28 Март, 2024
0.0244

Турска баклава и индиски ориз

Објавено во: Колумни 20 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Една бессона ноќ, вртејќи се во постела и размислувајќи за минатото деноноќие, се навратив на еден разговор со моја дипломка која дента го одбрани својот дипломски труд можне успешно, а посебно продуктивен беше разговорот кој се водеше во текот на одбраната, а за тоа придонесе  исклучиво провокативната тема која се однесуваше на влијанието на масовните медиуми врз насилното и агресивно однесување на младите.

Во текот на разговорот, аргументирајќи за темата се изнедри и една дебата и за квалитетот на програми и видови на содржини кои се емитуваат на нашите медии.  И самите заклучоци од дипломскиот труд, базирајќи се на истражување и релевантни резултати, а и секако општо прифатено беше мислењето дека не се прави селекција кога станува збор за видот на содржини кои се пласираат на нашите медиуми и тоа без разлика дали станува збор за медиум со национална концесија или некоја локална телевизиска станица.

Во последно време и информативните емисии се извитоперија

Несоницата не поминуваше и стимулирана од дебатата која ја водевме ме поттикнаа да го земам далечинското в раце и да “прошетам” низ телевизиските канали. Морам да признаам дека имам навистина малку време за редовно следење на телевизиските програми и немам доволно сознанија што се оди во етерот, секако можеби не е оправдание научната и интелектуална посветеност, а секако и домаќинските задолженија, но во последно време и информативните емисии се извитоперија и немам едноставно желба да следам програми на некогаш ми омилената “шарена кутија”. Првиот шок ми беше истоветноста на неколкуте канали, а таа истоветност се однесуваше на сериски филмови. Да биде трагедијата поголема со појачување на гласот во уши ми одзвонуваа постојано исти гласови без оглед на кој канал да свртам. Си помислив дека преморот го направил своето и дека сонот полека ме совладува и решив да го продолжам моето социолошко истражување следниот ден, секако во понормални услови, посвежа и со рационален дискурс.

Утрото интересно почнува на повеќето медиуми со контактни програми, некои продуктивни секако, и од научен и од животен аспект, но некои повеќе (можеби не прикладен израз и се извинувам заради тоа) сеирџиски, од аспект на потсмевот кон одредени животни ситуации и маките на луѓето кои ги тиштат и сакаат да ги споделат со некого. Па имате кавги, па постојани гледачи кои веќе виртуелно се познаваат меѓу себе, некои се подржуваат, некои се обвинуваат, а дел од водителите со сериозен изглед на лицето сочувствуваат со нив.

Кичот и шундот го има во изобилие

Нејсе, поентата на писаниево ме вдахнови во претпладневните часови кога почна напливот на серии. Ау не ми се верува, фрапирана останав кога со часови и часови се репризираат турски и индиски серии на поголемиот број на телевизии. Седам, гледам и слушам и едно време настана тотална забуна кај мене, чекај си реков и се соземав, на кој канал сум, истите гласови, истите викотници, молидбеници, изрази на љубов, интриги, моменти на би па и полигамија, неверство, подметнување и во одредени сегменти насилство во изобилие.

А за кичот и шундот да не говорам, тоа е за друга колумна, само накратко, го има во изобилие.  Поентата на сите до некаде слична-неостварена љубов, прикажана некаде на идиличен начин, со многу перипетии на моменти бизарни и смешни, многу импровизации, солзи-некогаш таговни, некогаш радосници, на моменти акциони возбудувања и сето тоа крунисано со заткулисни игри. Леле дури на момент и да се вознемириш, но не од содржината, туку од истоветноста на гласовите, монотонијата на звуците, постојаното повторување и колку и да сакате да видите нешто друго, останувате заробени во турско-индиските содржини. А нивната најава е приказна за себе-бомбастична, со потенцирање на жалопојка или сага за невозвратена љубов, просто да ве измами со нетрпение да ја дочекате следната епизода.

Во вечерните часови агендата се повторува, но нова лимунадичка со нова епизода, но и со понекое освежување-ново реално шоу од типот на Големиот брат или Фарма. Да да замислете шоуа од кои може “многу да се научи” и кои се “исклучително потикнувачки”. И го гасите телевизорот после полноќ и една ретроспектива на дневната тв-агенда....серии, серии, по некоја информативна емисија која на некои ќе им ја згрее душата, а на други ќе им го поткрене желудникот, потоа шоуа и пак исто, тоа па тоа.

Треба да се загрижиме за културниот хабитус на нашата младина

Што после тв-шокот може да заклучиме....што ќе научат младите, какви модели за идентификација и имитација им нудиме...каде се емисиите и содржините кои треба културно да ги оплотат и културно да ги надградат идните генерации кои ќе бидат творци на нови општествени промени? Категоријата на повозрасни граѓани и можам до некаде да ги разберам што гледаат серии, ќе научат некој нов рецепт па ќе зготват индиски ориз со поинакви зачини или поинаква сукана турска баклава, но и за нив се сериите опасни бидејќи се соживуваат со нив и се опасни по здравјето...но шегата на страна, лошо е за младите. Ако се појде од претпоставката дека скоро секое дете во својата соба има телевизор и не е имуно на турски серии, од друга страна му се сервираат шоуа кои имаат егзибиционистичко-воајерски карактер во тој случај треба да се загрижиме за културниот хабитус на нашата младина и ако не преземеме нешто во поглед на иницирање за нови културни содржини и детски емисии кои ќе имаат поучна поента ќе ни се случи да не навјаса масовната култура и турбо фолкот да ни стане основна национална преферирана музика а кичерајството стил на живеење.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?