20 Јули, 2019
0.0419

Учителска

Објавено во: Колумни 25 Март, 2019

Еден од најчесто презентираните објекти  на разгледниците од предземјотресно Скопје, секако, е впечатливото здание на Учителската школа.Сега тука се наоѓаат привремените објекти на Општина центар.На некогашниот воен објект од  турско  време и на прочуената Учитељска школа од српско,но и на силното германско митралеско упориште од ослободувањето на градот и накратко образовна привремена установа за малите скопјанчиња додека не се изградени повоените училишта урнат по 1963-та, потсетува порталот со масивна влезна врата,неколку столбови и неколку басамаци.Да не е во близина Матично , тука младите понекогаш  прават фото-сеанси за вечен спомен, овој остаток ќе го проголташе забот на времето.Но,сега скоро се јавија советниците од една турска општина-збратимена со Центар и со гордост го соопштија своето решение да ја ретаврираат оваа знаменитост-на општа радост и одобрување на скопјани.

Тоа и ме натера да пробуричкам и пронајдам некои сведоштва што ќе потсетат на минатите времиња кога на влезот на Градски парк гордо стоеше објектот опкружен со стогодишни стебла на диви костени и до кој се стасуваше по калдрма чии остатоци овде-онде ги има и денес.

Според сеќавањата на стариот(Ѓока Мојсиќ) кој во раните 30-ти се запишал во Учитељска благодарение на Тресончанецот –градоначалник Јосиф Михајловиќ(до ден- денес ненадминат татко на Сопје) школата била организирана по тогашни супер стандарди.Учениците од сите краишта на Јужна Србија живееле во интернат во рамките на објектот,имале врвни воспитувачи(тогаш учител било почитувано звање) а самите се издржувале со работа во столарска работилница и перејќи ги сопствените и алиштата на соучениците во перална на неколку, за тоа време, современи машини.Ја памтеше посетата на кралот Александар Караѓорѓевиќ во 30-те,како и повеќекратниот престој на Патријархот Вартоломеј и на високиот црковнодостојник Јосиф.Сите идни учители морале да бидат,покрај знаењето,врвни фискултурници и да свират на понеколку инструменти.

Од случаен разговор со мојот долгогодишен пријател и колега од одборот на Бадник Коле  и од дебармаалецот Скубе дознавам дека и тие првите одделенија од школувањето ги завршиле во Вежбална, во Учителска,а потоа продолжиле во новите објекти –Коле Неделковски и 29-ти Ноември.Живо се сеќаваа на се,а најголем впечаток сепак оставила огромната фискултурна сала со сите справи за вежбање.Во 50 и некоја тука била и една од халите на саемот(другите две во Женска гимназија и НАМА), каде што се чекале редови да се проба готова супа(мајка ми ја викаше петлечка супата на Подравка).Во дворот на гимназијата кај споменикот имаше земјоделска изложба, а во кобожем стоковната со дебел слој прегорено масло на подовите се излагале стоки за широка потрошувачка –работен успех на штотуку застанатата на нозе АВНОЈСКА,односно АСНОМСКА државна творба.

Живеев на улица Дане Крапчев во близината но никогаш или скоро никогаш не сме заоѓале зад масивната ограда на Учителска,во чиј двор имаше и игралишта на кои играа други деца(маалски закон).Нашата активност најчесто зиме завршуваше на улицата 29 Ноември, каде што на аголот со Орце Николов ги пречекувавме Лејландите, кои успоруваа поради свиокот,се фаќавме за задниот браник и се лизгавме се до Апче,каде што имаше автобуска постојка.Некои од дрвата околу Учителска што не беа диви костени имаа долгнавести плодови што ги сушевме ги дробевме, а потоа со помош на тенка хартија ги претворавме во цигари.....глупости на квадрат,ама тоа ти е!

А на оние од Турција да им текнеше да ја реставрираат целата бивша Учителска(за нив касарна или што и да е друго) па ние современиците на нејзините последни денови да си ги освежиме спомените, ако не може да го вратиме времето!!!!!!! 




Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Империјата го возвраќа ударот

Империјата го возвраќа ударот

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

Бугарски турист

Бугарски турист

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле