02 Мај, 2024
0.0276

Украина пред нова револуција?

Објавено во: Колумни 20 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Нема спокојство во Украина. Земјата со секој ден се подлабоко тоне во економски невољи, а сега на ред дојдоа и политичките.  Владеачката коалиција во Парламентот(Врховната рада) е во распад, и веќе може да се зборува за политичка криза. ММФ и САД притискаат. Фондот за реформи, за да почне да им дава повеќе пари на Украинците, а Американците за единство и за спас на она што го поддржаа во февруари 2014 година. Бркањето од власт на претседателот Виктор Јанукович и формирањето нова власт. Неделава што изминува во Врховната рада се случија интересни работи. Се пренесе вест дека претседателот Петар Порошенко побарал оставки од премиерот Арсениј Јацењук и од државниот обвинител Виктор Шокин, кого го сметаат за близок на Порошенко. Од работата на обвинителот не се задоволни многумина во Украина, а и нивните американски пријатели. Шокин замина на одмор, веројатно со ковертирана оставка. Јацењук, пак, се истопори во Радата да ја брани својата работа.Пратениците не го прифатија извештајот за работа на владата на премиерот со мнозинство гласови, но од друга страна, немаше доволно гласови да се изгласа недоверба кон него и владата. И сега имаме во Украина влада од која не се задоволни пратениците, но која не сакаат да биде сменета. Што се случи меѓу двете гласања не е јасно. Се што се борува и пишува на таа сметка е во сферата на претпоставки или шпекулации. Едни велат дека имало телефонски повици од американската амбасада во Киев за спас на владата, други пак дека станува збор за олигархиски заговор против првиот олигарх во државата - претседателот Потошенко. Во смисла да се поддржи Јацењук, како баланс во власта и да не се дозволи Порошенко да ги има сите узди во раце. Има тврдења дека Јацењук е победник во целата ситуација. Во моментов едно е јасно во наредните шест месеци Јацењук ќе може спокојно да ја врши својата работа. Спокојно во смисла дека ново гласање ќе нема во тој период. А дека ќе нема вистински спокој тоа е повеќе од сигурно. Јацењук е победник, но губитник е Украина. По гласањето две партии излегоа од владеачката коалиција. Сега таканаречената прозападна коалиција нема мнозинство во парламентот, па Јацењук за да си го зголеми спокојството ќе мора да коалицира со радикалите на Олег Љашко, тип кој личи на Владимир Жириновски во Русија. Постојан жесток критичар на власта, но кога треба да се гласа за неа тој секогаш ја поддржува. Таквите се долговечни во парламентите на многу држави. Нема да изненади наредниве денови Јацењук да објави коалиција со радикалите,  која ќе има мнозинство во Радата. Доколку се случи тоа, тогаш ќе може да се зборува за надминување на политичката криза. Но што ако кризата продолжи? Украина досега имаше две револуции. Првата во 2005 година, „портокаловата“, која заврши неславно, бидејќи „си ги изеде децата“. Втората беше „мајданската“ од 2014 година. Оттогаш помина две години, но од искрените и чистите идеи, вткаени во темелите на почетокот на таа револуција работите се извитоперија. Најнапред со учеството на националистите во неа, потоа со војната во Донбас, за на крај да се дојде до заклучок дека државата не е способна да се демократизира. Не помагаат ни американските протежеа во власта, како што е премиерот Јацењук, ниту пак министрите донесени од странство или губернаторите од типот на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили. Но, не се извитоперуваат само работите. Се извитоперуваат и луѓето. Јацењук, на пример. „Јац“, како што го ословуваше Викторија Њуланд за време на настаните во 2014 година, не се покажа доследен на своите изјави за борба со корупцијата, за демократија во земјата, за изградба на европска Украина...Зошто? И тој е дел од проблемот. И тој е дел од корупцијата, преку нему „блиските“ олигарси. Во Украина му ги споменуваат по име. И Порошенко е дел од проблемот со неговите „блиски“ луѓе. Најцинично од се е што премиерот Јацењук, кој е на врвот на рејтингот на народни антипатии во Украина, повикува да се закопаат „воените секири“, а себе си се поистоветува со Маргарет Тачер. Демек, и таа кога ги спроведувала реформите во Велика Британија не била омилена. „Погледајте ги рејтинзите на парламентот, на претседателот и на владата. Сите сме во иста категорија. Затоа што има општо незадоволство од власта. И така секогаш било во секоја земја. Јас ги разгледав рејтинзите на Маргарет Тачер во време на нејзиното раководење и на повеќе полски политичари. При спроведувањето на тешки реформи. Сликата е иста како кај нас“, рече Јацењук за  украинската телевизија „112 Украина“. Како ова да му беше малку за да се оправда за својата (не)работа, па вели дека му било полесно да поднесе оставка, ама му пречела државничката позиција! –Што ќе беше од полза за мене како политичар. Во вторникот да ме сменеа. Јас заминувам и велам, спроведувме реформи, дадовме плати, дадовме пензии, дадовме субвенции, ги намаливме даноците. Но за државата, ако се зборува од државничка точка на гледање – мојот рејтинг ништо не вреди во споредба со иднината на државата, изјави Јацењук.  Во една реченица, општото незадоволство од власта не е причина за оставка, зашто во прашање е иднината на земјата! Вчера, поранешниот украински претседател, Виктор Јушченко, кој на власт дојде на крилата на „портокаловата“ револуција, изјави дека проблемите на Украина не се ограничуваат со политичката криза. Државата е во економска, монетарна и безбедносна криза. Сето тоа заедно ја доведува земјата во најдлабока криза од нејзиното осамостојување. Првиот украински претседател, Леонид Кравчук, вели дека може да се случи нова револуција на Украина, како резултат на сегашната политичка криза во земјата. „ Јас сум убеден, ако сакаат, можат да се соберат и да го решат прашањето. Но ако тегнат јаже, ако зборуваат за тоа кој е постар, претседателот или премиерот, кој има повеќе овластувања, а раководителите на фракциите свират еднаш во едно, а после во друго свирало, ќе заврши многу лошо. Не би сакале да го имаме тоа, но тоа е што е, рече Кравчук за една телевизија во Украина. „Можеби ќе немаме нов Мајдан, но ќе има револуција, и можеби таа ќе биде последна. Можеби нема да биде „мајданска“, но нешто друго“, прогнозира Кравчук за развојот на настаните во земјата. Неспроведувањето на вистинските реформи и корупцијата се карактеристика на многу посткомунистички држави. Кога се нема волја и кога државниот интерес се остава зад личниот, партискиот, олигархискиот, нормално работите ќе тапкаат во место подолго од 20-тина години. И ќе кулминираат со обиди за воведување на авторитарен режим. Впрочем како и кај нас. Но за среќа на обичните Украинци и голем дел од интелектуалната елита, нив веројатно уште ги држи жарот за подобро општество и ќе пробаат да расчистат со минатото. Но, само ако претходно извлечат поука од двете претходни револуции. Да не дозволат нивните барања и искрени цели за подобро утре да им ги преземат други. Било олигарси, било вечни политичари, било некој поставен однадвор. Украина треба да реши побрзо што сака. Долгата криза само ќе ја влоши и онака вкупната тешка ситуација. А пред државата се многу предизвици. Корупцијата, економијата и финансиите се едни од нив. Што станува со Донбас? Со уставната реформа со која треба да се направи децентрализација на државата и давање поголеми права во регионите кои сега не се под контрола на централната власт. За тоа треба стабилна влада, но и големо парламентарно мнозинство или коалиција. Зашто некои уставни решенија и закони, болни по својата природа, ќе треба да се носат со двотретинско мнозинство. Доколку тоа не се случи, тогаш неминовни ќе има нови парламентарни избори. А тоа значи одлагање на работите. Работа која најмалку и оди во полза на земјата. Колку повеќе се одлагаат работите толку тие ќе станат потешки за спроведување во иднина. А токму така ќе се создаде плодна почва за нова револуција. Но, овој пат таа нема да биде фарса. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина