16 Април, 2024
0.0258

Украинскиот патријарх го отфрла томосот за автокефалност!

Објавено во: Колумни 15 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Само шест месеци поминаа од врачувањето на Томосот за автокефалност на Православната црква на Украина(ПЦУ) од страна на Константинполскиот патријархат, а на виделина испливаа сите заткулисни игри кои можат да доведат до сериозен конфликт во новата црква. На едната страна е патријархот Филарет, а на друга неговиот ученик, првиот човек на ПЦУ митрополитот Епифаниј. И двајцата се против раскол во црквата, но црковната поделба не е исклучена.

Се до овие денови работите околу стабилизирањето на новата црква се водеа внатре во неа, со повремени изблици на нечие незадоволство, кои главно остануваа под контрола. Но во вторникот  работите зовреа. Патријархот Филарет јавно се откажа од Томосот за автокефалија.

Некогашниот патријарх на УПЦ-Киевски патријархат, а сега почесен патријарх на Православната црква на Украина, Филарет, на собирот „За Украинска православна црква! За Киевски патријархат!“ изјави дека на 20 јуни ќе свика собор на ликвидираниот Киевски патријархат, каде што и официјално нема да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква. „ Овој Томос не го прифаќаме затоа што ние не ја знаевме неговата содржина. Ако ја знаевме содржината, тогаш на 15 декември лани немаше да гласаме за автокефалност. Затоа што нам не ни е потребно да преоѓаме од една зависност во друга. Московскиот патријархат им служи на интересите на Москва, а Православната црква на Украина им служи на Грците. А кој ќе и служи на Украина?“, изјави Филарет. Па најави:  „Ние свикуваме собор на кој нема да го потврдиме решението на соборот од 15 декември 2018 година(за укинување на УПЦ-КПз.м.). Значи, тоа за нас не е обврзувачко. Со тоа ние ќе покажеме дека Киевскиот патријархат бил, е и ќе биде...“, рече Филарет, додавајќи дека со приврзаниците ќе бараат од претседателот Владимир Зеленски „Поддршка на УПЦ-КП против какво било посегнување“. Инаку. Филарет смета дека црквата во Украина дома би требала да биде патријаршија, односно УПЦ-КП, а надвор од украинските граници, треба да има статус митрополија на Константинополската патријаршија. Нешто како варијантите за преговорите на Македонија со Грција – име за внатрешна и за надворешна употреба.

Првиот човек на УПЦ, митрополитот Епифаниј изјави дека него никој не го поканил на собирот. После распуштањето на УПЦ-КП, меѓу него и Филарет почнал конфликт, и тие ниту еднаш не сослужувале заедно. Според Епифаниј и самите разговори за враќање во минатото се погубни за црквата, бидејќи водат назад – во излоација. „Да се зборува сега за некакво враќање не е умесно. Ние треба да зборуваме за нашата иднина, за нашето единство. Затоа што допрва треба уште многу да направиме за тоа, за да бидеме признати од другите помесни православни цркви. Ако се враќаме кон минатото – тоа автоматски е пат кон никаде, пат во изолација, враќање кон сосојбата во која се наоѓавме до 11 октомври, до соодветните решенија на Константинополскиот патријархат“, изјави митрополитот.   

Инаку на 15 декември 2018 година под раководство токму на патријархот Филарет се одржа Собор на УПЦ-КП на кој беше решено таа да се обедини со другите цркви во Украина и да се основа Православната црква на Украина. Значи да престане со својата работа како правно лице по создавањето на Митрополијата на УПЦ. На истиот собор на Филарет му е дадено да раководи и натаму со Киевската епархија. Но и по неколку месеци официјално не е прекината работата на УПЦ-КП, Филарет се однесува како патријарх на таа црква, користи нејзини меморандуми, пишува во нејзино име, независно што таа правно не треба да постои. Зашто еден од условите за добивање на Томосот беше и обединувањето во една нова црква.

Очигледно Патријархот смета дека може да го сочува „Киевскиот патријархат. Тој нека биде мал, но ќе порасне во голема црква“, вели Филарет, потсетувајќи дека и во 1992 година кога се одвои од УПЦ под Московскиот патријархат и беше анатемисан од Руската православна црква, исто така биле малкумина но новата УПЦ-КП прерасна во црква по големина достојна за почит. Филарет смета дека митрополитот Епифаниј е „слуга на вселенскиот патријарх“. „Стави грк за викарен епископ, за да набљудува и предава информации во Вселенската патријаршија, за таа да пренесува укажувања преку него што да се работи“, вели Филарет.

Од сето погоре се наѕираат две работи. Кавгата во ПЦУ може да е лична, меѓу Филарет и Епифаниј, навредени суети и слично. Но, може навистина основата да биде во Томосот. Зашто првите реакции околу Томосот не дојдоа сега, туку уште пред тој да биде донесен, некаде во јануари годинава. Уште тогаш имаше сомнежи за неговата содржина.

Што всушност содржи Томосот? Деновиве патријархот Филарет имаше интервју за еден украински портал, Главком.уа, од кое произлегува дека „ПЦУ е автокефална само според името“. Според Филарет, Украина добила Томос, но не таков каков што очекувале. Томос како што имаат романската, грчката, српската, руската, бугарската, полската или албанската црква. Тие се целосно независни од Мајката црква-Константинополската патријаршија, а ПЦУ е зависна од неа. Зависноста Филарет ја гледа во тоа што тие немаат право да прават миро. Па ќе мораат да го бараат од Константинополската црква. А Украинската црква секогаш го правела сама. Дури и кога до 1686 година била во состав на Константинополската патријаршија. Дури и потоа кога Киевската митрополија била присоединета кон Москвската патријаршија, таа мирото го варела во Киев, во Киево-печорскиот манастир.

Томосот и' забранува на ПЦУ да има епархии и парохии надвор од Украина. А се смета дека таму има над 20 милиони Украинци, од кои најмногу се православни по вероисповест. И да сакаат тие не можат да припаѓаат на ПЦУ. Во Томосот тоа е забрането и тие се упатуваат на припадност кон Константинополската патријаршија.  Што не е случај со емиграција од други цркви, како што се руска, романска, бугарска, српска, антиохиска...Ова, според Филарет,  е направено од причина Константинополската патријаршија да го зголеми бројот на своите верници.  За да и парира на Руската православна црква која е најбројна со верници.

Конечно, автокефалната црква треба своите проблеми да ги решава сама на своите синоди или разни црковни собори. На ПЦУ во Томосот и е пропишано дека проблемите кои никнуваат во ПЦУ ќе ги решава Константинополската патријаршија. „Тогаш во што е нашата автокефалија?, прашува Филарет и додава дека ним таква автокефалија не им треба.  Според него на соборот на 15 декември лани, за обединување на црквите и основање нова црква,  знаеле дека Томосот ќе им биде врачен во јануари годинава. Но содржината била криена. Па затоа црквата е независна само по името, а во суштина нема права на независна автокефална црква. Инаку Константинополката патријашија доби ставропигија над Андреевската црква, а не е исклучено да добие и врз други цркви во УКраина. На тој начин Андреевската црква сега е директно потчинета на Константинопол.

Сегашното раководство на УПЦ молчи за сите овие работи, иако досега имало изјави дека сегашната состојба е времена и кога ПЦУ ќе биде целосно автокефална ќе добие и патријарх, а не како сега митрополит. Но Филарет се навраќа на минатото на преговори со претставници на Константинопол, уште во времето кога на чело на Украина беше Виктор Јушченко. Тогаш на УПЦ-КП и било предложено да стане дел од Константинополската патријаршија, како Критската црква(полуавтономна црква во состав на патријаршијата). Сега ПУЦ го има добиено речиси истото. А за добивањето патријарх може да се чека и со десетици години. Филарет смета дека се излажани од страна на Константинопол. Особено што прво одржале собор за обединување и нова црква, па дури потоа го добиле Томосот.

