01 Декември, 2024
0.0427

Убиството на Дарја Дугина – нов лак на воената спирала!

Објавено во: Колумни 22 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Во саботата навечер непознати лица поставија експлозив под џипот во кој се возеше  ќерката на филозофот Александар Дугин, Дарја. Во експлозијата таа загина. Имаше 29 години. Во Русија ваквите убиства многу често беа дел од пресметките меѓу олигарсите или меѓу бандитите во деведесеттите години од минатиот век. Хрониките од тоа време се полни со речиси  секојдневни расчистувања на сметките. Убиваа ако должат или пак ако им должат, но и за отстранување од криминалниот грабеж на Русија.

Експлозијата се случи на југозападот од Подмосковје. Дарја Дугина се враќала од фестивалот „Традиција“ на кој била заедно со татко си. Станува збор за патриотски фестивал, организиран од луѓе кои ја поддржуваат руската инвазија на Украина. На него настапил и Александар Дугин, кој е еден од идеолозите на „Рускиот свет“. По завршувањето на фестивалот тој и ќерка му требале заедно да заминат, но Александар во последен момент седнал во друг автомобил. Но тој стигнал на местото на несреќата и според очевидци бил во шок. А потоа наводно завршил во болница. Според ТАСС, експлозивот бил со еквивалент на 400 грама тротил. Истражниот комитет разгледува разни верзии, а една од нив е и обид за атентат врз Дугин.

Александар Дугин е филозоф и политолог, кој разработува многу идеи, а една од нив е и „евроазијството“. На Запад го сметаат за мозок и учител на Путин, но во суштина тој речиси и не се знае со Путин. Дугин е роден во семејство на генерал на военото разузнавање. Во времето на Советскиот сојуз тој бил член на разни кружоци, кои се занимавале со величието на Русија или пак националистички и антисоветски. Во 1993 година застана на страната на противниците на Борис Елцин, кога овој пукаше во Парламентот. Подоцна заедно со писателот Едуард Лимонов и музичарот Јегор Летов ја основаа Национал болшевистичката партија. Потоа е советник на претседателот на Државната дума Генадиј Селезњов, па професор на Московскиот државен институт, но од таму е избркан во 2014 година поради повици за убиства на луѓе кои вршат ѕверства врз Руси во Украина.

ТАТКО И ЌЕРКА СОБОРЦИ

Дугин е основач на евроазиското движење. Идеологијата на евроазијството се состои во геполитичката борба меѓу „Копното и морето“. Морски држави се САД и Велика Британија, а копнени Русија и државите Истокот. За него идеална форма на управување е монархија. Според руски извори Дугин никогаш не се сретнал со ПУтин, ниту бил негов „советник“. Тој не влијаел ниту врз старите соработници од некогашното КГБ, кои сега се во опкружувањето на Путин. Има тврдења дека со Дугин контактираат луѓе од Федералната служба за безбедност, чии погледи и идеолошки сфаќања се блиски со оние на Дугин. Бизнисменот Константин Малофеев го поддржува финансиски Дугин. Овој во 2020 година од Малофеев сакал да направи “руски Трамп со советник Дугин“. Но Кремљ кренал рачна. Има претпоставки дека некои идеи на Дугин можеби се дојдени до Путин, преку луѓе од безбедноста, кои нив ги искажуваат како свои. Дугин го нарекуваат и „инфлуенсер“ чии идеи постепено преминале од маргинални во „мејнстрим“. Но повеќе станува збор за обид за визионерство. Кое секако се совпаѓа со сегашните ставови на руското раководство, а не дека тој ги диктира нив. Од 2014 година Дугин е на санкциониот список на Западот.

Што се однесува до Дарја Дугина, таа има завршено филозофија на Московскиот државен универзитет - Ломоносов(МГУ). Во последно време работеше со татка си, а и како аналитичар, новинар и прес секретар на татко и’. Таа го поддржуваше влегувањето на руските војски во Украина. Како филозоф, соборец на својот татко, ги споделува неговите филозофско-политички теории на евроазијството. Некои и предвидуваа блескава кариера. Таа е и многу добар пропагандист. Соработува со многу провладини медиуми. Пишува, како и во филозофските текстови, со псевдоним Дарја Платонова, бидејќи Платон и бил еден од омилените филозофи. Била на научен престој во Франција, каде контактирала со национал-болшевички движења. Повеќе од се’ неа ја интересирала европската нова десница, на која им давала шанси за победа врз либералите. Го поддржувала „Народниот фронт“ на Марин Ле Пен на изборите.

Дугина ја поддржува војната во Украина. Се разбира и Владимир Путин. Таа го обвинува Емануел Макрон дека за време на негвото птретседателство не сторил ништо да ги заштити жителите на Донбас. Таа се пројави и како активистка, одеше на Донбас во Марипол, во „Азовстал“, каде што се криеја украинските војници и од таму прави репортажа-интервју. Ако на Дугина и било предодредено да биде филозоф, бидејќи и мајка и’ била филозоф, таа сепак се истакнува и во други области. Се занимавала со електронска музика. Свирела флејта. Имала истенчен вкус. Во научните дискусии ја привлекувале сложени теми. А во еден момент се заинтересирала и за православието.

КРАЈ НА ЗАПАДНИОТ ТОТАЛИТАРИЗАМ

После 24 февруари таа е вклучена во санкциониот список на САД и два пати е вклучена во санкционите списоци на Британија и на Австралија. „Два пати беше поради тоа што се менувала смената на тие кои ги правеле списоците. Не најдоа некого подобар да стават, па ме ставија мене во списоците, обичен новинар кој нема никакви активи“, има изјавено таа за радиото „Комсомолскаја правда“. Британските власти ја вклучиле во списоците поради тоа што била „чест и познат извор на дезинформации за Украина и руската инвазија, ја поддржува и ја спроведува политиката или активностите, кои ја дестабилизираат Украина, ја поткопуваат или се закана за територијалната целосност, суверенитетот или независноста“.

Медиумите во Русија пренесуваат дека нејзиното последно интервју било дента кога загинала.  Во една телевизиска програма во која учествувала како експерт Дарја Дугина рекла дека „дошол крајот на западниот тоталитаризам“. „Специјалната воена операција, тоа, ми се чини, е последниот клинец во капакот од сандакот на тој светски хегемон“, изјавила Дугина. Во коментар таа ја нарече еколошката агенда, борбата на трансродовите луѓе за нивните права, „претворањето на луѓето во хомосексуалци“, како и веганството и фриганизмот, алатки со кои Западот се обидува да го фрагментира општеството и да го намали неговото население. Намалувањето на населението, според Дугина, е корисно за претставниците на либералниот тоталитаризам...

Убиството на Дугина веднаш поттикна потрага по извршителите или нарачателите. Тероризам, повикуваат едни. Тоа го направија „терористи од украинскиот режим“, изјави Денис Пушилин првиот човек на Доњецката народна репубика. Други повикуваат за уништување на центрите каде што се носат решенија. Не напоменувајќи кои се, но ако се знае дека Русија се закани дека ќе ги бомбардира и дека дури беше направена карта на таквите центри во Украина тогаш се’ е јасно. Наводно и Дугин им рекол на истражните органи дека во последно време добивале закани преку социјалните мрежи од „украински националисти“, но не им придавале значење. Некои тврдат дека Дарја Дугина имала непријатели во либералното лоби во Русија. Таа имала закани од него. Се тврди дека веројатниот убиец е уапсен откако е направен фоторобот. Но за ова нема официјална потврда.

КРЕВАЊЕ ТЕНЗИЈА

Политологот Сергеј Марков смета дека нарачател може да биде военото разузнавање на Украина, Службата за безбедност на Украина и трета варијанта би бил конфликт со криминалци. Има и четврта варијанта, а тоа се антитурските сили, бидејќи Алекдандар Дугин активно ја поддржува Турција, посебно претседателот Ердоган, во последново десетлетје. „Овој атентат има цел да ги заплаши сите кои во медиумите активно истапуваат со поддршка на специјалната воена операција.“, рече Марков. Се јави и Марија Захарова, портпаролот на руското МНР. Според неа доколку се утврди украинска трага, тогаш треба да стане збор за државен тероризам, реализиран од киевскиот режим“.

Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли тврдењата дека Киев стои зад убиството на Дарја Дугина. Украина, се разбира, нема никаква врска со вчерашната експлозија, бидејќи ние не сме криминална држава, како Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава, изјави за новинарите советникот во претседателскиот кабинет Михаил Подољак. Според него, Русите креваат тензија за да постигнат јавна мобилизација, а не прикриена. Подољак вели и дека во Русија сега има различни политички групи кои се борат меѓу себе за да го прераспределат внатрешниот идеолошки простор во земјата.

Рускиот опозиционер, избеган во Украина, Илија Пономарјов, тврди дека зад убиството на Дугина стои „Навионалната републиканска армија“. Според него партизаните сметале дека во џипот нема да биде само Дарја, туку и нејзиниот татко. А датумот на атентатот е одбран според истиот ден пред една година кога Александар Дугин напишал дека „треба да се убива“. Тој изјави дека покрај овој атентат имало и други акции од НРА. Но според западни извори Пономарјов не е многу за верување.

АНТИУКРАИНСКО РАСПОЛОЖЕНИЕ

Патриотски настроениот новинар од Украина Јуриј Бутусов во својот коментар вели дека дури и Дугин да бил убиен тоа за Украина би немало никакво значење. Ниту тој, ниту ќерка му во војната немале никакво значење. „Во современата машина на руската пропаганда тие беа мали шрафчиња, кои немаа медиумско значење дури и во Русија. Дугин во Украина воопшто не е споменуван, а уште повеќе во контекстот на „идеолог на војната“, тоа ќе го покажа било кој мониторинг“ вели Бутусов. Според него атентатот врз „малку познатата руска пропагандистка“ ќе биде искористен од властите на Русија за засилување на антиукраинското расположение. Затоа што е потребно постојано создавање мотивација кај населението, за да знаат зошто страдаат, за економските проблеми...„Сега ќе се создаде мит за украински тероризам во Москва, како со експлозиите во куќите пред 22 години, благодарејќи на што Путин дојде на власт.“, рече Бутусов. Сега, според него, Путин ќе создаде нов мит, зашто митот за лошите украински националисти пропадна, и треба нов мит за тоа, зошто сите Украинци треба да се заробат или да се убијат. А за тоа е потребно на телевизија да се покажуваат ужаси, дека Украинците влегле во Русија и дека тоа е голема закана.

Сергеј Пархомнеко, некогаш познат и голем новинар во Москва, на својот ФБ профил напиша: „Сепак, постои една важна околност што не треба да се заборави, кога се бараат веродостојни верзии за објаснување на неуспешниот обид за атентат врз Дугин (сепак, мора да се тргне од фактот дека тој обид бил за него). Факт е дека Дугин е празен нарцисоиден меур, апсурден позер и дрзок фалбаџија. Впрочем, тој немал и нема никаква улога во ниту еден политички настан или процес, не влијаел и не влијае на ништо позначајно и не претставувал и не претставува никаква вредност за какви било политички одлуки или перспективи. Тој не е никаков „духовен татко на Путин“, не „засадил“ никакви „идеи“ во главата на фараонот и никогаш не бил „идеолог“ на каква било „империјална политика“. Значи, ако во нечии глави би можела да се формира слика за планетарната големина на оваа духовна фигура, тогаш тоа е  во навивачките. И ако некому може да му се причини кандидат за улогата на „света жртва“ во овој ситен измамник, тогаш ним, на КГБ-овските и ГРУ-вските глупаци. Така што своите и убија. Поточно, се обиделе да убијат, но ни тука не можеле. „Фатеноста“ во рацете повторно се почувствува: ракописот е ракопис, не можеш да го смениш“, се потсмева Пархоменко на руските служби додавајќи:„ На еден Петров  со уште еден Боширов им нарачале. А други кај да најдеш“, алудирајќи на луѓето кои беа осомничени дека учествуваа во труењето на Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во Англија.

Убиството на Дугина доаѓа во момент кога и на Запад и во Русија низ заби се зборува за некакви преговори. Сега ќе почнат истраги ќе има осомничени. Можеби ќе им помогне на истражителите и луѓето од  „Билингкет“ кои досега успешно работеа на откривање на некои акции на руските специјални служби. Скрипаљ и Алексеј Наваљни, на пример. Шегата  настрана. Терористичките напади и саботажите зад непријателските линии се незаменлив елемент на секоја војна. Ова што се случи во Подмосковје и што се случуваше изминативе денови во Крим е реалност на војната и воената тактика. Што значи дека допрва ќе може да ги гледаме и во позадината на фронтот во Украина и во позадината на Русија. А можеби и подалеку во длабочината на двете држави.

Да не заборавиме дека Украина веќе со месеци зборува за некаква контраофанзива. Десетина илјади нејзини војници се на подготовки во Британија. САД постојано, речиси секој месец, најавуваат стотици милиони до една милијарда долари современо оружје за Украина. Британија, Германија веројатно се’ уште имаат воени резерви да и испорачаат на Украина. Русија демонстрира нови оружја и закани со нив. Може да се случи да дојде и до поголема мобилизација. А убиството на Дугина да се искористи за додавање на нов лак во воената спирала. Војната одново да се разгори по сегашното „затишје“. А потоа сите ќе го заборават Дугин и убиството на неговата ќерка. Се до некој нов атентат. Било во Русија, било во Украина.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.