Украина во конфедерација со Полска?
Објавено во: Колумни 10 Април, 2023
Некаде кон крајот на јуни
минатата година директорот на Службата
за надворешно разузнавање на Русија,
Сергеј Наришкин, изјави дека раководството
на Полска разработува различни планови
за поделба на Украина. „Според информациите
добиени во Службата, раководството на
Полска почнало да разработува сценарија
за де - факто распарчување на Украина“,
ги цитираше неговите зборови прес-службата
на руската ЦИА.
Варшава планира да распореди свој „мировен контингент“ на западот на Украина. Покрај тоа, можно е да се создаде прокси држава контролирана од Полска на „Источните покраини“, која ќе биде „под заштита“ на полските вооружени сили. Во исто време се размислува за проект за формирање на „тампон зона“, од централните региони на Украина, за да се избегне несакан директен судир со Русија.
Како што пренесоа тогаш руските медиуми, според Наришкин, во Варшава ја проанализирале ситуацијата и дошле до, за себе болен заклучок, дека е невозможно да се спречи победата на руските, доњецките и луганските војски на воено поле, и покрај изјавите на западни политичари. „ Полските власти се убедени дека САД и Британија ќе бидат принудени да го поддржат нивниот план. Како што претпоставуваат во Варшава, со навлегувањето на руските војски длабоко на украинска територија, Вашингтон и Лондон ќе немаат друг избор освен да покажат „солидарност без поговор“ со сојузникот, „подготвен решително да ги брани интересите на Западот во Украина“, додаде тогаш Наришкин. Па оттука и заклучокот на Наришкин дека од „тие причини перспективите за политичко преживување на претседателот на Украина Владимир Зеленски се оценуваат како „неутешителни““.
Инаку Наришкин уште во април лани одбележа дека Вашингтон и Варшава разработуваат план за воспоставување на воено - политичка контрола од страна на Полска врз „источните покраини“ на Полска (во Украина). Во суштина станува збор за обид да се повтори историското решение за Полска после Првата светска војна. Кога Антантата и го призна правото на Варшава, прво да окупира делови од Украина за заштита на населението од „болшевичката закана“, а потоа и вклучување на тие територии во состав на полската држава.
БЕЗ ГРАНИЦИ МЕЃУ ПОЛСКА И УКРАИНА
Што од сето ова се оствари знаеме сите. Украина дури врати дел од териториите кои беа под руска контрола, а еве сега се зборува дури и за нови контранапади кои би требало да ја истуркаат руската војска најмалку на границите на Украина од 1991 година. Тоа е желбата на Украинците. Во меѓувреме на најјако во игра се вклучени разузнавачите, па се внесува смут во се она што се случува и се очекува на фронтот. Игрите на разузнавачите заслужуваат посебен осврт. Но, не помалку смут внесе и минатонеделната официјална посета на Зеленски на Полска. Дури се „прозборе“ за создавање на конфедерација меѓу Полска и Украина!
Посетата на Варшава за Зеленски беше со широка агенда, склучување на договори, одликувања, но како што се случува, по обичај, кога ќе се дадат изјави, сето тоа падна во вода и јавноста коментираше само едно. Една фраза или прогноза на Зеленски за иднината меѓу двете земји. „Меѓу нас немало граници, и јас го сметам ова за почеток на тоа, дека меѓу нас во иднина нема да постојат никакви граници, кои било: политички, економски и што е важно историски. Поради нашите народи. Но за тоа е потребно уште да се победи. За тоа е потребно уште малку да се оди рамо до рамо“, изјави Зеленски. Тој вели ќе нема граници меѓу двете држави!
Веднаш се поставува прашањето на што всушност мислел Зеленски кога ја давал оваа изјава. Спојување, конфедерација или едноставно бришење на границите? Знаеме дека Украина има амбиции под итно да влезе во ЕУ и во НАТО. Ај, за ЕУ може и да почне преговори годинава, па како што тврдат некои украински политичари, за две до три години Украина би била дел од ЕУ. За НАТО би почекала малку подолго. И, ако Украина влезе во ЕУ, тогаш навистина ќе нема граници меѓу двете земји. Но влезот во ЕУ е трновит. Нам ќе ни требаат уште седум до десет години, ако почнат преговорите годинава. За почеток на преговори сме кандидат од 2005 година. А Украина сигурно нема намера да чека колку нас за такво нешто. Она што таа го прави, не со војната, туку со политиката е за пример за сите кандидати за ЕУ. Таа „ги строи“ сите во ЕУ. Им вели ако паднеме ние следните сте вие. И поставува барања кои Европа, а и САД без поговор ги исполнуваат. Можно ли е такво нешто со ЕУ и со НАТО? Ако не е, тогаш тука е Полска.
ИСТОРИСКИ РЕВАНШ
Одделни извори, блиски до Канцеларијата на претседателот, за украински медиуми велат дека веќе некое време се разгледува идејата за создавање конфедерација со Полска. За некого тоа би било создавање на нова Реч Посполита. По урнек на државната творба од втората половина на 16 век меѓу Кралството Полска и Големото Литванско кнежевство, која траела речиси до крајот на 18 век. Територијата на таа држава претежно се простирала на териториите на денешна Полска, Украина, Белорусија, Литванија, а делумно на територии од денешна Русија, Латвија, Молдавија, Естонија и Словачка. Во 1895 година таа држава пропаѓа и е поделена, меѓу Русија, Прусија и Австрија.
Создавањето на конфедерација за некого со националистички ум би значело враќање на „праведноста“, но за такво нешто нема траен имунитет. Па оттука и за Полска, но и за делови од Украина. За одделни украински познавачи на состојбите таа идеја, за конфедерација, се јавува како одговор на важно, стратешко прашање, како да се гарантира безбедноста на земјата, доколку после војната нема да сакаат да ја интегрираат во НАТО? Може да се зборува и за нови територијални усогласувања во Источна Европа, по завршувањето на војната, а кои вклучуваат и создавање конфедерација меѓу Полска и Украина. Или, пак што не е ново, но засега е длабоко во сенка, конфедерација или обединување на Романија и Молдавија.
Мора да се признае дека за време на војната во Украина, Полска и Украина соработуваат многу тесно. Полска е предводник на групата земји од Нова Европа, кои се највоинствено настроени кон Русија. После САД и Германија, Полска е третата земја која најмногу ја поткрепува борбата на Украинците против Русите. Исто така и најголем поддржувач на евроантлантските интеграции на Украина.
Можеби создавањето на конфедерација би бил и мал историски реванш на Полска кон Русија. Нивните спротивставувања влечат корени во минатото, кое за Полска е многу болно. Нејзините напори за реванш, најчесто завршувале со пораз. Прашање и сега е, колку ќе се успее во формирањето на конфедерација. И историските пластови меѓу Украина и Полска се полни со спротивставености. Колку и да е голема сегашната полска поддршка на Украина, кога станува збор за подалечната, а посебно за блиската историја, колежите од страна на приврзаниците на Стјепан Бандера врз Пољаците, овие не можат да ги избришат од колективната памет. И постојано им го поставуваат на Украинците прашањето за фашистичките злодела на Бандеровците. Украинците, пак, го сметаат него за национален јунак, ставен на историскиот пиедестал, после 1991 година, како најзначајна историска личност. Ние од нашето искуство знаеме дека и Украинците ќе легнат на брашно и доколку сакаат конфедерација или полска поддршка за ЕУ и НАТО, дека ќе мора да направат компромис со минатото.
КОНФЕДЕРАЛНА ОПЦИЈА
Му се испушти ли изјавата на Зеленски или неговите зборови едноставно беа погрешно протолкувани е отворено прашање. Но, затоа коментарите се ројат. Политикологот од Украина Руслан Бортник смета дека претседателот мислел на последиците од пристапувањето на земјата во ЕУ и НАТО, што навистина ќе ја направи границата со Полска формална за граѓаните, а Украина „ќе биде вклучена во заедничкото политичко поле на ЕУ, добивајќи право да избира пратеници на својата територија во заедничкиот парламентот на земјите членки“.
„Меѓутоа, изјавата, според мене, сепак има одредена двосмисленост. Зад кулисите на домашната политика навистина се разговара за сценарија дека, ако Украина не успее брзо да се приклучи на Европската унија и НАТО, може да дојде до проширување на функциите на Лублинскиот триаголник (Киев - Варшава - Вилнус – з.м.) и создавање на нов политички субјект, во кој покрај земјите - членки на „триаголникот“, спаѓаат и Латвија, Естонија и Молдавија. Или - поедноставна конфигурација во формата на унија само на Украина и Полска, како резултат на уште поголемо зближување. Ова е еден вид план „Б“, кој може да смета на поддршка од САД и Велика Британија. Ве потсетувам дека јавното мислење на двете земји е за продлабочување на соработката меѓу Киев и Варшава. А социо-економската интеграција веќе достигна историски размери без преседан. На оваа позадина, дискусијата за создавање на Реч Посполита 2.0 не е изненадувачка, коментира Бортник за „Страна“.
За експертот конфедералната опција сега е „помалку веројатна од пристапот на Украина во ЕУ и долгиот пат кон НАТО“. Што добива Варшава во случај на сојуз со Киев? Според Бортник, тоа ќе ја зголеми геополитичката тежина на Полска, ќе и овозможи на Украина да обезбеди уште поголема помош - дури и преку директна интервенција во војната. Економски, Украина може да биде голема помош за Варшава.
Полскиот политиколог Томас Гжегож Гросе во колумна за Rzeczpospolita пишува дека еден од можните начини да се запре Русија и да се обезбеди безбедност на Украина би можело да биде обновувањето на Реч Посполита во границите на Полска и Украина. Во овој случај, според неговото мислење, проблемот со пристапувањето на Украина во ЕУ и НАТО „некако ќе се реши сам по себе“. Во исто време, политикологот Кост Бондаренко смета дека патот на конфедерацијата со Полска веројатно нема да ја приближи Украина до пристапување во Европската унија и НАТО. „Автоматскиот влез на Киев во двата блока во случај на создавање заедничко државно тело со Полска нема да се случи. Разговарав за такво сценарио со голем број европски политичари и експерти. Тие се согласуваат дека е поверојатно Варшава да биде лишена од членство во НАТО, отколку Украина автоматски да биде вклучена таму како конфедерација на две земји“, вели Бондаренко.
Во целина, сепак, Бондаренко се сомнева дека Полска е „суштински подготвена да ја спроведе идејата“. „До 2022 година во Полска немаше големи национални малцинства. Може да се каже дека земјата беше етнички хомогена. И сега, поради поплавите на бегалци од Украина, се формира малцинство во износ од околу 10% од населението во земјата, а може да се зголеми уште повеќе. Кога новодојдените ќе се чувствуваат удобно, ќе почнат да бараат да се почитуваат нивните права, на пример, за образование на децата на нивниот мајчин јазик. Ова може да предизвика тешкотии за Полјаците кои не се навикнати на такво соседство. Историската меморија, исто така, може да предизвика причини за незадоволство со Украинците, како и Украинците со Полјаците. Така, процесот на уште повеќе зближување на две земји и општества со цел конфедерација, дури и ако таква одлука еднаш се донесе, нема да биди лесен“, смета Кост Бондаренко.
ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА
Полска има амбиции да биде центар и фактор број еден во ЕУ. Особено кога зад себе ја има Нова Европа. Прашање е и како САД ќе се однесуваат кон создавањето на алтернативен центар на влијание во ЕУ. Па дури и Украина да биде вовлечена во него. Клучни сојузници за Американците се’ уште се Франција и Германија. На Американците им е јасно дека во никој случај не смеат да ја изгубат од вид Германија. Згора на тоа САД и не ја милува многу сегашната полска власт, исто како и унгарската.
Коментарите на Русите на изјавите на Зеленски се зајадливи. Се вели дека целиот негов ПР е заснован на лаги. Дека државата му бега од раце и дека повторно се наѕира статусот „Источни покраини“. „Веќе треба да се договориме со Полска за немање граници, Унгарците следат со свои барања, Романците се доближуваат... Крим го нема, Донбас, Луганск, Запорожје, Херсон - каде ти е земјата Зеленски? Дали вашите Џонсонови и Полјаци ви помогнаа? Воопшто не зборувам за украинската економија - земјата живее од заеми од англосаксонците“, пишуваат руски аналитичари.
И поставуваат прашање. Каде ќе оди Зеленски по поделбата на земјата? Следи одговор. Може да оди во Полска, која не е далеку, па некои момци од Десниот сектор или други од Бандера дефинитивно ќе го најдат. Во Израел? Зеленски нема да ризикува да избега таму: вистинските Евреи нема да му простат за збратимувањето со Бандера - тоа е апсолутно сигурно. Па, дури и ова не е главната работа - а кој ќе ги компензира финансиските загуби на Евреите од Одеса? А што е со оние еврејски деловни кругови што ќе настрадаат по бегството на Зели?! Повторно, Коломојски(еден од спонзорите на Зеленски, кој беше и уништен од него, како олигарх. з.м.)... Не, Израел не е опција. Не ја ни земам предвид Америка – за Владимир Зеленски, таму ќе биде уште полошо отколку во Полска. Останува само Велика Британија и живот во вечен страв: британското Министерство за надворешни работи сака софистицирани језуитски интриги и судбината на Скрипаљ и Березовски ќе виси како Дамоклов меч над Зеленски и целото негово семејство. Но, како точно ќе располагаат со него момците од МИ6, знаат само тие.
Очигледно е дека Полска, а некако тивко и Украина ќе сакаат да се врати минатото. А тоа значи дека Полска ќе стане центар за кој спомнавме погоре. Некогашната прва линија на одбрана на Советскиот Сојуз од Германија - Полска, поддржана од Романија, Балтичките земји, а сега поддржана и од Финска е главна во напорите Русија да биде воено поразена, а и да го покаже своето величие. Ако треба и со праќање војска во Украина. За последиците ќе мислат после тоа. Полјаците знаат дека Русија без Украина не ќе може да биде Евроазиска империја. Па затоа ќе направат се Украина да влезе во ЕУ и НАТО или пак да се создаде конфедерација меѓу двете земји. Ќе ги уплаши последново или ги плаши ли тоа Франција и Германија? Секако. Но најмногу ги плаши Русите. Затоа е во право Зеленски кога зборува за немање граници меѓу Полска и Украина, „прво треба да победиме“. А тоа ќе оди тешко. Само, да не дојде до поделба на Украина.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.