19 Април, 2024
0.2344

Украина во ЕУ во 2024 година!

Објавено во: Колумни 07 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Во јуни годинава Украина заедно со Молдавија го доби долго очекуваниот статус, кандидат за членство во Европската Унија. И за Украина и за Молдавија беа прерипнати некои барања кои беа задолжителни за други држави, како на пример за Македонија, за да добијат кандидатски статус. Очигледно војната си го направи своето. Но не и за нас во „војната“ со Бугарија.

Тогаш пишувавме дека Украина новиот статус го доби во пакет со список критериуми-услови кои што треба да се исполнат за да се премине кон новата етапа – преговори за евроинтеграции. Украинците барањето за кандидатски статус го направија само неколку денови по почетокот на руската инвазија. Се разбира со поттик од ЕУ. Украинскиот претседател Владимир Зеленски тогаш изјави дека во новонастанатите услови очекува присоединување кон Унијата по специјална процедура. Во март Европскиот парламент го поддржа давањето статус на Украина – кандидат, а на неформалниот самит на европските лидери во Версај беше донесено решението кое дава гаранција дека Украина ќе стане член на ЕУ. Кога? Кога ќе дојде време. На 17 јуни ЕК препорача на Украина да и се даде кандидатски статус со неколкуте услови за почеток на преговори. Првиот човек на ЕК Урсула фон дер Лајен објавувајќи го решението за Украина напиша на Твитер:„ Украинците се подготвени да умрат за европската перспектива. Ние сакаме тие заедно со нас да ја живеат европската мечта“.

Пред давањето статус кандидат за членство, во Украина имаше скепса, дека некои држави нема лесно да се согласат со барањето на Украинците. Но се’ се промени кога тројцата лидери на Германија, Италија и Франција, Олаф Шолц, Марио Драги и Емануел Макрон, и романскиот претседател Клаус Јоханис, заедно допатуваа во Киев. Токму овие политичари беа главните промотори на Украина во добивањето кандидатски статус за ЕУ.

За да не личи се’ на протекција, Европската комисија и препорача на Украина да прифати и да вгради разни законски, кадровски, добрососедски решенија. Вкупно седум. Пред се во борбата со корупцијата и за реформа на целиот правозаштитен сектор како дел од системот за безбедност на Украина. Ќе мора да се заврши и реформата за правната основа за националните малцинства која се подготвува во согласност со препораките на Венецијанската комисија и да се донесат итни и ефикасни механизми за реализација. Сите овие барања треба да се исполнат до крајот на годинава. Нешто е направено, но ние од нашето искуство знаеме дека со нешто не се влегува во игра.

НАЈБРЗО ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ

Но така не мислат во Киев. Украина, очекувањето по „специјална процедура“ да добие кандидатски статус, се чини сака да се преслика и во почетокот на преговорите за членство. Украина има намера да го заврши процесот за пристапување во Европската унија до крајот на 2024(!) година, од тоа зависи „моралот“ на жителите на земјата. Ова во интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“ го изјави вицепремиерката на Украина Олга Стефанишина. „Решени сме да го завршиме пристапувањето во ЕУ до крајот на 2024 година“, рече таа. Изданието забележува дека пристапувањето на Украина во ЕУ на овој начин би бил најбрз во историјата, што укажува дека во просек овој процес траел околу девет години. Стефанишина, во интервју за весникот, нагласи дека Киев „не е обичен кандидат“, иако, според „Велт ам Зонтаг“, Брисел „поинаку гледа на тоа“. „Правниот почеток на преговорите (за влез на Украина во ЕУ) е исклучително важен за моралот на Украинците, бидејќи со години се бориме да и припаѓаме на Европа и во моментов ги ризикуваме нашите животи“, рече вицепремиерот, парафразирајќи ја Урсула фон дер Лајен од јуни годинава, кога Украина доби кандидатски статус. Според неа, земјата извршила „значителен“ број реформи во областа на борбата против корупцијата и судството. Таа нагласи дека Украина „ја исполнува домашната задача“.

Но, во исто време, во интервју за истиот весник, европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји смета дека пристапувањето на Украина во Европската унија може да потрае со години. Тој истакна дека сега е невозможно, ниту да се договори распоред за почеток на преговорите за ова прашање. Впрочем и насловот од германскиот весник покажува дека и Германија се колеба по повод влегувањето на Украина во ЕУ. А причина за тоа не е само стравот од корупцијата и судскиот систем, туку има и стратешка причина. Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји смета дека само процесот на подготовка на Украина за почеток на преговорите за влез во Европската унија може да потрае повеќе од една или две години. Дури и ако Киев успее да влезе во преговори пред крајот на 2023 година, Брисел не верува во нивно завршување во рок од една година.

„Со оглед на големиот обем на работа потребна за подготовка за учество на внатрешниот пазар на ЕУ и многу други важни политички области, целата подготовка за пристапување веројатно ќе потрае подолго од една или две години“, вели Вархеји. Него не го поколебува и коментарот на Стефанишина дека  „Украина го започнала процесот на интеграција уште пред да добие статус на кандидат за членство“  и ставот дека:„Веќе се спроведени голем број реформи под надзор на ЕУ. Затоа, можно е да се дејствува побрзо и да не се користи вообичаената процедура(!)“. Сепак, Вархеји не сака да слушне ништо за забрзаната постапка: „За Украина важат истите критериуми како и за сите други апликанти“. Според него позитивно се гледа на украинската решеност за забрзување на реформите. Но сите седум реформи што и се дадени како услов за почеток на преговорите не можат да се завршат брзо. „Затоа, не може да се одреди временскиот распоред за почеток на преговорите“, смета Вархеји.

„РАСЧЕРЕЧУВАЊЕ“ НА ВАРХЕЈИ

На 6 октомври украинскиот вицепремиер, Олга Сефанишина, задолжена за евро-атлантските интеграции имаше дадено изјава дека Украина смета на почеток на преговорите во 2023 година. Според нејзините зборови тогаш, во Киев не исклучуваат дека Украина може да стане дел од ЕУ до 2030 година, признавајќи дека во ЕУ сите не го поддржуваат европскиот курс на Украина. Што се случи во меѓувреме, па за еден месец таа да го смени ставот и да најавува дека земјата ќе стане дел од ЕУ во 2024 година, може само да се нагаѓа. А можеби тоа е дел и од стратегијата на Украина да се ѕвони на узбуна на сите ѕвона. Стратегија која како што гледаме дава добро резултати за земјата воопшто. И на воен и на политички и на економски план.

На 13 октомври медиум близок до украинската влада излезе со наслов: „Унгарска кочница. Како Брисел го одлага натамошното зближување на Украина и Молдавија со ЕУ“. Дрвја и камења против Оливер Вархеји. Повикуваќи се на искажувања на Жозеп Борел и на Урсула фон дер Лајен, авторот констатира дека „Реализацијата на визионерската точка на гледање на лидерите на ЕУ понекогаш се судира со приземната бирократска реалност. Украина тоа добро го почувствува. Без оглед на поддршката од претседателката на Европската комисија, без оглед на барањата на времето и без оглед на сопствените ветувања на ЕУ, тактичката победа во Брисел ја имаше Оливер Вархеји, кој според убедувањето на Киев, има поставено цел по секоја цена да го сопре движењето на Украина кон членство“. А со тоа ќе ја доведе во опасност и интеграцијата на Молдавија, и ќе и овозможи на Русија да создаде уште една точка на нестабилност на границата со ЕУ, смета авторот.

По ова почнува „расчеречување“ на Вархеји. Демек тој е виновникот Украина што добила седум услови за почеток на преговори.  Па се споменуваат политички игри, со кои наместо во октомври годинава за Украина и за Молдавија, нивниот напредок, би се расправало на есен во 2023 година. Весникот тврди дека и оваа варијанта за Вархеји, со нагласка дека е делегиран од Унгарија, била многу амбициозна. Тој во септември бил во Киев и на домаќините им рекол дека преговори пред 2024 година нема да почнат. Наводно, на домаќините дури им бил пратен сигнал дека додека е Вархеји, Украина нема да добие датум за преговори! Весникот пишува дека Вархеји им рекол на домаќините дека ќе има проверки на критериумите и тоа ќе трае онолку колку што е потребно. И се вели дека тој ќе биде комесар до есента 2024 година.

КЛИМАЊЕ СО ГЛАВА

Во Киев се надеваат на вмешување на фон дер Лајен во работите за да се одбегне бирократизирањето, според нив, од Вархеји. Онака како што се вмешала и при добивањето кандидатски статус за Украина и Молдавија, а што било одолговлекувано од Вархеји. УКраинците очекуваат првиот човек на ЕУ да го земе во свои раце украинското досие од Вархеји. Такво нешто досега не се случило, но наводно се разгледувало како можност. Украина и Молдавија одат во тандем. И со оглед на политичката ситуација во Молдавија Украина се плаши да не биде нејзина жртва. Оттука и навивањето нејзините пријатели во ЕУ(пред се Полска и земјите од Балтикот) и самата ЕУ да се заложат да се исклучат од процесот на носење решение или да го надминат отпорот на оние кои го сопираат зближувањето со ЕУ(читај Вархеји), и ЕУ да постапи како политички играч. А Брисел ветува дека ќе го направи тоа. Време е да се реализира тоа решение, бара весникот.

Сето погоре можеби да е дел од стратегијата на Украина за брз влез во ЕУ. Дури и нападот врз Оливер Вархеји. Постојано се нагласува дека тој е Унгарец, а Унгарија важи за земја која, барем засега, има друг приод кон војната во Украина и санкциите кон Русија. Во битката за влез во ЕУ нема милост. Се користат сите орудија. Против Вархеји, кој објективно е во право. Зашто принципот за почеток на преговори и за влез во Унијата треба да биде ист за сите. А не да има различни стандарди.

И така, додека во ЕУ се споменуваат или се бараат специјални начини за брз прием на Украина и на Молдавија во Унијата, земји како Македонија ќе чекаат со години. И покорно ќе климаат со глава и ќе исполнуваат се’ што се бара од нив.  А на што се согласиле неспособните преговарачи. Да не мислат нашиве дека во ЕУ ќе влеземе на бранот од Украина и Молдавија.  Се ова ме враќа во времето кога се раскажуваше вицот за Македонците во највисоките сојузни органи. Кога на столовите им ставале патенти, кои им ги раскрварувале газовите, ама тие си молчеле и климале со глава. Сметале дека тоа е директива.  Така и денес, за жал. Еволуцијата е долготрајна работа.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок