд. Сум имала гости од Србија, Турција, Индија, Руси, параглајдеристи кои доаѓаат заради спортот тука. Највеќе ги привлекува природата, доаѓаат за да го видат манастирот на Тоше“ - вели Даница Кондовска, која издава соби за туристи.
И Никола Христоски кој издава соби за туристи вели дека од домашните гости најбројни се скопјани, но кај него престојувале и Хрвати, Холанѓани, Германци, Пољаци.
„Од она што ми го кажувале им се допаѓа природата, комуникацијата на луѓето, храната, цените, рестораните, сетоа тоа на едно место. Во зима е убаво поради снегот“- додава Христоски.
Од Крушево вообичаено туристите си заминуваат со сувенири и познатиот крушевски локум.
С.А.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар





