Улогата на Западот во украинската катастрофа
Објавено во: Колумни 27 Ноември, 2023
Она што со месеци и подолго се зборуваше и за што се
пишуваше, дека НАТО, особено САД и Велика Британија, кумувале на продолжување
на војната во Украина и покрај начелниот договор за прекин на војната, меѓу
Русија и Украина во Истанбул во март 2022 година, деновиве одекна и од самиот
Киев. Еден од учесниците во преговорите, лидерот на фракцијата „Слуга на
народот“, партијата на претседателот Владимир Зеленски, Давид Арахамија, во
интервју изјави дека тогашниот договор со Русите не се спровел и по барање на
Западот. Поточно по барање на британскиот премиер, кој како емисар допатувал во
Киев на почетокот на април во Киев и им соопштил на Украинците, кои само што се
вратиле од Истанбул, дека:„ Ние нема ништо да потпишуваме со нив, дајте сепак
да војуваме“. За Арахамија аргумент против, било и тоа што требало да се менува
Уставот во кој стои членство во НАТО, но и недовербата кон Русите дека ќе го
исполнат договореното.
Овде треба да се каже дека руската агресија на Украина е грубо нарушување на меѓународното право. Но, сепак треба да се знае дека на еден месец од почетокот од војната во тој дел од светот можеше да зацари мир. И да престане војната која „мирисаше“ уште во декември 2021 година, кога Русија упати писма до САД и до НАТО со барања да се разговара и гарантира нејзината безбедност. Одговорот тогаш беше, парафразирам, нема што да разговараме и вие не сте тие кои треба да кажувате како треба да изгледа иднината на НАТО. Рускиот одговор на ваквиот став, во јануари беше дека ќе се преземат воено- технички мерки. А руските војски веќе неколку месеци беа на границата со Украина. Западот во меѓувреме неколку месеци се подготвуваше за војна, со санкции и со вооружување на Украина. Војна во која не веруваше украинското раководство. На 24 февруари руските трупи влегоа во Украина.
Deutsche Welle на 29 март 2022 година излезе со наслов „Украина предложи нов систем за гаранции на безбедноста“. И напиша дека на средба во Истанбул претставниците на Киев и предале на руската делегација предлог за создадвање на меѓународен механизам за гаранции на безбедноста на Украина. Преговорите беа за прекин на војната. Давид Арахамија, кој беше дел од украинската делегација објасни дека тоа треба да биде договор, кој ќе го ратификуваат парламентите на двете страни. Според Арахамија станува збор за документ кој би бил меѓународен механизам со конкретни гаранции за безбедноста на Украина, во кој земјите гаранти ќе се однесуваат, по аналогија, како членот 5 од Договорот на НАТО, па и пожестоко. Гаранти би биле: членките на СБ на ОН(Кина, Русија, САД, Британија и Франција), но и Турција, Германија, Канада, Италија, Полска и Израел. Тој договор би бил отворен и за други држави доколку би сакале да се придружат кон него. Тие гаранции времено нема да се однесуваа на Крим и регионите во Донбас и Луганск, кои не беа под украинска контрола. Според Михаил Подољак, советник во Канцеларијата на Зеленски, а кој исто така беше член на украинската делегација, Украина предложила двострани преговори за статусот на Крим и Севастопољ во текот на 15 години.
РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПРОПАДНАТИОТ МИР
Рускиот шеф на делегацијата Владимир Медински потврди дека има предлог од Украинците, кои набрзо ќе се разгледаат и дека не се исклучува договорот да се потпише на лична средба на Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Во својот предлог Украина се обврзува да не влегува во никакви воени сојузи, да не разместува воени бази, воени контингенти и спроведување на воени маневри на нејзината територија без согласност на земјите – гаранти и очекува дека Русија, од нејзина страна, нема да се противи на влегување на Украина во ЕУ, изјави Медински. Ваквите договори, според него, наметнуваат обврски кон земјите гаранти, бидејќи „Украина станува неутрална, вонблоковска држава“. За зголемување на заемната доверба руското Министерство за одбрана излезе со подготвеност да почне повлекување на војските и намалување на воените активности во Киевската и Черниговската област. Турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, изјави дека позициите на двете страни се приближени за некои прашања, но дека преговорите ќе продолжат.
Угледни германски експерти, објавија во Bravenewеurope.com реконструкција на неуспешните поранешни мировни напори да се стави крај на војната во Украина. Таа беше објавена на 10 ноември годинава. Деталната реконструкција е на украинско-руските преговори во март 2022 година и поврзаните со нив обиди за посредување на тогашниот израелски премиер, Нафтали Бенет, со поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Од неа се извлечени седум заклучоци.
Прво, дека само на еден месец по почетокот на руската воена интервенција во Украина, украинските и руските преговарачи се доближиле до договор за прекин на војната и кон нацрт на сеопфатно мировно решение на судирот. Второ, за разлика од денес, претседателот Зеленски и неговата влада вложиле големи напори да преговараат за мир со Русија и брзо да ја завршат војната. Трето, наспроти западните толкувања, Украина и Русија, тогаш се согласиле дека планираното ширење на НАТО е причина за војна. Оттука своите мировни преговори ги сосредоточиле на неутралност на Украина и нејзино откажување од членство во НАТО. За возврат Украина би го задржала својот територијален интегритет, освен Крим. Четврто, нема сомневање дека овие мировни преговори пропаднаа поради отпорот на НАТО, а посебно САД и Британија. Причините се во тоа што таков мировен договор би бил еднаков на пораз на НАТО, прекин на ширењето на НАТО на исток, а со тоа и крај на сонот за еднополарен свет со кој доминираат САД.
Петто, неуспехот на мировните преговори во март 2022 година доведе до опасно заострување на војната која ги чинеше губење живот стотици илјади луѓе, особено млади, длабоко ја трауматизираше младата генерација и и’ нанесе најтешки психички и физички рани...Украина беше подложена на големо разурнување, внатрешни преселби и масовно осиромашување. Ова е следено со голема депопулација на земјата. Не само Русија, туку и НАТО и Западот имаат голем дел од вината за оваа катастрофа. Шесто, преговарачката позиција на Украина денес е многу полоша отколку што беше во март 2022 година. Украина сега ќе изгуби големи делови од својата територија. И седмо, блокирањето на мировните преговори во тоа време им нанесе штета на сите. И на Русија и на Европа и пред се’ на народот на Украина, кој со својата крв ја плаќа цената на амбициите на големите сили и веројатно не ќе добие ништо за возврат.
ПОСРЕДНИЦИ
Реконструкцијата покажа дека Зеленски уште на почетокот на војната барал од израелскиот премиер Бенет да помогне во создавање на канал за комјникација со Путин. Овој на 5 мар го поканил Бенет во Москва. Во тие разговори Путин се откажал од демилитаризација на Украина, а Зеленски од вегување во НАТО. Во интервју з „Берлинер цајтунг“ Бенет вели дека прекинот на војната тогаш бил на дофат на раката и двете земји биле подготвени на значајни отстапки... Но Британија и САД, посебно, сакале овој мировен процес да се заврши и се сосредоточиле на продолжување на војната.
Во почетокот на март, Зеленски го контактирал и Шредер за да ги искористи неговите лични врски со Путин. За посредување и брз крај на војната. Во интервју за „Берлинер цајтунг“ во октомври, Шредер за прва пат проговори за неговото посредништво. Како и Бенет, тој исто така дошол до заклучок дека причина за пропаѓање на мировните пргеговори е опструкцијата на Американците. Шредер вели дека на Украинците не им било дозволено да се согласат на мир. „Прво мораа да ги прашаат Американците за се’ и сешто за што се разговара, за да продолжат. Но, на крајот од преговорите, ништо не се случи. Мој впечаток беше дека ништо не може да се случи затоа што се’ друго било одлучено во Вашингтон. Тоа беше фатално“, рече Шредер. И Мевљут Чавушоглу за Си-ЕН-ЕН-Турк на 20 април изјави дека :„некои држави од НАТО сакаат судирот во Украина да продолжи за да се ослаби Русија“.
Германските експерти пишуваат и за почетна поддршка на западни политичари на мировните преговори. Имало телефонски разговори меѓу нив, САД, Британија, Франција, Германија имале видео конференции на таа тема. Се разговарало со Бенет , со Ердоган. Но таа почетна поддршка брзо спласнува, затоа што НАТО се спротивставува на такви преговори. Таму сакаат прво Русија да ги повлече своите трупи од украинска територија. И, ова, според експертите „ги убило сите преговори“. На вонредниот самит на НАТО на 24 март е одлучено да не се поддржуваат мировни преговори. На самитот дошол и американскиот претседател, Џо Бајден. Заклучокот е дека мирот за кој се договарале руската и украинската преговарачки делегации не бил во интерес на некои членки на НАТО. Русија на 28 март, во знак на добра волја за преговорите, решила да почне повлекување на војските од областа на Харков и Киев. Но на денот на преговорите во Истанбул, на 29 март, лидерите на Германија, САД, Британија, Италија и Франција, одново разговараат меѓу себе за ситуацијата во Украина.
И оттаму заедничкиот предуслов за преговори, кој ги фрла во вода напорите на Бенет и Ердоган, е:„ Лидерите се договорија да продолжат да даваат силна поддршка на Украина. Одново е повикан рускиот претседател Путин да се согласи на прекин на огнот, да ги прекине непријателствата, да ги повлече руските војски од Украина и да овозможи дипломатско решение“.
УЛОГАТА НА ЏОНСОН
И доаѓа до реконструкција на улогата на британскиот премиер Џонсон. Тој на 9 април ненајавен доаѓа во Киев и му рекол на Зеленски дека Запад не е подготвен да ја заврши војната.. Се цитира и „Гардијан“, според кој Џонсон му „наложил“ на Зеленски „да не прави никакви отстапки на Путин“. Се цитира и „Украинска правда“ од 5 мај 2022 година. „Чим украинските преговарачи и руските, во поширока смисла се договорија за структурата на можниот иден договор, после резултатот од Истанбул, британскиот премиер Борис Џонсон речиси без предупредувања се појави во Киев. Тој донесе две едноставни пораки. Првата, дека Путин е воен злосторник, и над него треба да се врши притисок, а не да се преговара со него. И втората дека „Можеме да потпишеме (договор) со вас, но не и со него. И онака тој се’ ќе зафркне“. Коментарот на оваа изјава е „дека зад посетата на Џонсон и неговите зборови стои многу повеќе од обично размислување за одлука да се влезе во договори со Русија. Џонсон зазел став дека колективниот Запад, кој уште во февруари му предложи на Зеленски да се предаде и да бега, сега чувствува дека Путин всушност и не е така силен, како што тие претпоставуваа порано. Повеќе од тоа, има можност да се врши притисок врз него. И Запад тоа ќе го прави“.
Има и други изјави од британски политичари. Алиша Кернс од Долниот дом има изјавено дека „Порадо ќе ги вооружуваме Украинците до заби, отколку да му овозможиме успех на Путин“. Или изјава на тогашната министерка за надворешни работи, а подоцна премиер, Лиз Трас, според која:„ победата на Украина...е стратешки императив за сите нас и оттука воената поддршка мора да биде масовно раширена“. Колумнистот на „Гардијан“, Сајмон Џенкинс предупредил:„ Лиз Трас ризикува да ја распламти војната во Украина поради сопствените амбиции и веројатно ова е прва изборна кампања на Ториевците која се води на руските граници“. Колумнистот додава дека „Џонсон и Трас сакале Зеленски да продолжи да се бори се додека Русија не биде целосно поразена. Потребен им е триумф во нивната посредна војна. Во меѓувреме, секој кој што не се согласува со нив може да биде отфрлен како слабак, кукавица или приврзаник на Путин. Болно е тоа што Британија сака да го искористи овој судир за претстојниот лигав натпревар за лидерство“.
Експертите анализираат и други материјали, па го цитираат и американскиот државен секретар за одбрана, Лојд Остин, кој лани во април изјавил дека САД сакаат трајно воено и економски да ја ослабат Русија. И кога во Рамштајн прогласил дека воената победа на Украина е стратешка цел. Автори во „Форин аферс“ констатираат за улогата на Западот и улогата на Џонсон во блокирање на мировниот договор дека :„ тоа е очигледно откритие кое покренува некои важни прашања. Зошто западните лидери сакаа да го спречат Киев да го потпише со Москва она кое изгледаше како добар преговарачки договор со Москва? Дали тие судирот го гледаат како посредна војна со Русија? И што е најважно што би било потребно да се вратиме на резултатот од преговорите?“
И Путин на два пати се произнесе за преговорите со Украина. Лани во септември, во најавата за делумна мобилизација тој изјави дека на нив Украинците имале дадено прилично позитивни ставови за руските прелози. Кои, пак ,се однесувале на осигурување на безбедноста и интересите на Русија. Но очигледно мирното решение не му одговарало на Западот, поради што на Киев, после договорените компромиси, всушност му е наредено да поништи се’ што е договорено. Во јуни годинава, кога кај него беше африканската делегација со нејзин мировен предог, Путин пред камери го покажа прифатениот и инициран договор од Истанбул за кој рече дека е парафиран од двете страни.
НОВИ МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ!
Во меѓувреме се јавија неколку мировни инцијативи Кина, Бразил , Африканската Унија, Индонезија, Мексико, Ватикан уште лани во јуни. За жал ништо од сите нив. И Украина има свој мировен план. Но зошто таа не се согласи да ги ослободи речиси сите свои територии(освен Крим), практично без борба?. Немаше да загинат стотици илјади луѓе, загинати од април 2022 до денес. Немаше да има милиони бегалци од војната. Немаше да се у ништи економијата. Ќе немаше неуспешни контраофанзиви со огромни жртви. Нема ни „Н“ од членство во НАТО. Барем засега. Украина ќе беше суверена држава на целата територија. Веројатно преовлада убедувањето од Запад дека лесно ќе се излезе на крај со Русија. Која можеби и не е подготвена за голема војна. А на што укажуваа многумина, а и веруваа во тоа многумина.
Човек сега може да го разбере Зеленски кога се нафрла на западните сојузници. Кои понекогаш му се лутат на „неблагодарноста“ за испорачаната помош. Зеленски има право да се лути. Нему НАТО и Западот му ветија помош и поддршка до целосен пораз на Русија. И враќање на границите од 1991 година. Цената што ја плаќа Украина за остварување на таа цел е многу голема. Во последно време има изблици на внатрешен раскол. Не меѓу народот, туку меѓу властите. Воена и политичка. А тој може да се префрли и во општеството. Националистички настроени Украинци ги критикуваат војниците кои се во рововите за тоа што разговарале на руски јазик. Критичарите дури тврдат дека треба да се гине на украински јазик. А се’ што зборува руски не е украинско. Од фронтот доаѓаат жешки реакции на ваквите искажувања на националистите. Обичните војници и офицери се згрозени од нив и ги канат националистите да дојдат на фронтот.
Но не е само јазикот проблем. Се повеќе на Запад се зборува за некакви мировни преговори. Дека западот станува изморен од војната. А што да кажат Украинците? Се зборува за корејско, за јапонско сценарио...Но како и кога ќе почнат тие преговори и за што ќе се преговара? Дали Западот може да и гарантира на Украина барем минимум од она што таа ќе го имаше, ако се постигнеше договор во март лани? Зеленски со својот план за мир од десет точки не успева да ги привлече земјите кои гласаа против руската агресија, но не воведоа санкции кон Русија. Останува само на поддршка од педесеттина земји, членки на НАТО и ЕУ и некои други сојузници на САД. Последниве не успеаја војната во Украина да ја прикажат како борба меѓу „демократијата“ и „автократијата“. А Украина е гладна за оружје, гладна за пари. Без нив нема ни плати за бирократијата, ниту за војниците...Сето тоа предизвикува нервоза кај власта. Таа не е ни на небо, ни на земја. Со пари и оружје работите би биле подобри. Но и Западот си има граници во дарежливоста. Згора на тоа идната година е изборна во многу земји.
Конечно и да има сега преговори прашање е како кон нив ќе се однесува Русија? Путин и неодамна на Г-20 изјави дека тие секогаш се подготвени за преговори, но не и Украина. Но Русите сега додаваат дека треба да се води сметка за ситуацијата на теренот. А тоа значи 18 проценти помалку украинска територија. Има најави дека Русија ќе се противи и на членство на Украина во ЕУ. Но тука не може да постигне многу, бидејќи Украина во Унијата ќе влезе после многу години, иако властите очекуваат целата работа да ја завршат за две години!
Поради сето кажано погоре се чини дека војната во Украина ќе продолжи во недоглед. НАТО и САД не сакаат да си ја признаат грешката што не почнаа преговори за безбедноста на Русија понудени во декември. Поради што и почна војната. А потоа и новата грешка, поттикната од првата, да не се дозволат мировни преговори меѓу Украина и Русија. Сега Западот и САД велат нема одлука за мировни преговори или прекин на војната без Украина. Заборавија дека и тие ја воведоа неа во катастрофа со одлуката од нивните консултации( САД, Британија, Германија, Франција, Италија), војна со Русија до крај. И тоа да и се соопшти на Украина. Не ја консултираа дали таа сака војна до крај. Емисарот Борис Џонсон си ја заврши работата. Позицијата на западните сојузници „дајте сепак да војуваме“ имаше определено влијание на решението на украинската власт да се откаже од договореното со Русите пролетта во 2022 година. Џонсон сега е во политичка пензија, а Украинците се’ уште во војна. Признанието од Арахамија само ќе го зголеми незадоволството од Западот и поделбата во општеството во Украина. Со тоа ќе се засили и огнот на внатрешно политичките судири. Работа што најмалку и е потребана денес на земјата.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.