29 Март, 2024
0.0246

Украина фатална за Трамп и Бајден

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Лани во САД неколку месеци траеше постапката за импичмент–отповикување на претседателот Донлад Трамп. Повод беа некои негови телефонски разговори со украинскиот претседател Владимир Зеленски, по кои демократите во Претставничкиот дом покренаа постапка за негово отповикување. Го сомничеа за злоупотреба на власта и попречување на истрага во Конгресот. Во вторникот во Киев експлодираше политичка бомба. Овојпат поврзана со најверојатниот кандидат на американските демократи за иден претседател на САД, Џо Бајден. Бомба која може да му го отежне патот кон претседателската функција или сосема да му го пресече.

За се по ред.  Лани од мај па до август Трамп и неговиот личен адвокат Рудолф Џулиани настојуваа украинската влада да го разгледа предметот на синот на Бајден, Хантер, за кој се водело истрага во Украина. За работата на Хантер Бајден како советник во компанијата „Буризма“. При што се исплаќани големи суми за неговата работа. Од 50 до 100 илјади долари месечно. Трамп тогаш сигурно притискал врз украинскиот претседател Зеленски за продолжување на истрагата и со неа ја условил воената помош на таа земја. Наводно и Џо Бајден тогаш влијаел врз истрагата. Телефонскиот разговор на Трамп и Зеленски доби гласност и по многу перипетии почна постапката на отповикување. Според Трамп мотивот за неговата постапка е дека:„ ние не сакаме наши луѓе, такви како заменик претседателот Бајден и неговиот син да создаваат корупција и во Украина“. Но се’ со импичментот се заврши со неуспех на демократите. И Трамп продолжува да претседателствува.

Смена на државниот обвинител

Во вторникот еден од контактите на адвокатот Џулијани во Киев, независниот пратеник Андреј Деркач, објави аудио снимки во кои се слушаат гласови кои се многу слични на гласовите на поранешниот украински претседател Петар Порошенко и Џо Бајден. Разговорите се од времето кога Порошенко беше актуелен претседател. Снимките беа објавувани во живо со коментари на Деркач. Тој зборува за меѓународна корупција и управување со Украина од надвор.

На снимките Бајден отворено му дава „наредби“ на Порошенко,  а тој нив ги спроведува без поговор. На пример Бајден бара да се смени државниот обвинител на Украина. Наводно за корупција. И навистина имаше афера со него во која се зборуваше дека кај него се најдени вреќи со накит и готовина. Но некои велат дека причината е што обвинителот водел истрага за работењето на фирмата во која работел синот на Бајден. Како и да е Порошенко го сменува обвинителот Виктор Шокин, иако самиот му вели на Бајден дека: „Без оглед на отсуството на какви било обвинувања за корупција и податоци за какви било негови незаконити дејства, јас специјално го замолив да си поднесе оставка... Тоа е втор чекор во почитувањето на обврските кои јас ги зедов врз себе“. И јасно признание дека исполнува воља на раководител на странска држава. Инаку Бајден никогаш не криел дека сакал смена на Шокин. На една конференција во САД тој дури се пофали со сменувањето на тој „кучкин син“. Потегот на Порошенко е направен во замена на ветувањето дека САД(Бајден) ќе помогнат во добивањето една милијарда долари од ММФ.

Од разговорите може да се чуе дека Порошенко на барање на Бајден успеал да организира пропаѓање на гласањето за смена на премиерот Арсениј Јацењук. Украински извори тврдат дека и Порошенко сакал смена на Јацењук, но Бајден, како што се слуша од разговорите, му забранува тоа да го направи.

Американски старател за новиот обвинител

Еден обвинител е сменет, но треба да се стави нов. Порошенко е за Јуриј Луценко, кој е лидер на фракцијата на партијата на Порошенко во Парламентот. Но украинскиот претседател не е сигурен дека Бајден би се согласил со таа кандидатура, па му вели:„ Ако вие сметате дека политички мотивирана личност не одговара сосема, според ваше мислење, јас ќе го повлечам мојот предлог“. Но очигледно Бајден, односно Американците го прифатиле Луценко кој го зазеде местото државен обвинител. Згора на се’ Порошенко бара од Бајден на Луценко да му се најде куратор-старател, или од американската амбасада или од друга земја. 

Милијардата долари се уште не е договорена. Стигнува ново барање за тоа. Да се национализира „Приватбанка“ на олигархот Игор Коломојски. Бајден вели дека треба да се направи се’ што треба за да се притисне врз „Приватбанка“, за да се затвори прашањето за добивање на следната транша од ММФ. „Јас со цела почит би препорачал дека тоа е од критична важност за вашата економија и физичка безбедност. Јас знам дека е тешко. Коломојски е трн во газот и проблем за сите“, му вели Бајден на Порошенко. Брзањето тој го поткрепува со фактот дека наскоро ќе биде инаугурацијата на Доналд Трамп, а Украина дотогаш треба да ги исполни условите кои ги бара ММФ, национализацијата на „Приват банка“ е еден од нив, инаку при Трамп со тоа би можеле да имаат проблеми. За три месеци Советот за национална безбедност на Украина донесе одлука државата да влезе во банката и таа беше национализирана.

Снимките масло на Порошенко

Посебна приказна во разговорите се „агентите“ на американско влијание. Партиски и индивидуални. Порошенко го моли Бајден да и помогнат на партијата „Самопомош, како и порано со што ќе имаат можност и да притискаат врз неа. Да и дадат финансиска поддршка. Бајден тоа не го демантира, туку ветува дека ќе помогне. Друг „агент“ е реформаторот од Литванија кој дојде да работи во Украина, Ајварас Абромавичус. Тој поднесе оставка поради судир со соработник на Порошенко. Па Бајден крена телефон и побара од Порошенко објаснување за неговата оставка.

Што се однесува до снимките. Мнозинството од експерти смета дека се направени во кабинетот на Порошенко и со негово знаење. И тоа со диктафон. Кога сме кај снимањето на разговорите на претседателите во Украина, има еден сличен преседан, кога претседателот Леонид Кучма беше сниман од еден човек од неговото обезбедување. Мајорот Николај Мељниченко избега во САД каде што ги предаде снимките. Во нив имаше записи кои посредно зборуваа замешаност на Кучма во убиство на еден новинар. По што исто изби голем скандал.

Распространувањето на аудиозаписите од разговорите на Порошенко и Бајден не остана без реакции. Претседателот Зеленски во средата имаше прес конференција по повод првата годишнина од својата работа и одговарајќи на едно прашање во врска со скандалот со снимките изјави дека во однос на казна на Порошенко тој е уверен дека се’ ќе биде допрва. Додавајќи:„Мислам дека тие така раководеа со државата, за што ги чекаат многу авантури и казни. Не сакам да зборувам за тоа, затоа што овластувањата сепак не се мои, а казните се на судот“. Инаку, уште вечерта во средата во обвинителството беше регистрирана кривична постапка против Порошенко за „предавство на државата“ и за „ злоупотреба на власта и службената положба“. Треба да се каже дека против Порошенко има 17 претставки доставени до обвинителството, но засега нема никаков резултат од тоа.

Олигарси – „крвни непријатели“

Не изостана и реакцијата на Порошенко. За него скандалните аудио снимки се „лаги, и провокација, зад кои стои Русија, Кремљ и, очигледно канцеларијата на претседателот Зеленски“. Порошенко продолжува:„ Петтата колона на Кремљ почна специјална операција против Украина. Преку вовлекување во предизборната борба во Америка тие се обидуваат да ја поткопаат поддршката на Украина од двете партии од САД“. Тој продолжува со напади врз „проруски провокатори кои се стремат да не остават еден на еден со Кремљ. И  дури не се кријат. Главни информативни спонзори на провокацијата се три проруски канали, а исто така и медиаресурси на олигархот, кој што се наоѓа под истрага во САД со обвинение за перење на стотици милиони долари“. Олигархот е Игор Коломојски,„крвен непријател“ на Порошенко, кој му ја национализираше банката. Порошенко вели дека геополитичката програма на Коломојски е обнародена пред неколку месеци во Њујорк тајмс, а тоа е отказ од ориентацијата на Запад и враќање во Москва. Порошенко отиде до таму што канцеларијата на Зеленски ја нарече дел од „руската специјална операција против Украина“.

Ова се навистина сериозни обвинувања. Точно е дека за Коломојски се води истрага во САД. И точно е дека Порошенко на барање на Бајден му ја одзеде банката на Коломојски. За Коломојски се водат и други истраги. Може да се каже дека станува збор за борба на два олигарха. Развојот на настаните околу Коломојски не исклучува дека тој е доставувачот на аудиоснимките до Деркач. Иако, овој тврди дека ги добил од новинари. Коломојски би бил задоволен Порошенко староста да ја дочека во затвор.

Врв на ледениот брег

За руска позадина на скандалот со снимките пишуваше во средата и „Вашингтон пост“. Овој весник е еден од антитрамповските настроени медиуми. Таму може да се прочита дека Деркач имал врски со руското разузнавање, дека и татко му бил во украинското КГБ. Луѓето од опкружувањето на Бајден сметаат дека појавувањето на снимките е продолжение на дамнешни обиди на Русија да му наштетат на поранешниот потпретседател, нагласувајќи ја улогата на Раша тудеј, руска медиумска мрежа под контрола на државата – за „тиражирање“ на снимките. А ја нагласуваат и поврзаноста на  Дергач со руските интереси. „Тие многу го редактираа тоа, но сепак станува збор за шуплива работа, која се приземји таму“, изјави претставникот на Бајден, Ендрју Бејтс.  Според „Вашингтон пост“ во снимките нема ништо ново за активностите на Бајден во Украина. Но за адвоктот на Трамп, Руди Џулијани тие се само „Врвот на ледениот брег“.

Познато е дека тимот на Трамп, предводен од Џулијани одамна бара компромитирачки материјали за Бајден во Украина. И испитување на корупцијата на бившиот потпретседател на САД во Украина. Објавувањето на снимките е повод за такво нешто. Но тешко може да се верува дека Зеленски ќе дозволи истрага до крај. Веќе спомнавме дека против Порошенко има 17 дела. Можеби снимките се знак за Порошенко да биде уште попослушен во Парламентот заедно со неговата фракција. Тие и така во последно време ги подржуваат предлозите на Зеленски. Бајден нема да биде чепнат во Украина. Зеленски не е толку недоветен да влезе во канџите на непомирливите противници Трамп и Бајден во годината на избори. Зеленски има искуство од лани со „Украинагејт“, кога го налути Трамп. Тој се спаси од отповикувањето, но односите со Украина, политичките, се заладени. Зеленски мора до ноември да балансира со изјавите за да не ги налути ниту демократите, ниту републиканците. Освен ако веќе не се определил да игра за Трамп.

Воздржување од мешање во изборите во САД

На опасноста од мешање во американските избори укажуваат и сигналите што некои органи на власта во Украина ги имаат добиено од Вашингтон. Според некои украински медиуми на тој начин официјален Вашингтон реагирал на изјавите на Зеленски(за казнување на Порошенко) кои би можело да се толкуваат како обид да се влијае врз претседателската трка во САД. Претставници од Стејт департментот по тој повод разговарале со луѓе од МНР на Украина. „Стејт департментот се поврза со МНР на Украина и многу категорично искажал препорака Украина да се воздржи од влијание и вмешување во предизборната кампања во САД. И дека се надева дека ова ќе биде прифатено“, им рекол извор на украински медиуми. Стејт департментот изразил загриженост од изјавите за истрага во поглед на содржината на разговорите меѓу Порошенко и Бајден. Други извори, пак тврдат дека претставници од Стејт департментот  разговарале со пратеници, реагирајќи на информација дека ќе има парламентарна истражна комисија. Тие додале дека  во Стејт департментот сметаат, дека скандалот има „руски корени“.

Што и да се случи во Украина е многу важно. Но таа не смее да ги изгуби Американците како сојузници. Зашто ако не се тие Европејците полесно ќе се договорат со Русија за судбината на Донбас. А можеби и за омекнување на санкциите.

Секоја сличност на она што се случува во Украина со Македонија е случајна.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?