Умре Наваљни - човекот кој не се плашеше од смртта
Објавено во: Колумни 17 Февруари, 2024
Алексей Навальный умре в затворската колонија, каде што
ја издржуваше казната од спакувано кривично дело. Таму ја отслужуваше казната
од 19 години затвор во колонија од посебен
режим. Го обвинуваа за „создавање екстремистичка организација, финансирање на
екстремистичка активност, за повици кон екстремизам на интернет“. А претходно
беше „наместен“ за некои други дела, но таман да помине казната му накалемуваа
нови. Наваљни имаше 47 години. Причината за смртта официјално се’ уште не е
потврдена.
Во јануари годинава беше соопштено дека Наваљни исчезнал, за потоа да се открие дека бил испратен во затворска колонија зад Поларниот круг. Неофицијално се зборува дека умрел од откачен тромб. Канцеларијата на Федералната казнено-поправна служба на Русија за Јамало-Ненецкиот автономниот округ, соопшти дека по прошетката, Навални се чувствувал лошо и изгубил свест, по што бил неуспешно реанимиран, а причината за смртта се утврдува. Кира Јармиш прес- секретар на Наваљни изјави дека Наваљни за време додека е по затвори на 14 февруари по 27-и пат го ставиле во строга самица. Нобеловскиот лауреат и главен уредник на „Нова Газета, Димитриј Муратов, смета дека смртта е токму последица од условите во казнената изолација – самицата, во која тој е практично со ограничено движење, нискокалорично јадење, недостигот на воздух и постојаниот студ. При такви услови лесно се развива „тромбоемболија“, која, најверојатно, е причната за смррта на Наваљни.
Наваљни измина пат од руски националист до главен опозиционер. Но. својата судбина рускиот опозиционерен политичар почна да си ја исцртува по враќањето во Москва во јануари 2021 година од Берлин каде што се опоравуваше од труењето, како што кажаа германските специјалисти, од отрвовот „Новичок“. До историјата со „Новичок“, веќе беше на тапет на власта во Русија. Тој ја критикуваше жестоко власта, и Путин и неговата партија „Единствена Русија“. А приврзаниците на руската власт го обвинуваа дека работи за западните специјални и служби.
Пред три година на 18 јануари на овој простор објавивме текст со наслов „Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот“. Подолу ќе пренесеме делови од тој текст, кои практично ја исцртуваат неговата судбина. Судбината на човекот кој не се плашеше од смртта. А тоа го докажување и со своите дела.
„Болниот од Берлин“, како што милува Кремљ да го да го нарекува Алексеј Наваљни, чие име не сакаат да му го споменат таму, по пет месечно отсуство се врати во Москва. Слета синоќа на аеродромот во Шереметјево и веднаш го притворија. Враќањето во Москва беше циркус. Авионот според планот требаше да слета на аеродромот во Внуково, но „поради“ четка од возилото за чистење снег, која заглавила на пресекувањето на двете писти, неколку летови и оној на Наваљни, беа пренасочени на Шереметјево.
„Ова е мој најдобар ден во последните пет месеци“, рече Наваљни, после приземјувањето на авионот. Претходно тој истакна дека враќањето или не враќањето во Русија, како прашање не се поставувало никогаш и „тоа покажува како треба да се бори овде...Ова е мој дом. Јас дојдов овде и не се плашам. Знам дека не сум виновен, кривичните дела против мене се фабрикувани“. Јулија Наваљна, сопругата на Алексеј, по неговото притворање, изјави дека и таа не се плаши и ги повика сите да не се плашат.
ПОДГОТВЕН ДОЧЕК
Враќањето во Москва од Берлин, Наваљни го најави уште на 13 јануари. Демек, чекајте ме на 17 јануари, ќе долетам со авион. Тој во Берлин беше уште од август минатата година. Го донесоа на клиниката „Шарите за лечење по труењето со отров од групата „Новичок“, како што соопштија експерти од Европа. Наваљни соопшти дека во Германија бил дојден во кома, затоа што сакале да го убијат. Но овој пат во тој контекст не го спомена Владмир Путин, рускиот претседател. Тој додаде дека нему „не му се многу интересни“ дејствијата на „слугите на Путин“ кои „фабрикуваат нови кривични дела“ против него
И нормално властите се подготвија за дочекот. Уште пред да дојде, кон крајот на декември отворија кривично дело за измама од особено големи размери. Според истрагата од собраните, од 2016 година 588 милиони рубљи( едно евро 90 рубљи), доброволни прилози за работење на Фондот за борба со корупцијата, Наваљни за лични потреби потрошил 356 милиони рубљи. Втора работа е фактот што тој на 30 декември 2014 година беше условно осуден за грабеж на 26,8 милиони рубљи на 3,5 години затвор, условно за пет години. Во 2017 условот му беше продолжен уште за една година. И истекуваше на 30 декември лани. Ова дело Наваљни не го признава и го смета за политички мотивирано. Во октомври 2017 година Европскиот суд за човекови права оваа пресуда ја призна за неоснована. Управата на Федералната служба за извршување на санкции во соопштение од ноември лани кажа дека Наваљни уште пред евакуацијата во Германија ги нарушувал правилата на условната казна. Управата по напуштањето на Наваљни на болницата „Шарите“ очекувала тој да се јави кај соодветните органи. Тој по еден месец пратил потврда дека се лечи амбулантно. Управата ова не го признава и започнала потрага по Наваљни. И токму ова е причината за притворот на Наваљни, па сега тој ќе чека одлука на судот за неговата иднина.
Овде треба да се каже дека тој не може да смета на праведно правосудство и правна заштита од државата. „Системот него го смета за клетка од рак и постепено го труе создавајќи неиздржливи услови за живот, во тие рамки и за неговите роднини и соработници“, пишуваше Татјана Становаја од Карнеги фондацијата.
ЛАЖГОВЦИ И КРАДЦИ
Во август во Фактор пишувавме дека Алексеј Наваљни не го сака власта, не го сакаат олигарсите, не го сакаат дури и некои опозиционери и либерали. Зошто? Затоа што на сите има ја кажува вистината за нивното коруптивно однесување. Било во политиката, било во клиентелизмот. Тој има најлоши зборови за партијата на Путин „Единствена Русија“. Таа, според него, е легло на лажговци и крадци. Наваљни не се плаши да оди на протести и е во првите редови. Шета низ цела Русија и агитира за опозиционерите на локални или парламентарни избори. И ден денес ги подржува луѓето што протестираат во Русија. Противниците на Наваљни, го обвинуваат дека добива поддршка од Западот, за да работи за смена на режимот во Русија.
Сега, ова последново како да се потврдува. Не дека тој не сака да се смени Путин. Има мечта да му биде противкандидат на Владимир Путин. Но за тоа не е доволна само мечтата. Ако на Запад порано Наваљни и не го сметаа како лидер на опозицијата, сега по труењето тој стана тоа. Европа дури воведе и санкции против Русија. Америка молчеше. Се чини молчењето завршува. Синоќа идниот советник на Џо Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен побара од руските власти веднаш да го ослободат политичарот Алексеј Наваљни. Според Саливен: „Наваљни треба веднаш да се ослободи, а виновните за обидот за убиство треба да одговараат. Нападите на Кремљ не се само нарушување на човековите права, туку тие се навреда на народот на Русија, кој сака, да биде слушнат неговиот глас“...
Властите во Русија кон Наваљни и во иднина ќе се однесуваат како кон вреќа за боксување. Тие си имаат и други проблеми. На пример неколкумесечните протести на Далечниот исток на Русија, поради апсењето на еден губернатор. Наводно учествувал во нарачани убиства! Ако не го затворат Наваљни веднаш, постојано ќе го гонат, како и досега, за разни „криминални“ активности. Ќе биде постојано под надзор на политичката полиција. Сега реакциите на Западот и апсењето само му го подигаат статусот како политичар. Но тешко дека ќе му се оствари мечтата да биде противник на Путин на избори. Следните се 2024 година. Иако, за волја на вистината на локални избори негови приврзаници и луѓе што тој ги поддржува, со таканаречено „умно гласање“, успеваат да влезат во локалната управа. Но на парламентарните или претседателските засега не успева да направи ништо.
РЕАЛНА ИЛИ МЕДИУМСКА СМРТ
Што е најважно кај Наваљни? Губењето на стравот. За разлика од Михаил Ходорковски, кој беше затвор 10 години, од Гари Каспаров кој со децении е надвор од Русија или други опозиционери, Наваљни не се плаши да се врати на местото на злосторството. Се разбира не неговото, туку на оние кои му го направија. Тоа е голем квалитет во борбата со системот. Но за победа требаат илјадници како Наваљни, ако не и милиони. Милиони борци против корупцијата и клиентелизмот.
Некои опозиционери зборуваат, но не дејствуваат како Наваљни. Па велат:„ Тој сепак за себе си избрал совршени идиотска професија и соодветно, страшна судбина. Бидејќи од неговиот пример добро се гледа колку е ужасно, неприродно и глупаво да бидеш искрен и доследен. Искреноста секогаш мириса на идиотизам, а сега особено силно. Во принцип добро е да се биде подлец, пират, наемник и многу е лошо да се биде благороден рицар, кој треба да прави самоубиствени обиди, затоа што ако тој не ги прави, тогаш ќе р’ѓоса во сите негови делови...Секако, тој нема друг избор, затоа што подобро е реалната смрт, отколку медиумска. Политичарот не смее да си дозволи да исчезне освен на неколку месеци“.
И навистина за да бидеш политичар во Русија, како и во други корумпирани и клиентелистички држави, на пример нашата, доволно е да си дел од бирократска структура, дел од мафијашко-олигархиски систем, од неизживеани поединци желни за власт и зависни од неа. А да бидеш во опозиција, вистинска, во Русија треба да си подготвен на секој чекор да те демне изненадување. Во најмала рака ќотек од полиција, неколку дневен затвор, а може и со години, па се до смрт. Наваљни е доказ за тоа. И не само на зборови. Затоа некои политичари доаѓањето на Наваљни го означија со зборовите:„ Кај нас доаѓа Претседател“. Додавајќи дека тој е единствената алтернатива на Путин, како Нелсон Мандела во свое време кога стана алтернатива на Фредерик Де Клерк и режимот на апартхејдот во Јужна Африка. Наваљни е човекот кој што може да го победи Путин, но не на избори, бидејќи такви ќе нема, туку како прв човек на некаков Комитет за национален спас, кој би се формирал на урнатините на режимот, а потоа да биде избран.
Убави се мечтите на политичарите, но реалноста е многу посурова. Во Русија уште долго, ако не се случи нешто вонредно, ќе владее Путин. До 2024 сигурно, а можеби ќе ги искористи мандатите за да владее до 2036 година. Вчера кога го прашаа Димитриј Песков, прес секретарот на Путин, за притворањето на Наваљни, тој нагласувајќи дека е последен ден на одмор и не ги следи многу работите, рече:„Извинете, него во Германија го задржале? Не сум во тек“. Тоа е власта. Ем има информации од прва рака, ем се прави недоветен. Цинизам. Е, со такви луѓе треба да се бори Наваљни. А што се однесува до Западот, тука работите се јасни. Тој е ветер во грбот на Наваљни, но овој мора сам да си ја заврши работата. Типично за Запад. „Ние ве поддржуваме, ама сами треба да си ја завршите работата“. По цена и на затвор.
И овде завршува текстот напишан пред три години. Цената што ја плати Наваљни не е затворот, туку неговата смрт. И сега ќе читаме осуди на Русија, на Путин. Ќе има закани со санкции кон Русија. И сето тоа е во ред. Но, што ако утре Џулијан Асанж умре во затвор? Велат дека здравјето му станува се’ покревко. Никој не крева глас за негова заштита, како што не креваа ни за Наваљни и само ја следеа ситуацијата. Се додека вчера не умре.
Што се однесува до Русија наследството на Наваљни во моментов нема да може да го понесе никој. Авторитарниот режим не дозволува никаква гласна опозиција. Таа во земјата само мрмори. А ако некој се јави или крене глава не му гине затвор. И вчера „законски“ се апсеа поединци кои на одделни места во руски градови дојдоа да му оддадат почит на Наваљни. Руската опозиција надвор од земјата е салонска. Како Македонците пред крајот на 20. век или неговиот почетокот. Искарани меѓу себе. Едни за Бугарија, други за Грција, трети за Србија, четврти за автономија...Така и Русите во емиграцијата. Наваљни од затвор пред некој месец пишуваше против олигарсите и новинарите кои ја доведоа Русија до денешната состојба. Ги обвинуваше дека токму тие, кои што сега викаат „ура“ од Западот, го донесоа Путин на власт. И државата до авторитаризам и власт на еден човек. Наваљни беше главниот противник на Путин, иако беше во затвор. „Бегалците“ од режимот отидоа на Запад. Главно седиште им е Берлин. Пред десетина дена таму имаше собир на т.н. „странски агенти“ и се повтори приказната за делбите. Едни дојдоа, други не дојдоа, префрлања едни на други за активностите...Ниту еден од нив, па нека е и милијардер, како Ходорковски , на пример, или Гари Каспаров, или други од Швајцарија, Британија и други места, не му се до колена на Наваљни. Причината е една. За разлика од Наваљни, тие се’ уште имаат страв. Не се ослободија од него.
За Западот, војната во Украина и смртта на Нављни тоа е посебна приказна. Веќе сега има многу теории на заговор. Но можеби е најдобро да се дочека крајот на официјалната истрага за смртта на Наваљни. Инаку ќе чуете дека за смртта се одговорни странски агенти кои се добрале до затворот, за да може Зеленски да добие оружје од Западот! Или, пак, дека, смртта е потврда дека „чадорот“ од Западот не може да ги заштити оние кои тој ги поддржува. Не може да ги заштити од луѓе кои се против мир на Украина, па убиството е добредојдено за поголема кавга меѓу Западот и Украина! Во сето ова само едно е јасно. Никој да не го чепка Путин или власта. Во спротивно ќе може да има лош епилог. Како што веќе има и други примери.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.