20 Април, 2024
0.0248

Убоста на животот – некогаш и сега

Објавено во: Колумни 08 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Времето во кое денес живееме го обележуваат низа продуктивни настани, процеси и промени кои ги сменија и подобрија условите за живеење на милиони луѓе. Имено, од една страна имаме бум на технолошко-техничкиот развој, енормен напредок на полето на информатичката технологија, итање со брзи чекори на научни достигнувања во областа на фармацијата, медицината, машинството, но и во рамките на општественио сегмент. Обичниот човек доколку го натерате да направи паралела за животот некогаш и сега и придобивките кои се дел од современиот животен модул, без тронка двоумење ќе ја нагласи предноста на денешниот животен стил со сите бенефити, специфики, па дури и недоследности, но сепак ќе ја потенцира дискрепанцата која може да се назре помеѓу живеењето пред триесетина години и денес.

Но ако проанализира добро, обичниот човек, кој е мудар и прониклив, секако ќе забележи и одреден куриозитет, дека денес живееме во поголеми куќи, а помалку се гледаме и емоционално доживуваме меѓусебно, дека имаме најсовремени сретства за комуникација, а помалку комуницираме, дека информациите ги добиваме во секунда, но доволно не ги искористуваме, дека почесто се гледаме и среќаваме трчајќи низ животот и постојано бркајќи го времето, а помалку искрено се доживуваме и почитуваме.

Дали на површина испливуваат затскриените човечки желби и нагони за страст, слава, доминација, егоизам

Искрено одредени животни настани ме изместија од колосек и ме натераа на мисли и размисли кои пред неколку месеци ама воопшто не биле дел од мојот мисловен дискурс. Дилемите кои сами по себе се наметнаа ми предизвикаа сериозни размисли околу следниве прашања: Дали општеството и времето во кое живееме не прави поинакви од нашата исконска суштина, дали вредностите и стандардите кои совремието ги наметнува кај нас ги развиваат поривите за себедокажување и постојано напредување, дали на површина испливаат затскриените човечки желби и нагони за страст, слава, доминација, егоизам и егоцентризам?

Обидувајќи се да најдам едноставен одговор на поставените дилеми се повеќе заглибував во нови прашања, кои сами по себе ми се наметнуваат, и кои повторно ме враќаат на почетната позиција-моето место денес, во современото општество во кое битисувам, мојот однос со ближните и драги луѓе, мојата склоност кон совршенство-од аспект на реализирање на секоја интенција и активност, мојата желба за успех на повеќе полиња, мојата потреба да бидам чуена за значајни прашања кои се на одреден начин социолошки феномени, мојата исконска желба да придонесам за развој во сегментот во кој сум компетентна и стручна и се така во недоглед.... Уф размисли, потреби, желби и аспираци  кои ќе се нижат како бисери, постојано и постојано надовзувајќи се едни на други, се додека не стежнат како олово на мојот врат.

Стануваме егоисти, сакајќи или несакајќи

Дали се оттуѓуваме едни од други, дали искрено сакаме, даваме и се радуваме, дали алтруизмот и космополитизмот искрено ги потенцираме и дали совремието ни дозволува на површина да ги изделиме и истакнеме сите позитивности кои нас не красат. Дефинитивно не можам да дадам потврден одговор на секое прашање и лесно да ја решам секоја дилема. Само едно знам, дека трката по успех секојдневен, трката по нови предизвици, борбата за качување на пиедесталот на најдобрите само придонесува за наша алиенација и изолираност. Стануваме егоисти, сакајќи или несакајќи, се одделуваме, а некогаш и ги повредуваме блиските-намерно или случајно со една цел, да се заштитиме себеси, полека ја губиме човечката димензија која длабоко тле во секој од нас и потиснувајќи ја не дозволуваме да се изнедри на површина.

Она што ме плаши е апстрактното во совремието, хипокризијата, која ни се наметнува и во некои случаи ја прифаќаме, индолентниот однос, безволноста и апатичноста кои знаат да не зграбат и да не држат потиштени....бегаме едни од други и наместо исконско и искрено пријателство се раѓа пријателство од интерес, наместо чиста и благородна љубов се наметнува љубов како потреба,наместо емотивно разголување пред најблиските се случува совесна крутост и се така во недоглед.

Воскликнете La vita e bela

Еден настан, една животна судбина, еден миг може да ви ги промени постојаните животни текови. Затоа воскликнете La vita e bela и уживајте во секој миг, но уживајте вистински, хедонистички, зграбете го животот и трчајте низ него со полна пареа бидејќи е еден и единстве, неповторлив, искористете ја шансата да бидете со ближните и драги луѓе почесто, шепнете им или гласно изговорете дека ви значат, направете го секој миг величествен бидејќи она што денес ќе се случи утре е веќе минато..А колку е убав животот и секој животен миг вреди да се вдише со полна плуќа и да се живее на начин кој му доликува само на вистинскиот човекољубец.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок