28 Ноември, 2024
0.0285

Украина и НАТО-(не)изгубени илузии

Објавено во: Колумни 17 Јули, 2023

Добивај вести на Viber

Самитот на НАТО во Виљнус наместо да донесе геополитичко признание за Украина од страна на Алијансата ја продолжи неизвесноста зачната на Самитот во Букуреш во 2008 година, кога неа и на Грузија им беше ветено дека некогаш ќе станат членки на НАТО. Во Киев, најчесто, епилогот од самитот во Литванија се оценува како неуспех. И донесе големи разочарувања, кои беа навестувани уште во неговото предвечерие. Но официјално, на крајот од денот, резултатот беше кисело прифатен.

Во огромното коминике од Самитот од деведесетина точки во делот за Украина стои дека нејзиното место е во НАТО. Па се вели:„ Ја потврдуваме обврската од самитот во Букурешт во 2008 година дека Украина ќе стане членка на НАТО, и денес признаваме дека патот на Украина кон целосна евроатлантска интеграција е над рамките од неопходноста за исполнување на Акцискиот план за членство. Украина е се’ повеќе оперативно компатибилна и политички интегрирана со Алијансата и постигна значаен напредок на патот на реформите“. Овде јасна привилегија за Украина е дека ќе нема, како што други кандидати за членство имаа, Акциски план за членство. Но тоа е лижавчето.

Можеби последните денови пред самитот, поради неединството во НАТО, наместо Акциски план на Украина и е наметната Годишна национална програма или план , кој(а) ќе мора да се исполнува.  Министрите за надворешни работи на членките на Алијансата “редовно ќе го оценуваат напредокот на патот кон идното членство со помош на оваа програма“. На крајот се додава: „Можеме да ја поканиме Украина, кога членките на Алијансата ќе се согласат за тоа и кога ќе бидат исполнети условите“. Студен туш за загреаните Украинци кои очекуваа дека со се’ заслужиле да станат дел од Алијансата или барем да добијат некаков датум за членство.

Многу членки на НАТО знаат какви се’ работи се бараше да се исполнат од Акцискиот план за членство. А што содржи Годишниот национален план? Според некои извори, неговата содржина не се публикува јавно, но тој претпоставува дека пред влегувањето во Алијансата земјата-кандидат секоја година ќе се отчитува за сработеното од неа, она што го направила во сферата на економијата, борбата со корупцијата,  градењето на државата, како и военото и применетото образование. Звучи познато. Структурни реформи, кои се бараа од многу држави. Но не, на пример, од Шведска и Финска. Тие само поднесоа барање и веднаш беа ставени на ратификациона лента за членство.

КАКВА ЗЕМЈА, ТАКВИ ПРАВИЛА ЗА ЧЛЕНСТВО

Но Украина, иако е во војна, не е ниту Шведска, ниту Финска. Можеа да и дадат и датум или рокови. Не доби ни тоа. Или да речеа ќе стане членка кога ќе заврши војната. Очигледно ја мамат. Нема политичко единство во НАТО и согласност за прием на Украина во членство. Не се созреани условите во Алијанста за такво нешто. Настрана стравот од наводна војна со Русија, доколку тоа се направи. Многумина се сеќаваат како станаа членки на НАТО Балтичките земји. Или Албанија и Црна Гора. Или таму борбата со корупцијата и владеењето на демократијата беше за пример!. Туку, дојде до вагање на стратешките и политичките интереси на САД, пред се’, и на НАТО, пред опасноста Русија да се етаблира во Црна Гора, на пример, и двете земји со Албанија, беа примени, такви какви што беа и какви што се’. Да не ја споменувам и геополитичктата решеност на Американците за втурнување на Македонија во НАТО. Со сите последици од тоа на внатрешен план, кои се чувствуваат до ден денес. И ние бевме пример за успешна борба со корупција, за демократија, силна економија, за европско правосудство...Па седнаа, притиснаа, го направија Преспанскиот договор и потпишувај. Каква земја, такви правила за влез. Само да има политичка решеност.

Некои велат дека главен противник за членство или за поприфатливо решение за Украина била Германија. Но, сигурно имало и други држави. На пример соседите на Украина. Годишниот национален план сигурно содржи и одредби за добрососедство. Па ќе се бара од Украина да ги почитува, на пример, правата на малцинствата од соседните земји кај неа. И секоја година ќе треба да реферира за тоа. Како и нас што не уценуваше Грција со името на државата. И таак ќе биде во недоглед. Се’ додека Американците не сметаат дека е дојдено време за акција. Или, пак, доколку Украина оствари крупна победа над Русија, ја протурка на границите од 1991 година и стане воена сила за почитување од страна на соседите. А таму територијални и малцински интереси, јавно или затскриено имаат Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија, Романија. Тие интереси, јавно или затскриено, ќе се пројавуваат кога „редовно“ ќе се разгледува Годишниот национален план. И така може да биде со години.

Од каде дојде ваквата одлука на НАТО, кога во деновите пред самитот се лицитираше со поволно решение за Украина? Веќе спомнавме политичка решеност. И очигледно на неа ќе се чека. Американскиот претседател Џо Бајден на прагот на одржувањето на Самитот на НАТО во интервју за CNN најави дека во очекување на членство на Украина во НАТО, САД можат да и понудат заштита, како на Израел. За членство е потребно некое време. Според Бајден тоа е процес и додека тој тече, Вашингтон може да му помогне на Киев. „САД би биле подготвени да осигураат безбедност како онаа која му ја даваме на Израел“. Тоа значи давање оружје и осопсобување да се заштити себе си. , Меѓутоа, Бајден нагласува дека на таква помош Украина може да смета само во случај „на прекин на огнот или склучување мировен договор со Русија“.

НЕОПРЕДЕЛЕНОСТА Е СЛАБОСТ

Вакквиот приод на американскиот претседател фрла нова светлина во целата ситуација. Некои веќе зборуваат дека САД не ја примаат Украина во НАТО за да можат да се пазарат со Русија. Дури и украинскиот претседател Владимир Зеленски на пат кон Виљнус изјави дека „Се чини дека нема подготвеност ни да се покани Украина во НАТО, и да ја направат членка на Алијансата. Оттука, останува можноста за пазарење со членството на Украина во НАТО во преговори со Русија. А за Русија тоа значи мотив и натаму да го продолжи својот терор. Неопределеноста е слабост. И јас тоа отворено ќе го разговарам“. На пат кон Виљнус Зеленски ги коментираше плановите дека нема ништо конкретно во коминикето од Самитот за членство на Украина. Со лутина, на социјалните мрежи изјави дека е „апсурдно“ да се поздрави Киев во НАТО, а притоа да не се даваат никакви рокови или услови. Сигурно во време на војна не е можно влегување во НАТО, бидејќи би значело директен судир на Алијансата со Русија, но резултатот од Самитот го разочара украинскиот претседател.

Ваквиот однос на Зеленски беше повод за коментари и осуда, па така и од британскиот министер за одбрана, Бен Волес. Според некои медиуми, тој нагласил дека нецеремонијалното обраќање на Украина кон сојузниците е контрапродуктивно, особено кон политичарите во Конгресот на САД и во други места, кои се скептички расположени.Волес вели дека луѓето сакаат да видат малку благодарност. „Лани јас патував 11 часа само заради тоа да ми дадат список со барања. Но ние не сме Amazon“ изјави тој. Волес додава дека апетитите на Киев растат и тој постојано бара се повеќе оружје. Подоцна Волес, најавувајќи оставка наесен, изјави дека „не бил точно цитиран“, туку тој добронамерно му советувал на Киев да се обраќа не само кон своите приврзаници во Британија, туку и кон скептички настроените Американци и Европјани. Според негови зборови апсолутно малцинство од нив смета дека Украина треба да ја прекине војната и да склучи мировен договор со Русија. Британскиот премиер Риши Сунак, обидувајќи се да ја исправи работата на прес конференција соопшти дека Зеленски не еднаш му заблагодарил. А Зеленски, очигледно изнервиран, разговарајќи со новинари на крајот од Самитот рече дека тие постојано се заблагодарувале. „Јас не знам како треба уште да благодариме. Можеме наутро да се разбудиме и да му заблагодариме лично на министерот. Нека ми напише како треба да се заблагодарам, и така ќе направам“. Сепак, Зеленски си ја свитка опашката, па на крајот прифати се’ што беше донесено во Виљнус, велејќи дека најважно од се’ е што курсот кон НАТО не се менува. Очигледно илузиите (не) се изгубени. Барем засега.

Сето ова зборува дека и во НАТО и во Европа почнуваат да се појавуваат поединечни изрази на незадоволство од Зеленски или Украина. Според некои анкети почнува да паѓа поддршката, и воена и финансиска на Украина во Европа. Згора на тоа до година ќе треба да се одржат претседателски избори во САД, а и во Украина, ако е можно.  Некои западни политичари за украински медиуми на услови на анонимност, односот на САД го опишале со реченицата:„ А што ако се јави идеја за размена на мир со невлегување на Украина во НАТО?“ Сигурно ваквиот резултат постигнат до почетокот на изборите би му донел поени на Бајден во неговата трка за претседател со , најверојатно, Доналд Трамп. Бајден, погоре, беше јасен кога зборуваше и за гаранциите за Украина. Главен услов е мирот(прекин на огнот) или мировен договор. Тој сигурно не е луд да даде „израелски“ гаранции кои во САД од опонентите ќе бидат протолкувани како вовед нуклеарна со Русија или во Трета светска војна.

И во Украина после самитот на НАТО се зборува за некакви решенија за крај на војната. Па така, Алексеј Арестович, поранешниот советник во Канцеларијата на претседателот во едно интервју вели дека е можно Украина да се откаже од 20 проценти од својата територија, сега освоени од Русија, но под услов другиот дел од земјата да влезе во НАТО. Наводно таква идеја веќе се разгледува. За него тоа е суперисториска шанса. За некого ова личи како „корејско сценарио“, но Арестович смета дека тоа е како поделбата на Германија после Втората светска војна. А тие територии некогаш би ги вратила по мирен пат. Секако ова е надвор од реалноста, но сепак зборува дека веќе се разговара за мир и за прекин на војната. Иако, Зеленски постојано повторува дека нема мир додека руските сили не бидат протерани на границите од 1991 година. А тоа значи војната продолжува. САД даваат оружје, ракети со долг дострел, авиони Ф-16, исто и сојузниците.

А, НАТО. Па тоа останува само илузија. До членство во него, ако се слуша Зеленски и генералите, ќе има уште стотици илјади жртви. Во Алијансата се плашат од вклучување во војната. Не беше одамна кога една ракета падна на територијата на Полска и загинаа луѓе, по што Украина крена врева дека станува збор за руска ракета. Требаше да поминат неколку часови за да се утврди дека станува збор за украинска ракета кој го погрешила правецот. Сигурно на натовците им лекнало, бидејќи во спротивно ќе требаше да и објават војна на Русија. Така е и сега. Постојан страв.

 Пред извесно време во „Њусвик“ имаше текст од новинарско истражување, тримесечно, според кое ЦИА и руските партнери се договорени и се договараат да не дојде до ескалација на војната. Како да ја држат војната под контрола?. Се’ да се одвива на територијата на Украина. А, НАТО и Украина. Тоа, кога ќе се договорат ЦИА и партнерите од Русија.

Мирче Адамчевски 


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.