29 Април, 2024
0.0322

Украина бара ефективни гаранции

Објавено во: Колумни 14 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Во неделава што помина бевме сведоци на разговори, преговори, убедувања, закани, но  во Украина и натаму се војува по руската инвазија. Владимир Путин, Џо Бајден, Владимир Зеленски, Емануел Макрон, Олаф Шолц, Шји Џинпинг, Реџеп Таип Ердоган, Борис Џонсон, Нафтали Бенет.., се само дел од имињата на политичарите кои разговарале, преговарале, убедувале, се заканувале на своите соговорници... А што да се каже за преговорите меѓу претставници на Русија и на Украина за прекин на војната и други прашања.

Минатиот понеделник пишувавме за напорот на израелскиот премиер Бенет да ги седне на маса Путин и Зеленски. Се чини работите на тој план полека напредуваат, но до таква средба засега тешко дека наскоро да дојде. Воените дејства не престануваат. Предноста на воен план ќе значи и определана предност на преговорите. Но кога се во прашање невините човечки жртви и разурнувањата, потрагата по мир треба да биде што побрза. Зашто секој нов ден војна носи нови жртви.

Во досегашните преговори меѓу Русите и Украинците постигнат беше мал напредок. Создавањето на хуманитарни коридори. Украинците бараа прекин на војната и повлекување на руските војски, а Русите, во најмала рака, бараа капитулација на Украина. Веројатно на преговорите се зборувало и за други барања, но тие тешко излегуваат на површина. Новост деновиве кажа Зеленски. Според него на почетокот на преговорниот процес за завршување на војната, Русија често поставувала ултиматуми со кои Украина не се согласувала, а воените дејства се засилувале. Сега наместо ултиматуми, почнува разговор. „Сега тие почнаа за нешто да зборуваат, а не само да фрлаат по нас со ултиматуми. Сметам дека тоа е принципиелно друг приод и тој треба да биде таков. Сметам дека во него засега ги нема доволно нашите западни партнери. Зашто ако зборуваме за гаранции за безбедност на нашата држава, тогаш на Русија нема да и веруваат во Украина, после ваква крвава војна“, смета претседателот Зеленски.

СРЕДБА НА ЗЕЛЕНСКИ СО ПУТИН

Кон оваа изјава тој додаде вчера нова. Па вели дека целта на преговорите е Киев да добие ефективни гаранции. „Не како во Будимпешта (Меморандумот од 1994 година за откажување на Украина од нуклеарно оружје), не како на нашето небо(барањето на Украина забранети зони на летање, кои Запад не ги воведува). А такви за кои Украинците би можеле да кажат – еве ова функционира, тоа се гаранции“ , рече Зеленски. Тој исто така забележа дека во сложената преговарачка работа Украина смета да добие резултат неопходен за неа, мир и безбедност. А задача на перговарачкиот тим на Киев на преговорите со Москва е да има средба на Зеленски  со рускиот претседател Путин. 

Советникот на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Михаил Подољак изјави дека средбата меѓу претседателите на Украина и Русија би можела да се одржи во догледна иднина, а украинската страна прави се’ за тоа да се случи што поскоро. „Мислам дека веќе нема толку долго да одиме на ова. Не сум подготвен да кажам дека оваа средба може да се одржи во блиска иднина. Еден ден, два, три - не. Ќе треба уште малку време, но ќе се обидеме да го направиме тоа што е можно поскоро“, рече вчера Подољак во етерот на една телевизија. Според него, во моментов Украина продолжува да бара место за преговори меѓу лидерите на Украина и Русија во однос на безбедносните гаранции и развојот на пакет договори кои ќе ги земат предвид позициите кои се исклучително важни за Украина. „Кога тие ќе бидат разработени, координирани однапред, тогаш претседателите ќе можат да се сретнат и да ги разработат конечните одредби од мировниот договор“, рече Подољак. Во исто време, тој тврди дека Зеленски нема да потпише никакви мировни договори кои се неефективни и неповолни за Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски порано го нарече Ерусалим, можно место за средба со рускиот претседател. Тој нагласи дека не мислел на „технички состаноци“, туку „состанок на лидери“. Зеленски, исто така, истакна дека смета дека е „неконструктивно“ да се состане во Украина, Русија и Белорусија.

Кремљ од своја страна соопшти дека никогаш не ја негирал можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но прво би сакале да разберат што ќе биде на неговата агенда и каков резултат се очекува. Порано Зеленски бараше средба со Путин за Минските договори, но од Кремљ го упатуваа на Донбас да разговара со тамошните лидери. А со Путин би можел да разговара, доколку сака и е подготвен, за односите на Русија со Украина. Прес-секретарот на претседателот на Руската Федерација Дмитриј Песков ја коментираше изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, според кој Путин во телефонски разговори со претседателот на Турција рекол дека не е против средбата со Зеленски. „Постојано велевме дека никој не ја исклучува можноста за средба меѓу Владимир Путин и претседателот Зеленски. Но, треба да разбереме што треба да биде резултатот од овој состанок и што ќе се разговара на него“, изјави Песков, како одговор на барање да се потврди дали навистина била изразена подготвеноста на руската страна за ваква средба, која не би била придружена со никакви услови. „Ова се работи на делегациите. Прерано е да се зборува за резултатите“, изјави Песков.

ЛИЦЕМЕРИЕ И ДВОЈНИ СТАНДАРДИ

Во врска со средбата на Зеленски и Путин во јавноста беше пуштена вест, Axios, дека премиерот на Израел го советувал Зеленски да ги прифати предлозите на Русија за да бидат прекинати вооените дејства.. Бенет и Зеленски имале разговор во вторникот. Реакцијата на Зеленски и соработниците билеа дека „Бенет ни предлага фактички да се предадеме, но ние не се подотвуваме тоа да го направиме“. Оваа вест не беше потврдена. Дури беше демантирана од луѓе во кабинетот на израелскиот премиер, како шпекулација. Вчера Бенет и Зеленски повторно разговарале. Темата стандардна. Начини за прекин на воените дејства во Украина,а исто така и за напорите што ги презема Израел во таа насока. Според Jerusalem Post, Израел не е против идејата да организира на негова територија преговори за решавање на украинската криза, но само ако има шанси за нивен успех.

Русија може да се согласи со Ерусалим, бидејќи Израел има искуство со справување со Палестинците кои се угнетувани на својата територија. Како што пренесе агенцијата „Андолија“, на Дипломатскиот форум во Анталија, а на кој се сретнаа министрите за надворешни работи на Русија и на Украина Сергеј Лавров и Димитриј Кулеба, се расправало и за Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ал-Малики, укажувајќи на солидарноста што меѓународната заедница ја покажува кон Украина во текот на војната со Русија, рече дека Палестинците се лишени од истата солидарност, иако се соочуваат со насилство и кршење на нивните права. Тој рече дека чекорите што се преземени во контекст на поддршка кон Украина во само првите 10 дена од судирите со Русија го покажале лицемерието и двојните стандарди на меѓународната заедница, пренесува агенцијата.

Во сето она што се случува околу евентуална средба на Зеленски и Путин своја светлина фрла и Стејт департментот. Тој како да ја поддржува таквата средба. Дописникот на РИА-Новости од Вашингтон побара коментар од Стејт департментот во врска со зборовите на Владимир Зеленски дека Западот не е доволно вклучен во ситуацијата околу Украина. Одговорот беше:„Доколку има дипломатски чекори што би можеле да ги преземеме, кои украинската влада би ги сметала за полезни, ние сме подготвени да ги преземеме. Во исто време, руските намери остануваат јасни, судејќи според она што се случува на теренот“. Зад ова дипломатска фраза се кријат еден куп работи. Прво, Украина после секоја рунда на разговори со Русите  веднаш реферира кај Американците. Често и самиот Зеленски пред Бајден. Минатата недела пишувавме дека израелскиот премиер добил благослов од Бајден да организира средба на Зеленски и Путин. Кои работи би биле полезни за Украина од таква средба? Оние кои би биле полезни и за САД. Дали за САД е полезна неутрална Украина? Дали за САД е полезна поделена Украина? Во прв ред ова се прашања за Украинците, но тие без војна можеа да се решат уште во декември и јануари. Главниот спонзор на Киев не сакаше тие прашања да се решат низ дијалог со неговиот ривал-Русија. Оваа пак крена цела армада. Не да се докажува на Украина, туку на нејзиниот спонзор. Им е гајле на двете страни дека гинат Украинци. И сега САД се главен фактор и во преговорите..Токму затоа и не треба да се биде голем оптимист дека тие брзо ќе завршат и дека ќе зацарува мирот во Украина.

ОДНАПРЕД ПОДГОТВЕНО

Русите брзаат да дојде до мир за да не губат млади луѓе – војници и офицери. Тоа им е потребно за да се успокои јавноста дома. Со санкциите ќе се борат колку што ќе умеат. Тие се многу тешки за нив. Најмногу финансиските. Но тука Русија како да има мали вентили да ги олесни притисоците. Претседателот Путин одамна ја подготвувал инвазијата на Украина. Во декември 2021 година тој беше во Индија на еднодневна посета. Илјадници километри за средба со премиерот Нарендра Моди. Индискиот премиер Нарендра Моди се состана со рускиот претседател Владимир Путин во Њу Делхи, три месеци откако се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа на 24 септември. Како резултат на опсежни преговори, двете земји потпишаа многу договори за одбрана, покрај набавката на системите С-400. Американците се лутеа, па дури се спомнуваа закани. Сега Индија е под американски притисок за Русија.

Путин во фебруари замина на еден ден во Пекинг, на отворање на Зимските олимписки игри. Но што е поважно со својот другар Шји Џинпинг потпишаа Изјава со која  практично се создаде политички сојуз на Русија со Кина.. Илјадници километри прелета Путин за да дојде во Пекинг на еден ден., а дадената заедничка  изјава на Кина и Русија е уште едно ниво погоре во меѓусебната соработка. Останува уште создавањето на воен сојуз! Во тој период, на 19 јануари  со Путин во Москва се сретна претседателот на Иран, Ебрахим Раиси. На аргентинскиот претседател Алберто Фернандез, Путин му беше домаќин на 3 фебруари, на 18 фебруари во Москва допатува бразилскиот претседател Жоао Болсонаро, Путин го прими пакистанскиот премиер Имран Кан на 24 фебруари, дента кога руските војски влегоа во Украина. Со сите нив главни теми на разговор беа трговијата и енергетиката. Засега ниту една од нив не воведе санкции кон Русија. Што зборува ова? Се’ е однапред промислено и подготвено.

Американците отидоа во Венецуела да му се „поклонат“ на „диктаторот“ , како што го нарекуваат - претседателот Николас Мадуро, по објавувањето на ембарго за увоз на нафта и гас од Русија. Од Аргентина веднаш стигна рекција за менување на односот на САД кон Каракас. Цела Латинска Америка беше поттинувана да го осуди режимот на Мадуро, а сега САД први одат кај него. Американските нафтени компании ја напуштија Венецуела, а САД воведоа санкции кон неа. Претставници  на Венецуела сега бараат од Вашингтон почитување на нејзиниот суверенитет и на владата на таа држава. На ваквиот однос на САД реагираше претседателот Путин. „САД се обидуваат да потпишат енергетски договори со Иран и Венецуела, против кои тие самите воведоа санкции“, рече Путин на советувањето со владата. „И со Иран се готови да се смират, веднаш да ги потпишат сите документи. И со Венецуела. Отидоа во Венецуела да се договараат со нив“, рече претседателот. Тој е уверен дека „истото ќе се случи и во односите со нашата земја“!

ШТО Е ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Ќе се случи тоа или не, но работите е сериозни. Многу држави од Латинска Америка, Африка  и Азија не ги поддржаа санкциите на САД. Турција официјално се откажа од санкции кон Русија, изјавувајќи дека го поддржува дипломатскиот пат за решавање на проблемите. САД го повикаа и Израел да се приклучи кон санкциите против Русија. Државниот потсекретар за политички прашања, Викторија Њуланд, како што пренесе „Анадолија“, тоа го потврдила за еден израелски медиум. „Бараме што повеќе земји да ни се приклучат. Тоа го бараме и од Израел. Покрај другото не сакате да станете последното  засолниште за валкани пари кои потекнуваат од путиновите војни“, изјавила Њуланд. „Мораме да извршиме притисок на режимот, на олигарсите кои го опкружуваат и неговото стопанство. Во тој контекст молиме што повеќе земји да ни се приклучат“, изјавила Њуланд.

И дојде ред на Кина. И неа и се закануваат Американците. Но тоа е малку поцврст орев од Русија. Веројатно не решил Бајден да отвори војна на два фронта. Или пак ги предупредува Кинезите да не им се случи истата работа како на Русија. Воведување санкции. Денес во Рим двајца високи чиновници од двете земји ќе разговараат, бидејќи расте напнатоста меѓу САД и Кина поради војната меѓу Русија и Украина. А не се знае и иднината на конфликтот и покрај преговорите меѓу Москва и Киев. Советникот на Бајден за навионална безбедност Џејк Саливен дури и се заканува на Кина. Демек, таа не треба да и помага на Русија да ги избегне казните во вид на глобални санкции, кои удрија врз руската економија. „Ние нема да дозволиме тоа да продолжи“, изјави Саливен. Од вкупните златни и девизни резерви на Русија од над 600 милијарди долари, околу 16 проценти се во јуани. Од нив надвор од земјата се околу 300 милијарди долари. На тој начин Кина може да и помага на Русија на планот на финансиите. Оттука и лутењето на Американците.

Како што пренесуваат американски медиуми, официјални претставници на САД ја обвинуваат Кина за распространување на руска дезинформација, која може да стане предлог за напад со користење на хемискоили биолошко оружје од страна на руските војски. Дезинформацијата била дека Украина направила лаборатории за хемиско и билошко оружје со поддршка на САД. Наместо да ја обвинуваат Кина САД нека си ја прашаат Викторија Њуланд за изјавата при сведочењето во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат. Американски медиуми пренесоа зборови на Њуланд.

„Украина има капацитети за биолошко истражување, за кои, всушност, сега сме прилично загрижени... Руските трупи и руските сили можеби се обидуваат да добијат контрола“, рече Нуланд додека сведочеше пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат. Нуланд се согласи со сенаторот Марко Рубио дека доколку се случи хемиски или биолошки „инцидент“ или „напад“ во Украина, тогаш Русија ќе биде виновникот. „Нема сомнеж, сенаторе, и класична руска техника е да се обвинува другиот за тоа што тие самите планираат да го направат“, рече таа. „Работиме со Украинците на тоа како да спречат некој од тие истражувачки материјали да падне во рацете на руските сили доколку пристапат“, додаде таа. Што е дезинформација овде?

Како ќе помине средбата на Саливен со неговиот колега од Кина, Јан Ѕечи? Некој ќе си ја свитка опашката. Американците ја обвинуваат Русија дека подготвува напад со хемиско или биолошко оружје во Украина. Или дека ќе направи таква операција под „лажно знаме“. А Кина дека ја поддржува со ширење дезинформации. САД секако нема да воведат санкции кон Кина, зашто ЕУ, ако се слуша комесарот за надворешни работи Борел, неа ја смета за противник, тешко дека би се согласила со тоа. Изгубените милијарди долари од санкциите кон Русија, сигурно за ЕУ ќе бидат неколку пати поголеми од санкции кон Кина.  САД ќе бараат гаранции од Кина дека нема да и помага на Москва околу санкциите, но не се прашуваат тука само САД.

Саливен може да се заканува со искажувањето дека сите земји се запознати со тоа дека не можат без казна да и помогнат на Русија околу санкциите. Но тука не е само Кина. Тука е и Индија, и Пакистан и уште десетици други држави. Американците со заканите повторно покажуваат дека сакаат да бидат хегемон. А забораваат на примерот од  Ирак. Со лажно сведочење во ОН дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување, беше извршена агресија врз таа земја, а последиците од неа се чувствуваат до ден денес.

Интересот е главен во се’. И да му се „поклонуваш“ на Мадуро дури! Или на Иран за кој до вчера Вашингтон имаше најпогрдни зборови. Затоа САД одат низ цел свет и ги притискаат државите кои не се приклучиле кон санкциите, па дури им се закануваат. Интерес, интерес. Додека постои ќе врти машината. Перпетум мобиле.

Белким денес преговорите меѓу Русија и Украина ќе направат некакво придвижување кон мир.

Мирче Адамчевски.

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД