Украина – повод за моделирање на нуклеарна војна
Објавено во: Колумни 30 Јануари, 2023
Влоговите во воените игри во Украина постојано се зголемуваат. Како резултат на досегашните делења има стотици илјади загинати војници од обете страни. Уништено градови, купови оружје и воена опрема. Сега во играта влегуваат тешки оклопни возила, тенкови, и противракетни системи кои треба да спречат евентуална руска офанзива. Патем, за офанзива се подготвуваат и Украинците. Веќе се зборува и за воени авиони и пловила. Веројатно тие ќе бидат новиот влог во играта. А што потоа, ако таа не заврши? Што ако оружјето не донесе мир, како што тврдат од Западот? Војна за мир! Како што тргнале работиве можеби ќе дојде до мир на земјината топка. Но вечен. Без луѓе, без растенија, без животни.
Западот, САД, долго време се откажуваше да испорачува во Украина современо оружје. Се’ почна со испорака на противтенковски ракети, па како се одвиваше војната почнаа да се праќаат артилериски орудија, па ракетни системи со далечен дострел, а пред извесно време и противракетниот систем Patriot, а најавени се тенкови Abrams. Велат ќе дојдат до крајот на годинава или идната пролет. Но, затоа Германците, на кои им се исполни желбата за колективно испраќање тенкови, ги ветија за некој месец. Исто и Британците. Сега треба да почне обуката на екипажите на тенковите. Иако, според некои извори украински екипажи веќе се обучувале во Полска. А исто така дека воени пилоти се во САД на обука за управување со американски авиони. Но овие вести не се потврдени официјално.
„Њујорк тајмс“ деновиве напиша дека решението кое се однесува на испораката на нова порција воена помош, секогаш претставува деликатен компромис од страна на Белата куќа и НАТО. „Иако тие сакаат да го обезбедат Киев со нови средства, за тој да има можност да излезе од ќорсокакот на военото поле, тие сепак не сакаат да го провоцираат претседателот на Русија Владимир Путин кон натамошна ескалација и проширување на размерите на конфликтот“, пишува весникот. Овде има две работи. Прво, дека Киев е во ќорсокак на воен план. Второ, дека се’ уште постои страв од натамошна ескалација на конфликтот.
СТРАТЕШКИ ПОРАЗ
Наводно, дискусиите за давањето на Украина ново оружје почнале откако сателитските снимки покажале дека Русите поставуваат, долж линијата на фронтот, основни и второстепени линии на одбранбените ровови. Па американските владини воени аналитичари годинава ја почнале со прогноза дека 2023 година ќе стане смртоносна пат-ситуација. „Вознемирени од тоа дека замрзнатиот конфликт ќе се покаже од полза за Русија, САД и нивните сојузници почнаа посериозни дискусии во однос на тоа како може да се промени динамиката во полза на Украина“, се вели во текстот. Па се цитира Викторија Њуланд, која зазема висока функција во Стејт департментот: „Ние сакаме нив да ги ставиме во најудобна позиција, што, независно од тоа како ќе заврши овој конфликт, на воено поле, со помош на дипломатски преговори или некоја комбинација од овие две варијанти, Украинците да имаат таква положба на картата, која ќе им донесе максимална полза во иднина и Путин да почувствува стратешки пораз“.
Токму стратешкиот пораз што треба да го почувствува Путин, води кон остварување на стравот од ескалација на конфликтот. Се разбира после изигрувањето на последниот адут во конвенционалната војна. Ако Русија се подготвува за долга војна, тогаш во игра ќе влезат и авиони, а можеби и интервенција на НАТО силите! Русите досега постојано зборуваа за некакви црвени линии, но Западот го зголемуваше влогот во играта и како да ги бришеше тие линии. Па, која е вистинската црвена линија на Русија? Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, постојано тврдеше дека западното оружје ќе биде цел на руските сили. Но зборовите се едно, а реализацијата е сосема друго. Оружјето доаѓаше, доаѓа и ќе доаѓа.