Што се однесува пак до кавгата меѓу учителот и ученикот и тука има работи кои зборуваат за игри. Особено ако во нив е вклучена и дневната политика. Иницијативата за автокефална украинска црква доаѓа по распадот на СССР. Тогаш неколку свештеници побара од Руската православна црква автокефалност. Но не добија. Потоа беше обраќањето кон Константинопол. Но оттаму поставија услов, прво, да се обрати официјално претседателот на државата, второ обединување на УПЦ-КП со Украинската автокефална црква, а потоа преговори. Претседателско обраќање имало, но кога претседател станал Петер Порошенко, тогаш работите се забрзале. Одел во Цариград на средби со патријархот Вартоломеј, оделе негови пратеници...Томосот е дојде пред претседателските избори во Украина, што зборува и за политичките мотиви во сите настани поврзани со него. Иако имаше најави дека работите би можеле да се одолговлечат. Порошенко имаше свои интереси и сметаше дека на бранот на тројството „Војска.Јазик,Томос“ ќе биде реизбран за претседател.

Со оглед на фактот дека Филарет бил патријарх, а на украинската црква и е ветен статус  на митрополија, тој морал да се помири со промените, зашто не сакал да биде со понизок чин. А не го сакале ниту во Константинополската црква, ниту пак Руската црква не сакала да биде назначен за прв човек на новата црква.  Ставот на Константинопол му го пренел Порошенко.  Филарет смета дека Константинопол  не го сакал за да може да ја има Украинската црква под свое влијание и отишле на варијантата да го отстранат. Зашто не би можеле да си дозволат ПЦУ да ја возглави патријарх.

По така доаѓа до раѓањето на судирот  меѓу учителот и ученикот. Во процесот на договарање на состојбите по добивањето на автокефалијата нормални се кадровските прашања. Кој да биде првиот човек на новата црква? Тука свои фаворити имаат сите, но се избира оној кој е пулен на авторитетот. Политичкиот авторитет е на страната на Порошенко, а црковниот на страната на Филарет. За да не дојде до судир на авторитетите двајцата се договараат митрополит да биде Епифаниј, ученик-пулен на Филарет. Порошенко во договорот наметнува дека Филарет ќе биде почесен патријарх и ќе ја води црквата внатре, а Епифаниј ќе ја претставува црквата надвор. Договорот е постигнат. Епифаниј е избран, иако Порошенко пред самото гласање уфрла свој кандидат. Изборите за претседател завршуваат, Порошенко губи, а се губи и од видикот на Филарет. Иако претходно заедно ја крстареа Украина со Томосот.  Од видикот се губи и Епифаниј. Како и мнозинство украински еписокопи, кои се присоединија кон него. Филарет смета дека причина за тоа е неговата возраст – 90 години и еписокопите сметаат дека когај-тогај тој скоро ќе замине од овој свет. Па подобро да се приклонат кон помладиот-40 годишниот Епифаниј. Но Филарет не се предава. И сега е во обид да ја возроди УПЦ-КП. Со надеж дека нема да дојде до раскол во црквата.  

Зошто сето ова пишување? Заради нашето барање автокефалност од Константинопол. Сето ова што се случуваше и се случува со Православната црква на Украина ќе се случува и со нас. Прво ќе треба да го смениме името на црквата. Второ наместо под српската црква ќе треба евентуално да се потчиниме на Константинополската црква. Или како што вика Филарет, на Грците. Трето, има многу заткулисни игри, во кои Константинопол бара вклучување на политиката. Украинските претседатели и македонските премиери. Не е лошо нашиве да пратат делегација во Украина и на самото место да дознаат на што се биле подложени Украинците во битката за автокефалност. Да научат нешто и ако може да одбегнат некои несакани ситуации. Да научат дека ќе ни ветуваат, ама нема никакви рокови. Да научат дека ќе се бара обединување на православните цркви во Македонија. Да научат дека тие нема да влијаат врз кадровската политика...Дека Македонците во странство ќе мора да се потчинуваат на Константинополската црква. И конечно дека тешко оди битката за независна држава, а истовремени и независна црква.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?