20 Април, 2024
0.0329

Украина: Со претседателот комедијант ќе биде „весело“

Објавено во: Колумни 26 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Она што го навестуваа предизборните анкети за претседателските избори во Украина се оствари . Комедијантот Владимир Зеленски во вториот круг катастрофално го порази досегашниот претседател Петар Порошенко, кој едвај успеа да освои околу 25 проценти од гласовите на избирачите. Над 73 проценти отидоа кај Зеленски. Победа која за држава од постсоветското пространство претставува вистинска сензација. Но и реалност за држави кои не се самоодржливи и во кои кандидатот ветува дека ќе биде „слуга на народот“ и дека ќе го избави од сите несреќи. Сиромаштијата, корупцијата, лошото здравство, лошото образование...И згора на се воен конфликт кому не му се гледа крајот и кој може да доведе до поделба, па и распад на државата. На Украинците со новиот претседател, комедијант, очигледно ќе им биде „весело“.  

Зеленски уште не седнат во претседателското столче веќе добива „честитки“-пораки од сегашната законодавна и извршна власт. Депутатите во Радата(парламентот) се подготвуваатзаконски  да му ограничат некои овластувањата. Исто така да се донесе и закон за отповикување на претседателот. Украина е парламентарно-претседателска држава, во која претседателот директно ги назначува министрите за одбрана и за надворешни работи, како и првите луѓе на Службата за безбедност и на Државното обвинителство. Но и на регионалните администрации. Тој има влијание и врз изборот на премиер, но сега некои сакаат тој да го одобри токму премиерот кој ќе му биде предложен од владеачото мнозинство. Исто и за министрите за одбрана и за надворешни работи. Во Украина вчера беше донесен Законот за исклучителноста на украинскиот јазик со кој ќе се спроведе речиси целосна јазична украинизација во државата.Растревожен реагираше и новиот претседател Зеленски.„Законот за државниот јазик го расправавме за време на изборниот циклус, што го направи него заложник на политичката реторика. Законот е донесен без претходно доволно широко разгледување во јавноста“, напиша тој на својата страничка во Фејсбук. Тој додаде дека го смета украинскиот јазик како единствен државен во земјата. Меѓутоа грижата за неговиот развој е нужно да се води создавајќи стимулативни и позитивни примери, а не со воведување на казни и забрани, нагласува Зеленски. Советот на Европа предложи донесувањето на законот да се одложи за после изборите и да се донесе во консултации со сите заинтересирани за него. Но претседателот Порошенко е заинтересиран законот да помине во Радата. Иако има депутати кои се противат и сметаат дека сега во Парламентот не треба да се носат закони се’ до денот кога Зеленски и официјално ќе стане претседател.  

Членот на штабот на Зеленски, Димитриј Разумков, смета дека предложениот закон за претседател е обид за „уставен преврат“. „Законот е делумно уставен преврат, затоа што во него голем дел од функциите, кои според Уставот се надлежност на претседателот, со него се отстрануваат и се предаваат на други органи на власта- парламентот или владата“, вели Разумков. Според него новиот претседател нема да ја поддржи таа иницијатива. А освен тоа, за време на претседателствувањето на Порошенко слични законски предлози воопшто не се ставале на дневен ред. Но, од круговите блиски на Порошенко нему му одговараат дека токму сега е моментот да се донесе законот зашто ниту еден претседател не ќе сака да се донесе таков закон пред да почне неговиот петгодишен мандат. Некои експерти сметаат дека иницијативата за законот е обид на Порошенко за реванш за катастрофалниот пораз на изборите. Но заради сложените процедури за носење закони многумина сметаат дека тој нема воопшто да помине во парламентот. Дотолку повеќе што голем број депутати му откажуваат љубов на Порошенко или едноставно се престројуваат, бидејќи не се исклучува Зеленски да ја распушти Радата и да објави предвремени парламентарни избори, наместо редовните кои треба да се одржат наесен.

„Честитка“ стигна и од рускиот претседател Владимир Путин. Но не за победата на изборите. Тој во средата го потпиша Законот за давање државјанство на населението од Донбаское не е под контрола на централната власт. Се најавува давање државјанство за Украинците кои заминаа во Русија по почетокот на немирите на истокот на земјата. Овие мерки се најавувани поодамна, но едната е реализирана токму сега. Во Кремљ изјавија дека тоа решение е преземено од Путин „со цел да се заштитат правата и слободите на човекот и граѓанинот“, врз основа на „општоприфатените принципи и норми на меѓународното право“. За овој чекор на Русија имаше реакции од Западот, а и од Украина. Демек се подготвува анексија на тој дел од Украина од страна на Русија. Од тимот на Зеленски изјавија дека со „ Со Указот за давање руски пасоши на украинските државјани, кои времено се наоѓаат на територии кои не се под контрола на нашата држава, Русија ја признала својата одговорност како држава – окупатор“.

Ваквата реакција на Украинците го зачуди Путин. Тој вчера во Владивосток изјави дека таква практика, издавање пасоши, имаат подолго време и Полска и Унгарија и Романија. „Оттука, се прашувам, а што се полоши Русите, кои живеат во Украина, од Романците, Пољаците и Унгарците, или од Украинците кои живеат таму, но кои што ја чувствуваат својата нераскинлива врска со Русија по разни основи, како што се роднински и мешани бракови и други. Освен тоа, кога други земји, соседи на Украина, во текот на многу години тоа го прават зошто и Русија да не може да го прави, дотолку повеќе што луѓето што живеат на територијата на Доњецката и Луганската република се наоѓаат во многу потешка состојба, отколку Пољаците, Романците или Украинците на територијата на Украина? Затоа што тие се лишени од многу работи. Лишени од елементарните човекови права, како што е образование, на пример. Не можат да патуваат низ територијата на Украина или трети земји, дури и низ територијата на Русија им е тешко да се движат...Прашањето со пасошите има чисто хуманитарен карактер“, изјави Путин. Пред некој месец меѓу Украина и Унгарија имаше дипломатска војна поради давањето унгарски пасоши на Унгарците кои живеат во Украина.

Новиот украински претседател ќе има голем предизвик во соработката со Русија. Од неговиот изборен штаб изјавуваа дека се прават планови за дијалог со Русија. А Зеленски дури изјави дека е подготвен да се сретне со Путин. Погорните потези на Русија како да одат против желбата на Зеленски да ги среди односите со Русија. Има поединци од неговото опкружување кои се противат на таква средба. Неговиот советник Иван Апаршин изјави дека не би му советувал да се сретне со Путин еден на еден. Според Апаршин таквите преговори се бесперспективни за Киев, бидејќи Зеленски не е способен самостојно да ја брани својата позиција. Па затоа тој му предлага на Зеленски да ги земе Американците и Британците како посредници, а исто така и Германија и Франција, членки на „Нормандиската четворка“. Со сосема друго мислење е премиерот на Ерменија Никол Пашинјан, за кого тврдат дека не е „фан“ на Путин. Тој смета дека на Зеленски нема да му биде  тешко да разговара со Путин. Дека ќе успее да најде заеднички јазик со него, но под услов да разговара чесно и отворено, без лукавење или подметнување.

Честитките до Зеленски не се само домашни или соседски. Доаѓаат и од Запад. Со таква брзина што човек да помисли дека комедијантот за својата улога добил Оскар. Уште по прегледаните два процента избирачки материјал доаѓаат првите телефонски јавувања. Никој не ги чека конечните резултати. Јиржи Дуда од Полска,Емануел  Макрон од Франција , на полноќ Доналд Трамп...Западни амбасадори од Г7 и други се дојдени во штабот. Соопштенија, изјави од амбасади во Киев, од експерти, надежи за соработка со новоизбраниот претседател. А една недела пред изборите истите тие за Зеленски зборуваа како за „сомнителен“ кандидат кој доаѓа од рускојазичниот дел на Украина, човек кој не знае ништо за надворешната политика, човек  кој ако биде избран ќе биде катастрофа за Украина! Сега се дава поддршка и на новиот претседател со нагласка дека нема да биде помала од претходно. Ангела Маеркел го поакни Зеленски на средба во Берлин што поскоро. Со гаранција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. И се во тој стил. Тереза Меј повика на заедничко спротивставување на Русија. Претставникот на Русија при ЕУ Владимир Чижов во една изјава не исклучи дека наскоро Запад ќе почне да му дава совети на Зеленски, за да го означи „пределот на колебање“ на неговиот иден политички курс. „Несомнено, после честитките на негова адреса ќе следат не малку „совети“, а при неопходност и пожестоки препораки“, прецизираше Чижов. Но и овој заборава дека сега Русија не ќе може да се повикува на „фашистичката власт во Украина“. Инаку националистите на овие избори беа против рускојазичниот Зеленски и му препорачаа: „ Или ќе се украинизира или нема место за него“.

Ќе може ли Зеленски да ја изгради „Украина од мечтите“, како што се викаше неговата изборна програма? Ќе го создаде ли „тимот од мечтите“ врз основа на предизборниот повик до граѓаните да предлагаат кандидати за премиер, министри и други клучни фукции во државата? Дали партијата на Зеленски, повеќе виртуелна, отколку реална, наречена „Слуга на народот“ ќе успее да ги помине сите Сцили и Харибди, слушајќи го само народното ехо или пак ќе се претопи во сивилото на трагичната постсоветска транзиција. Виктор Јушченко, кој стана претседател во 2004 година на бранот на „портокаловата револуција“ со огромна поддршка од електоратот не успеа да ја искористи енергијата на народното незадоволство. Различните политички сили зад кои стојат олигарсите не му дозволија да ги оствари прокламираните цели и неговиот мандат остана запаметен само по наводниот обид да биде отруен.

А Зеленски има многу намери. Можеби најпрва за реализација ќе биде распуштањето на Парламентот. А со тоа и нови избори. За да не им даде можност и време на сегашните парламентарци да ја саботираат неговата програма. Но не само тие и ДИК на Украина одолговлекува со објавувањето на официјалните резултати за да ја развлече инаугурацијата, а со тоа и евентуалното распуштање на парламентот. Редовните избори се на крајот на октомври, но Радата не може да се распушти шест месеци пред изборите. Па така би немало предвремени избори. А на нив на бранот на победата тој и неговите приврзаници сигурно ќе успеат да обезбедат солидно мнозинство. За полесно да ги спроведе реформите. Она што му се случи вчера со Законот за јазикот само ја потврдува опасноста од саботирање. Тој сака  да ги вклучи и САД и Велика Британија во преговорите за Донбас. Се најавуваат посети на Вашингтон и на Берлин. Ќе посака да ги смени и министрите што се во негова надлежност, како и државниот обвинителот и   првиот човек на Службата за безбедност. Предвидува економски реформи. Поставување на „чесни“ судии во Вишиот антикорупцискиот суд . И многу други реформи и потези. А тешко ќе му биде да се ослободи и од наметнатиот товар дека е човек на олигархот Игор Коломојски, кој ја напушти Украина. Причина беше судирот со Порошенко, кој наметна приватизација на банката на Коломојски. Овој олигарх е под сомневања во САД за криминал. Во зависност од тоа колку брзо Зеленски ќе се ослободи од Коломојски ќе зависи и успехот на неговите реформи. Зашто, меѓу  другото, народот на избори гласаше и против олигарсите и нивниот систем на владеење, кој ја направи Украина нивен заложник. Да не се каже заробеник. Со сите последици што произлегуваат од тоа. Впрочем и ние на наша кожа почувствуваме што значи „заробена држава“. Затоа Зеленски, Евреинот од Украина, е пред голем предизвик. 

А најголем и итен приоритет треба да му е враќање на единството во земјата. Помирување на истокот и западот, на Украинците и Русите, односно на украинското и  рускојазичното население. Со прекин на војната. Доколку ова го направи за време на неговиот мандат тогаш и болката од компромисот за помирување ќе биде помала. А доколку се’ се одложи, тогаш потребата од компромис ќе се пренесе на идните генерации, но цената што ќе се плати ќе биде многу поголема. Впрочем како кај нас со името и Грција.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок