29 Март, 2024
0.0234

Уметнички кварт

Објавено во: Колумни 03 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Уметнички кварт

За да не безделничам,но и од чиста љубопитност трагав,лефтерно,по податоци за моето Циган-маало откаде што земјотресот не одвеа кој-каде.Сеќавајќи се живо скоро на сите тогашни жители на живописните куќички и малку поголеми зданија дојдов до непобитно сознание што веднаш го споделувам: просторот на Мала Станица,околу бившо Беко,паркчето и малиот сквер,уличките со макадам, каде што сега се Дрвениот театар и гимназијата Ј.Б.Тито изнедри уметници и познати скопски урбани фаци небаре е некој париски кварт,а не простор од неколку десетици фудбалски игралишта што заедно со своите жители остави траен белег,вреден за сеќавање.....

Цуно и Моме беа обични момчиња, како сите нас,но се разликуваа по тоа што секој слободен момент во долгите и изгор летни ноќи земаа гитари и пееја и свиреа-едниот мексикански песни(мошне ефектно и чувствително),а Цуно рок,претежно Елвис Присли и Рој Орбисон на некаков англиски што беше се самоне тоа...нема врска,уживавме,посебно девојчињата.Подоцна тие двајцата беа главни во ВИС Вихори на Даниела Панчетовиќ и браќата Зоран и Лаки.

Семејството Марковиќ-комплетно посветено на сериозната музика.Зоран и Светлана-Кока не се мешаа многу со нас од едноставна причина, одеа во музичко и свиреа кој на клавир,кој на виолина,а нивните родители беа членови на оперскиот ансамбл на МНТ....ги слушавме како се распевуваат пред да заминат на работа.

Подолу по истата улица на неколку куќи беше домот на семејството Петровски и на нивната ќерка Елена-Дуде успешна и популарна балерина,а подоцна балетски педагог.

И попречните две улици што водеа кон скверчето накај Беко и кондураџијата Бакуле, пред тоа,со значајни ликови и уметници.Семејството Јовановски со Ацо-снагата,кој сега скоро го заврши престојот на овој свет на кој му остави бележити театарски и филмски улоги,но и безброј боемски случувања.

Што да се каже за Медо Чун,неговите претходници и потомци....нивниот дом беше место и сцена на секојдневни џемсејшн свирки и виртуозни звуци,пред се на кларинет,тарабука,сакс и армоника....уникум.Кој да знае тогаш дека Медо и компанија Чуновци жарат и палат на ју-просторите,со Есма и Стево,со народниот оркестар на Радиото,со џез марки од целиот свет....Дизи Гилеспи не можел да се начуди на фактот дека Медо не знае ни н од ноти, а вади звук што не може да се запише во нотните тетратки!

Димитар Чемков-Циме го оставив за посебен осврт.....лудувавме по Бисери,Безимани и Бис-Без,не пропуштавме ниеден настап на игранките по домчињата на културата по скопските маала,а подоцна и на ТВ и фестивали.Циме едноставно со својата појава и  виртуозноста на гитарата не тераше, иако бевме маалци некако со страв да му се обраќаме,ако смееме.

За шлаг на тортата ги оставам сестрите Славица и Олгица(Шупе), кои славата на наше маало ја проширија на цела Југа како мис и прва придружничка.Немаше берберница ниту кројачки дуќан во градот без фотка на двете преубави и насмеани сестри од насловната на Базар.....

Останаа сетики и многумина неспомнати од маалото со префиксот Циган што настанало со населувањето на овие наши црномурести и секогаш насмеани и расположени соседи како проста работна маса кога се градела теснолинејката Скопје-Охрид-Струга, а потоа ги раселувал кој како ќе стасал..... и каде што ќе му текне,како нас сите земјотресот од 63-та! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?