Лани руското Министерство за одбрана изјави дека ракетните војски за стратешка намена, Северната и Тихоокеанската флота, а исто така и Командата на стратегиската авијација се поставени на засилено борбено дежурство. Ова е таканаречената „Нуклеарна тријада“. Министерството го предупреди Западот дека не му вреди да се меша во конфликтот во Украина, бидејќи во спротивно ќе го чека „молскавичен“ одговор. За молскавичен одговор, лани во април зборуваше и претседателот Путин. „Ако некој има намера да се меша во тековните настани од страна, за да и создаде на Русија неприфатливи закани од стратешки карактер, тогаш тие треба да знаат дека нашите контра удари ќе бидат молскавични, брзи. Ние за такво нешто ги имаме сите инструменти, такви со кои не може денес да се пофали никој. А ние нема да се фалиме, ние ќе ги користиме, доколку има потреба. И сакам сите да го знаат тоа“, рече Путин. Овие негови зборови лани беа протолкувани како закана со нуклеарно оружје.
НУКЛЕАРНАТА ЕКСПЛОЗИЈА НЕ Е ШЕГА
Американците, особено претседателот Џо Бајден, искусен политичар, имајќи ги предвид и ваквите искажувања, водеа политика на претпазливост. Вооружување на Украина, постепено, со ново оружје, но истовремено со стремеж да не дојде до нуклеарна ескалација. Бајден уште лани велеше дека САД не можат да и дозволат на Русија да ја освои Украина, но не може ни да се игнорираат руските нуклеарни закани. Тогаш Бајден рече дека светот е најблиску до „Армагедон“, уште од времето на Кубанската криза во 1962 година. Имаше тогаш и информации дека военото раководство на Русија анализирало како може да се искористи нуклеарно оружје во Украина. Се разбира и овие информации не беа официјално потврдени.
„Страв лозје чува“, вели поговорката. Па така и Американците и Европа посебно, со едно око гледаат и кон Русија, а не со двете само кон Украина. Американските разузнавачи своевремено се искажаа дека доколку Русија го губи овој воен конфликт, постои реална опасност дека претседателот Путин, може, едноставно во очај, да реши и да примени нуклеарно оружје во Украина, за да ги натера Украинците и Западот да отстапат. Па затоа таква завршница во Украина би била многу опасна. И не случаен е впечатокот дека Западот сака Украина да победи, а Русија да не изгуби, доколку тоа значи дека тоа е некаква гаранција дека таа нема да користи нуклеарно оружје. Во The Hill, во осврт на ова тема авторот вели:„ Ако опасноста од нуклеарна ескалација не беше решавачки фактор, тогаш нема сомнение дека САД ќе направеа повеќе за да и помогнат на Украина и тоа би можело да има огромно значење за развојот на конфликтот. Претставете си, што би можел да направи Зеленски, доколку тој би имал западна војска, ловци и посмртоносно оружје. Ако не е нуклеарното оружје на Русија, Украина веќе ги победила во конфликтот.
Нормално кога многу се зборува и пишува за користењето на нуклеарно оружје, некаде во светот јавно, а некаде тајно се прават математички модели на евентуална нуклеарна војна. Во месечникотWired се прашуваат дали може да се преживее нуклеарна експлозија во добро скривалиште? Каде може да се крие во случај на експлозија. Истражувањето покажало дека нуклеарната експлозија не е шега. Во еден миг нуклеарната глава ослободува разурнувачка сила од стотици килотони во тротилов еквивалент. Пеколниот ударен бран моментално убива се живо на својот пат. Но сепак може да се проживее на далечина од три до 10 километри, доколку имате среќа да најдете скривалиште. Најдобро би било тоа да е некој банкарски сеф, без врати и прозорци или подземна железница. Моделот на истражувачите бил ефект на експлозија на боева глава од 750 килотони. Експлозијата би била на три километри над мегаполисот.
РАСКИНАТИ ДОГОВОРИ
Луѓето подалеку од центарот на експлозијата би имале време од 5 до 10 секунди да најдат скривалиште. Можно е и подруми на бетонски згради, но подалеку од коридори, прозорци или врати кои од ударниот бран би биле однесени заедно со луѓе кои би биле до нив. Нема да преживеат ни мнозинството луѓе, дури и во зоната на умерена штета. Ударниот бран не е се’. Нуклеарното оружје има јонизирачко зрачење и топлина, а после тоа следуваат и радиоактивни врнежи. Нивното влијание врз кожата, белите дробови при вдишување остава и многу последици, од изгоретини до ракови. Дијапазонот на зрачењето може да опфаќа десетици километри од епицентарот, па оттука дури и преживеаните почнуваа да умираат од последиците. Освен стратешко нуклеарно оружје со кое моделирале истражувачите, постои и „тактичко“ нуклеарно оружје, кое се фрла како бомба од авиони врз военото поле и експлодираат на земја. А може да се користат и гранати со нуклеарни боеви глави. И овие експлозии не се помалку смртоносни и разурнувачки, а на смртоносни дози на радијација се подвргнуваат илјадници луѓе.
Според некои автори Русија и САД имаат таканаречено нуклеарно оружје со мала моќност (од пет до 10 килотони), малку помалку од фрлената над Хирошима 15-килотонска бомба. Но и тоа оружје ќе доведе до масовни разурнувања и ќе ја премине опасната црвена линија, што ќе доведе до ескалација на конфликтот со користење на уште помоќно оружје. Светските арсенали набројуваат 12.700 боеви глави. Благодарејќи на договорите за намалување на вооружувањето тоа е многу помалку од 70.000 боеви глави колку што беа фиксирани до пред крајот на студената војна. Но оттогаш некои од тие договори беа раскинати. Американците не сакаа да се продолжат, освен СТАРТ-3, па така опасностите не исчезнаа. Еден од истражувачите вели дека ризиците од разурнувачки нуклеарен удар се многу реални па затоа:„ Ние треба да го поддржуваме мирот, во целосна мерка осознавајќи ги ризиците за неговото непочитување“.
Погоре го спомнавме искажувањето, предупредувањето од Путин дека не се исклучува употребата на „молскавчини удари со сите инструменти“, што на Запад беше протолкувано како закана со користење на нуклеарно оружје. И НАТО, иако не користеше тава реторика лани во октомври имаше воени нуклеарни маневри имитирајќи лансирање на нуклеарни бомби. Џо Бајден се откажа од мораториумот на нанесување предупредувачки удар, кој порано го поддржуваше.
НЕИЗБЕЖЕН ПОРАЗ
Како што неодамна пишуваше Financial times, во САД моделирале лансирање на 300 руски нуклеарни ракети. И се барало каква ќе биде реакцијата на луѓето задолжени за одговор. Од 300 ракети голем број биле урнати од американската ПВО, но сепак загинале два милиони луѓе. 90 проценти од 79 луѓе кои учествувале во експериментот се одлучиле за возвратен удар, иако знаеле дека од него ќе загинат од пет до над 40 милиони Руси. Според авторите на моделот, секој од учесниците, се труди најдобро да ја исполни својата работа. Но тие имаат разни и многу противречни приоритети. Секој си има свој емоционален товар. Сите реагираат различно. Па затоа на крајот системот зависи од претседателот, кој ја зема врз себе одговорноста и носи одлука. „Ако претседателот не раководи со сето тоа, тогаш кризата ќе ислезе од контрола“, вели еден од авторите. Овде може да се постави прашањето способноста на претседателите да носат правилни одлуки. Било да е за Џо Бајден, кој веќе е над 80 години и понекогаш јавно манифестира несоодветно однесување или за Владимир Путин, за кого на Западот се тврди дека е болен. Според авторот на текстот во FT, американскиот физичар, Роберт Опенхајмер, еден од творците на атомската бомба, некогаш ги споредил двете големи нуклеарни држави како шкорпии во тегла. „Секоја може да ја убие другата, но само со ризик за сопствениот живот“, рекол тој. Конфликтот во Украина одново ја стресе таа тегла со шкорпии во лицето на Русија и САД, кои се сретнаа во прокси војна на руската граница.
Неполни две три недели пред почетокот на војната во Украина, Ајра Хелфанд, бивш претседател на Меѓународната организација за спречување нуклеарна војна и лауреат на Нобелова награда за мир, се прашуваше зошто не водиме сметка за опасностите? Според него претставниците на владата на САД на почетокот на февруари пресметале дека во случај на борбени дејства во Украина би загинале 25 до 50 илјади мирни жители, од пет до 25 илјади украински војници и од три до десет илјади руски војници. А притоа би имало од еден до пет милиони бегалци. И сето тоа ако се користи конвенционално оружје. Денес ја гледаме заблудата на американските владини претставници, исто како и заблудите на руските сили дека војната ќе заврши за некоја недела.
Според Хелфанд доколку во воените дејства се приклучи НАТО тоа ќе стане крупна војна меѓу две нуклеарни сили со сосема реална опасност од примена на нуклеарно оружје. Притоа нема јавна дискусија за да се разгледа таа ужасна закана, вели лани во февруари Хелфанд. Тој уште тогаш реално ги опишува борбените дејства што би следеле. Иако САД тогаш не најавуваа посредно војување. Хелфанд заклучува: „ Како што се зголемуваат жртвите на двете страни - и ако едните или другите се соочат со неизбежен пораз, нивните водачи можеби ќе почувствуваат потреба да го користат своето тактичко нуклеарно оружје за да спречат таков исход. И американските и руските воени доктрини дозволуваат употреба на тактичко нуклеарно оружје во такви услови“. А тактичкото нуклеарно оружје е еден чекор до примена на нуклеарно оружје на териториите на двете држави.
Хелфанд се повикува на еден извештај од 2002 година кој покажал дека ако дури 300 од 1.600 стратешки боеви глави распоредени од Русија се детонираат над американските урбани центри, 78 милиони луѓе ќе загинат во првиот половина час. Дополнително, ќе биде уништена целата економска инфраструктура на земјата - електричната мрежа, Интернетот, системот за дистрибуција на храна, транспортната мрежа и јавниот здравствен систем. Сè што е неопходно за да се одржи животот ќе исчезне, а во рок од неколку месеци по овој напад, огромното мнозинство од населението на САД ќе умре од глад, озрачување, изложеност на зрачење и епидемиски болести. Американскиот напад врз Русија би предизвикал слично уништување таму. И ако НАТО е вклучен, голем дел од Канада и Европа ќе ја доживеат истата судбина.
Сепак, ова се само директни последици од широката употреба на нуклеарно оружје меѓу НАТО и Русија. Глобалните климатски последици ќе бидат уште покатастрофални. Неодамнешните студии, пишува Хелфанд, ги потврдија предвидувањата, за прв пат направени во 1980-тите, дека големата употреба на нуклеарно оружје ќе предизвика нагло, катастрофално глобално ладење. Војната со целосно распоредени американски и руски арсенали би можела да подигне до 150 тераграми (150 милиони метрички тони) саѓи во горниот дел од атмосферата, намалувајќи ги просечните температури ширум светот за 8 степени Целзиусови. Во внатрешноста на Северна Америка и Евроазија, температурите ќе се намалат за 7 до 10 степени Целзиусови, до нивоа невидени од последното ледено доба, што ќе предизвика катастрофален пад на производството на храна и глобален глад што може да го убие поголемиот дел од човештвото. Дури и поограничена војна која вклучува само 250 боеви глави од 100 килотони може да ги намали просечните глобални температури за 12 степени Целзиусови, доволно за да предизвика глад без преседан во историјата на човештвото, кој речиси сигурно ќе донесе крај на модерната цивилизација.
Хелфанд смета дека огромниот ризик што го носи сегашната нуклеарна Chicken Game(Игри кои се користат како метафора за ситуација кога двете страни што учествуваат во конфронтацијата, не добиваат ништо, а само гордоста не им дозволува да отстапат) меѓу САД и Русија бара фундаментална промена во нивните меѓусебни односи, како и во подеднакво напорните односи меѓу САД и Кина. Големите сили повеќе не можат да играат игра со нулта сума за да видат кој ќе излезе како победник. Можно е еден од нив да заврши на врвот на купот, но купот многу добро може да биде глобален куп пепел. Оттука и заклучокот дека императив е актуелната криза да се реши со дипломатски средства. Подеднакво е неопходно нуклеарните сили да научат лекции од оваа опасна ситуација и да преземат мерки за трајно елиминирање на опасноста од нуклеарна војна со итно започнување на преговори за целосна елиминација на ова оружје, за што се залага кампањата „Назад од работ“ за сите тие да се усогласени со Договорот за забрана на нуклеарно оружје. Така пишуваше Хелфанд пред една година.
За жал „пилињата“ во играта во Украина не отстапуваат од поставените цели. На повидок е пат ситуација која би траела со години, која не ги задоволува Американците, но и можност за победа на едниот или другиот, која, пак, би довела до „куп пепел“. Математичките модели само ја потврдуваат последнава констатација
Мирче Адамчевски