Украинците со многу прашања и гнев околу војната
Објавено во: Колумни 04 Декември, 2023
Неуспехот на контраофанзивата на украинските сили на фронтот си носи последици. Веќе подолг период во земјата одат „подземни“ игри кои кулминираат во судири, јавни или не јавни, меѓу раководствата, воено и политичко, во земјата. Официјално сето тоа се демантира, но со потези нарачани или демонстративни, во игра се вклучуваат и актерите. Некој и „шепнал“ на една пратеничка од Радата да врши атаци врз Главниот командант, Валериј Залужњи, а тој лајкува постови во кои цел на напади е политичката власт. А дека работите не одат во сакана насока во саботата, во едно интервју, призна и Михаил Подољак, советник на првиот човек на Канцеларијата на претседателот.
Според него во украинската
јавност се насобра „многу гнев“, „тешки прашања“ во однос на војната. Тие се
однесуваат на корупцијата, а исто така и
за тоа по која цена се води војната, особено ако се земе предвид дека немаше
пробив на фронтот. Во интервјуто Подољак
вели:„ Во општеството.., се насобра премногу гнев – тоа прво. Второ, во
општеството се насобраа премногу тешки прашања. Како, каде, зошто и по која
цена. Во општеството се насобраа премногу информации за тоа, дека не сите, да
речеме, во државната вертикала, на ниво на локални власти се вложуваат во
војната, како самото општество. Јас
зборувам и за корупцијата, и за моделот на однесување, и за чудните изјави од
време на време. Сето ова паѓа како тежок товар, бидејќи немаше пробив долж
линијата на фронтот“.
На ова се надоврза и
претседателот , Владимир Зеленски, кој во вечерното обраќање вчера, забележа дека битката за судбината на Украина
продолжува не на социјалните мрежи или во разјаснување на односите, туку во
конкретни акции за поддршка на државата. Делува малку демагошки, бидејќи
припадниците на неговата партија, па и тој лично, придонесуваат кон публичното
разјаснување на односите. Колку за потсетување, во почетокот на ноември Залужњи
во интервју за "The Economist",изјави дека ситуацијата на
фронтот е во ќорсокак. Од своја страна Зеленски изјави дека не смета дека
ситуацијата на фронтот е во ќорсокак. Па потоа во интервју за таблоидот The Sun рече дека воените лица кои се
подготвуваат да се бават со политика „не
треба да се бават со војна“. Кон крајот на ноември The
Economist напиша дека паралелно со мрачната реалност на рововската војна се’
повеќе станува напнато „политичкото поле за битка“ во Киев, дека Зеленски го
гледа Залужњи како конкурент, а политичката кавга и штети на Украина. Конечно,
се јави и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, кој изјави дека Украина се
движи кон авторитаризам и може да престане да се разликува од Русија, каде што
„се зависи од еден човек“. Алузијата е сосема јасна.
АНКЕТИ
Дека работите не одат баш најдобро потврдуваат и мноштвото анкети. Па така, анкетата на „Рејтинг“ во ноември, покажа дека Украинците речиси на пола се поделени околу прашањето за тоа како треба да заврши војната. Од испитаниците 44 проценти сметаат дека треба да се бара компромисно решение на преговори со привлекување кон нив други земји. Наспроти ова 48 проценти се за продолжување на борбите до ослободување на териториите. Лани зимата и летово бројот на приврзаници на војната бил 60 проценти. За компромис повеќе се младите од 18 до 35 години (45 проценти) и на истокот на земјата (51 процент). За војна се определуваат постарите од 35 до 50 години и на западот од земјата (по 50 проценти). Се разбира со анкетата на се опфатени испитаници од териториите под руска контрола. А тоа е околу 20 проценти од територијата на Украина. Крај на војната под било кои услови посакаа над 30 проценти од испитаниците во јули. Bloomberg во ноември пишуваше дека расте бројот на Украинците кои сметаат дека се неизбежни територијални отстапки во замена за мир. Можеби ова беше повод за Зеленски да изјави дека мир може да има веднаш, ако Украина ги даде Крим и Донбас, но тој не е за тоа.
Настаните во земјата, преку анкети, потврдуваат дека во Украина последнава година зголемен е бројот на луѓето кои сметаат дека Западот се уморил од Украина, дека власта е подготвена на неприфатливи компромиси со Русија и дека има конфликт меѓу војската и политичкото раководство на земјата. Кон средните на октомври, анкетарите од КМИС ги кажаа резултатите од нивната анкета. За заморот на Западот и за намалената поддршка се изјаснија 30 проценти од испитаниците. Една година пред тоа таа бројка беше 15 проценти. 63 проценти сметаат дека Западот продолжува да и помага на Украина и сака војната да заврши на услови прифатливи за Киев. Во подготвеноста на власта за „неприфаќање компромис“ со Русија, пред една година верувале пет проценти, а сега дури 12 проценти од испитаниците. 80 проценти не веруваат. Во конфликтите меѓу политичкото раководство на земјата и командата на армијата веруваат 32 проценти од испитаниците. Лани биле 14 проценти. Над 50 проценти(54) сметаат дека војската и политичарите играат како еден тим.
Не е оставена настрана и корупцијата, за која зборуваше Подољак. Граѓаните на Украина сметаат дека одговорноста за корупција во владата и локалните администрации лежи во претседателот. Речиси 78 проценти од испитаниците се со таков став. Само 18 проценти од нив не се согласни со таквото тврдење. Ова се бројки од анкетата на фондот „Демократски иницијативи“ и КМИС. Овде повозрасните се построги кон претседателот, отколку младите. 70 проценти од младите се согласни со тезата дека претседателот е одговорен за корупцијата, а кај повозрасните, над 60 години, делот на критички настроени расте до 81 процент. Над 50 проценти од испитаниците сметат дека воената помош од странците на Украина треба да се дава во зависност од ефикасната борба со корупцијата.
НЕЗАДОВОЛСТВО
Расколот меѓу војската и политиката доведе до тоа што во Украина некои зборуваат и-за можност од воен удар. Особено дискредитирањето на генералот Залужњи. Или пак нов Мајдан. Народно востание – „Мајдан-3“. Поранешниот советник во Канцеларијата на претседателот Алексеј Арестович, го тврди тоа, прашувајќи кон што води конфронтацијата во власта и дискредитацијата на Залужњи. Можеби народното востание, доколку се случи е најдоброто нешто за Украина во моментов. Промената на власта можеби ќе го намали гневот и незадоволството на луѓето, кои растат од ден на ден. Тоа би било повод за ново сплотување во општеството, како што беше на почетокот од руската агресија. Арестович предлага и создавање на влада на национална согласност или влада на национален спас.
Во Украина наредната пролет треба да има претседателски избори, а на есен и парламентарни.. Зеленски рече дека ќе нема. Парламентарните групи, исто така, постигнаа договор да нема избори се’ додека има воена состојба. Но ништо не се знае. Во Киев некој може да се разбуди и да рече избори ќе има. Изборите се поврзани со меѓусебни пресметки. Па Арестович вели дека власта почнала да бара виновни. Засега, тоа го прават припадници на партијата на Зеленски, а виновен е Залужњи.
Но не е само тоа. NBC напиша за „загрижувачкото наближување на авторитаризмот“, поради одлагањето на изборите и конфликтот меѓу власта и војската.„Во време кога контраофанзивата е неуспешна, Украина се бори само со себе, со Русија и со промена на вниманието на целиот свет“. Се цитира Кличко и неговата изјава за авторитарноста во власта, а нагласен е и притисокот врз локалната власт која Кличко ја смета за се’ уште независна.
И додека се повеќе на Запад се зборува за преговори, Зеленски упорно е против. Сејмур Херш во „Сабстак“ напиша дека се водат преговори за прекин на огнот и мирно решавање на конфликтот, меѓу генералите Заљужњи и неговиот руски колега Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руската армија. Наводно и Путин нема ништо против за тоа. Херш важи за добро информиран, но оваа вест тешко може да се провери. Наводно Залужњи бил тој кој ги иницирал преговорите. За Путин прекин на војната би бил добродејден. Освоени се територии, но во неговото опкружување има и такви кои барат натамошно војување се до ослободување на Николаев, Одеса и Харков. Но за Путин и досегашните „успеси“ се добредојдени, посебно што на пролет во Русија треба да се одржат претседателски избори, а тој на нив ќе излезе со „трофеи“. Новите освоени територии. Во Украина ваквите преговори ги демантираа. Но, во сегашните услови тие се најдоброто решение. Дали ќе има мировен договор се’ уште е рано да се зборува. Зашто едно е прекин на војната, а сосема друго постигнување договор, кој во себе содржи многу клаузули. Во сеганата ситуација Украина нема подобро решение. На Зеленски ќе му биде мошне тешко да се согласи на преговори, особено што не еднаш се откажа од водење преговори со рускиот претседател. Но развојот на настаните на украинскиот фронт и посебно она што се случува во Израел, а за кое не се знае до кога ќе трае, не дава некоја пооптимистичка варијанта за Зеленски, тој да ги диктира работите и на фронтот и во земјата.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.