19 Април, 2024
0.0267

Украина: Едно е комедијант, а сосема друго претседател

Објавено во: Колумни 24 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Владимир Зеленски новоизбраниот украински претседател во понеделникот положи заклетва, веќе во средата му се заканија со уставна криза, а вчера осамна и петиција на сајтот на претседателот со која се бара негова оставка. За да се разгледа петицијата потребни беа 25.000 потписи. Со оглед на тоа дека зад неа очигледно стојат незадоволни политички сили, од поразот на Петар Порошенко на претседателските избори, од првите потези на Зеленски, пред се од распуштањето на парламентот и закажување нови избори на 21 јули,не е чудо што потписите беа собрани уште првиот ден.

Комедијантот кој играше претседател во серијата „Слуга на народот“ се соочува со факти кои веќе ги глумел, но едно да се соочиш со нив кога глумиш, а сосема друго кога си вистински претседател. И самиот Зеленски беше изненаден од реакциите изминативе денови, иако сигурно бил подготвен за нив. Најдрастично беше на вонредната седница на парламентот на која требаше да се  донесат закони предложени од Зеленски. Ден пред тоа претставниците на парламентарните фракции беа кај претседателот и се договорија за новите измени во законите, а по преспиената ноќ тие него не го удостоија со ставање на законите за гласање. Наместо потребните 225, едвај беа собрани 92 гласа. Па така пропадна првата битка на некогашниот комедијант со пратениците.

Зеленски допрва ќе има главоболки. Во прв ред од депутатите во украинскиот парламент. Но не помали и од недостигот на кадри кои ќе треба ја раководат државата и институциите. Тој имаше тим околу себе кој му овозможи да се справи со изборите, но сега кога се потребни стотици нови кадри Зеленски ќе се мачи. Во прв ред тој е човек кој сака да поставува луѓе кои не се измачкани со црнила во досегашната работа. Второ, тој ќе мора на одреден начин да му се реваншира на олигархот Игор Коломојски, кој, според се’ она што доаѓа од Украина, има одиграно одредена улога во изборот на Зеленски. Инаку, Коломојски кој неколку години беше надвор од Украина, од страв да не биде судски гонет,деновиве се врати во државата. Трето, од устите на украинските опозиционери доаѓаат најави дека ќе мора да се слушаат и желбите на Американците, како главни спонзори на промените во Украина. Не толку кадровски, но и заштитнички. Да не се дозволи заканите на парламентарците да доведат до политичка криза, зашто во најава е и „трет Мајдан“.

На овој план најгласен е претседателот на парламентот и некогашниот командант на „вториот Мајдан“, Андреј Парубиј. Тој го обвини Зеленски во нарушување на Уставот и најави дека одлуката за распуштање на парламентот ќе ја оспори пред уставниот суд. Тој како и други луѓе од парламентарното мнозинство создадено од досегашниот претседател Петар Порошенко, веќе им лепат етикети на Зеленски и неговото опкружување дека се реваншисти, дека се луѓе на поранешниот претседател Виктор Јанукович. Во својот пристапен говор при полагањето заклетва Зеленски го спомена мирисот на промените во државата. А сега Парубиј е немилосрден. „Вие мислите дека го чувствувате мирисот на реваншот – помирисајте! Тоа е мирисот на горечките автомобилски гуми! Реваншот нема да помине“, напиша Парубиј обраќајќи се до Зеленски и неговата компанија. Демек, очекувајте одново да почнеме со палење на гумите, како што беше на претходниот Мајдан.Обвинувања за неуставни одлуки дојдоа и од Порошенко, кој е уверен дека и покрај се неговите сили ќе победат на наредните избори. Само да не заборави дека беше убеден во победа и на претседателските избори и доживеа катастрофа.

Што покажува сегашниот развој на настаните во Украина? Прво, дека на бранот на големото народно незадоволство можеш да го победиш противникот катастрофално. Да го столчиш. Но едно се претседателските, а сосема друго се парламентарните избори. Во Украина како и кај нас државата е парламентарно-претседателска, со тоа што таму претседателот има малку повеќе овластувања од нашиот. До најавените парламентарни избори остануваат неполни два месеца. Зеленски со предложените закони во парламентот имаше намера да го промени изборното законодавство. Сега во Украина половина од депутатите се избираат според мнозинскиот, а друга половина според пропорционалниот модел. Зеленски сакаше да се укине мнозинскиот и да воведе гласање според пропорционален модел со затворени партиски списоци, и со праг од три проценти за влез во парламентот. Да им даде можност и на некои помали партии да влезат во парламентот, а со тоа и да ги придобие како евентуални сојузници во неговата работа.

 Очигледно математиката му беше даја искористи поволната, за него, ситуација. Да го кова железото додека е топло. А тоа значи неговата, засега повеќе виртуелна, отколку реална партија „Слуга на народот“ да ја омасови со нови кадри и на изборите да излезе со желба да освои мнозинство од 450-те депутати. Може да се очекува дека кон неа ќе сакаат да се приклучат многумина, бидејќи нејзиниот рејтинг сега е околу 40 проценти.Инаку, борбата за укинување на мнозинскиот систем во изборите е мотивирана со фактот дека 250 депутати се избираат со „брашно, пари и сл“, Ова го тврдат сите. Секој кој што сака да стане депутат, ако има пари, во Украина има шанси да биде избран на таков начин. Сега на Зеленски му останува да оди на избори според досегашниот модел. Некои аналитичари сметаат дека нему и тоа ќе му биде од полза, затоа што сегашниот однос на мнозинството  депутатите кон него само ги потврдува неговите зборови дека парламентот е еден од виновниците за состојбата во која се наоѓа денес државата.

Второ, сегашните кадровски назначувања покажуваат дека е многу тешко да најдеш квалитетни кадри. Зеленски сега ја создава неговата претседателска администрација и веќе има реакции во јавноста за несоодветноста на некои кадри за позициите на кои се назначени. Глумците ќе ги одбереш на кастинг, ако не ги знаеш добро, но квалитетни политичари, идни парламентарци и соработници не се бираат така лесно. Прво треба да бидат обединети околу една идеја. Второ треба да имаат исти или блиски погледи кон некаква идеологија. Трето, треба да бидат неизвалкани. Во Украина како и кај нас за секого ако е кандидат за некаква функција кружат муабети дека е корумпиран, дека е ваков или онаков. Со оглед на тоа што Украина се уште не е ослободена од советското минато, таму јасно им е дека „кадрите решаваат се’.“

Кадровското прашање е многу битно, зашто може да се случи во недостиг на квалитетни кадри Зеленски да мора да прифаќа различни луѓе, што доведува до опасност да му недостигаат вистински „негови“ луѓе. Еден  коментатор деновиве убаво напиша. „Модата на „нови лица“, ќе изроди и други проекти,за нови луѓе, експлоатирајќи го популарниот тренд, но шанси, дека тие ќе влезат во парламентот се мали. Повеќе од еден Зеленски Украина тешко може да издржи“.Ова е опасноста новиот претседател да мора да кокетира и со некои досегашни депутати, или неистомисленици, кои секако ќе му ја испорачаат фактурата за лојалност.

Трето, многу е важно што ќе произлезе од спротивставувањето на противниците и приврзаниците на Зеленски. Веќе ја споменавме петицијата за негова оставка која набра 25 илјади потписи. И сега ќе треба да биде разгледана. Но истовремено во текот на денот вчера се појавија уште неколку петиции. Една против оставка на претседателот, друга за укинување на петициите кои бараат заминување на политичар од функција, трета за отказ од разгледување петиции за оставка на украинскиот лидер, а веќе имаше петиција претседателот да си поднесе оставка доколку за шест месеци не ги исполни дадените предизборни ветувања. Вистинска војна од петиции.

Авторите на петицијата за која се смета дека е „креација’ на ботови на Порошенко, со оглед на тоа што за неколку часа го собра потребниот број потписи, тврдат дека „првите чекори на Зеленски, како претседател на државата, ги разочаруваат Украинците“! Човекот е два дена на работа, а веќе успеал да ги разочара!? Творците на петицијата тврдат дека гласањето во вториот круг на изборите не било за Зеленски туку против Порошенко и дека Зеленски нема поддршка од 73 проценти од избирачите. „Затоа, ние, народот на Украина бараме ваша итна оставка од должноста претседател на Украина!, заклучуваат авторите на петицијата.

Одговорот на Зеленски на ваквата петиција сигурно ќе биде нејзино отфрлање. Доколку сака тој може да организира појавување на петиција во негова полза која веднаш би била потпишана со оглед на тоа што за време на изборите тој имаше над 600 илјади следбеници и поддржувачирегистрирани на неговите адреси во интернетот. Освен ова досега во Украина нема ваков пример на барање оставка. Патем кога сме кај петициите. Украина овој пример го има земено од Америка. И наместо да земат други примери, на пример за борба со корупција, за слобода на бизнисот, за промени на судскиот систем и сл., тие се фатиле за петициите. Ова не ни е туѓо и нам. Деновиве читам има идеја, како во Америка, касарните да ги чувале фирми регистрирани за обезбедување. Абе, да ја направиме државава Америка, па потоа нека ни ги чуваат касарните фирми за обезбедување. До таму ли дошле работиве.

Во понеделникот Зеленски дојде во парламентот на инаугурација пешки, па објави дека го распушта парламентот. Потоа доби шлаканица од мнозинството депутати. Се за два три дена. Оние кои ја гледале серијата „Слуга на народот“ велат дека се’ ова било како во неа. Што ќе прави наредниве денови Зеленски? Нема глума. Дури и владата завчера вечер на ноќна седница донела одлуки во полза на некои олигарси, иако тие одлуки не требало да бидат на дневен ред. Се’ се заортачило против Зеленски. И законодавната и извршната власт. Кој знае уште што ќе направат до 21 јули-денот на изборите. А најлошо од се’ ќе биде доколку Зеленски не успее да обезбеди големо мнозинство во парламентот. Тогаш против него ќе се завртат и некои од најблиските соработници, прекупени од олигарсите, кои сега се замолчени. Ќе бидеме сведоци на дискредитација на претседателот низ медиумите кои се во рацете на олигарсите. А, може да дојде и до нивна солидарност, ако видат дека претседателот има силна поддршка од Запад,па да молчат, заради мир во куќата, а Зеленски да владее како да е најдобар претседател на светот. Но ваков епилог сигурно нема во серијата „Слуга на народот“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок