26 Април, 2024
0.0267

Силен удар врз пазарот на работна сила!

Објавено во: Колумни 17 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Со швајцарскиот референдум за ограничување на доселување на странци и за воведување на квоти зависно од потребите и од можностите  на земјата се извши удар врз пазарот на работна сила во Европската унија, во која Швајцарија не е членка, но со многу договори е интегрирана преку слободното движење на стоките и услугите, на луѓето и капиталот. Ваквиот потег предизивика силни реакции во Унијата, а нејзини претставници веќе предупредија дека со овој чин се доведуваат во прашање и нивните идни врски. Притоа, некои дури и укажаа дека Швајцарија е таа што повеќе ќе загуби од нарушувањето на односите отколку Унијата, со оглед на досегашните економски врски и големината на пазарот на Унијата. И покрај фактот што се презентираа бројни податоци , остана нејасно што мака ги натера Швајцарците да се определат за ограничување на имиграцијата?  Уште повеќе, како  оваа мерка, ќе се одрази врз однесувањето на другите земји, особено ако се има предвид нараснатото антиимиграциско расположение  во земјите кои досега примија значителен број на работници. На прв поглед, со оглед на големината на швајцарската економија, се остава впечаток дека ефектите од одлуката на Швајцарците можат да се контролираат, меѓутоа, проблемот е што по правило ваквиот  тип на одлуки се исклучително заразни. Најлошо е ако тие се сфатат како политика на „чистење на ѓубрето од сопствениот двор“, особено од страна на поголемите имигрантски земји во Унијата. Швајцарија, на некој начин и може да се изолира, бидејќи не е членка на ЕУ и има сопствена валута, меѓутоа, остварување на таква политика од страна на Гермнија, Франција, Велика Британија и други значајни имигрантски дестинации ќе ја поткопаат унијата. Имено, со ограничувањата на пазарот на работна сила се нарушува функционирањето на единствениот пазар и мотивираноста на членките за негово унапредување. Она што е факт, е дека пазарот на капитал кој е значително порестриктивен од другите пазарни сегменти успеа во извесна мерка да ги амортизира неповолните ефекти во  помалку развиените земји од делувањето на високо либарализираните пазари на стоки, услуги и  капитал. Иако не може да се смета за целосна компензација на преливањата на доход од едни во други земји, факт е дека имигрантите во светот трансферирале во своите земји дознаки во различни валути во вредност од 410 милијарди долари, што е три пати поголем износ од средствата што се издвојуваат во развиените економии како помош за помалку развиените во текот на 2013 година. Станува збор за значајни износи како учество во националните БДП во помалку развиените. (Да се потсетиме дека нето трансферите во Македонија учествуваат со над 20% во изминатите две години, што зборува за длабока вклученост во пазарот на работна сила во светот. Друго е прашањето колку е тоа поволно за развојот). Замислете што би се случувало кога би се загрозиле ваквите текови. Токму затоа на потезите кои ги нарушуваат слободните меѓународни текови на стоки и услуги, на луѓе (работна сила) и на капитал треба да им се посветува поголемо внимание. Добро е што, по извесен пораст на протекционизам во трговските односи во времето на кризата, се избегнаа валутни и трговски војни. Проблем е, меѓутоа, што тешко се залечуваат „раните“ од брзото повлекување на добар дел од капиталот од земјите увознички на капитал. Тешко се намалува невработеноста, а и динамиката на економскиот раст заостанува зад остварувањата пред кризата. Големи неизвесности се кријат и од начинот на надминување на кризата, особено поради впумпувањето на повеќе илјади милијарди долари, евра и јени, кои, кога- тогаш, ќе ја покренат инфлаторната спирала и нејзините неповолни последици врз меѓувалутните односи во светот. Во овој контекст, нема сомнение дека отпорите кон имиграцијата се последица на нарушените меѓународни економски односи и на недовербата дека тие ќе се реформираат врз принципиелна основа. Затоа тие се лош знак за идните пазарни текови. Затворањето, односно намалувањето на отвореноста  на пазарот на работната сила ќе предизвика затворање на другите пазарни сегменти. Нереално е да се очекува натамошна либерализација на пазарот на стоки и услуги и на пазарот на капитал доколку намерите за ограничување на имиграцијата се валоризираат во соодветни политики на одделните земји. На имиграционите текови треба отворено и јасно да се гледа како на комплементарен процес на слободното движење на стоките и на капиталот. Дури и како на изнуден процес, со оглед на ефектите од либерализацијата на пазарот на стоки и капитал. Да не се заборави дека во процесите на глобализација пред кризата, поради конкуренцијата од страна на поразвиените економии, во помалку развиените земји дојде до деиндустријализација (која еуфемистички се третира како транзиција), а со тоа и до значително зголемување на невработеноста. Заострените социјални тензии се ублажуваа со извоз на работна сила, а определбите за влез  во Европската унија беа поддржувани поради поради можностите за нормално вработување на дел од невработените во земјите на Унијата и на очекуваниот прилив на капитал за преструктурирање на националните стопанства. Од ова јасно се насетува дека евентуалното пошироко загрозување на остварените слободи на пазарот на работна сила ќе ги загрози и слободите на пазарот на стоки и на капитал. Интерес е на сите земји и на глобалното стопанство  таков развој на настаните да се спречи. Меѓутоа, тоа не е можно без создавање на услови за консеквентно истовремено функционирање на сите сегменти на глобалниот пазар. Неодржливо е да се користат бенефитите од некои пазарни сегменти, а да се ограничуваат неповолните последици од другите. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД