06 Декември, 2025
0.0527

Универзитетот и моќта

Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2015 10:40

Добивај вести на Viber

Деновиве во моево опкружување сум сведок на такво бербатење на угледот и достоинството на професијата од страна на простачката политичка моќ, што едноставно не можам да премолчам. Во оваа прилика нема да ви ги откријам актерите и драмолетката затоа што ако сега им го обелоденам планот, може да добијам и тужба за клевета, но таа  драмолетка многу бргу ќе им стане јасна на сите во мојата професија и во моето поблиску и подалечно, како философско, така и универзитетско опкружување. Затоа, место молк, во оваа колумна ќе ви раскажам за односот на политичката моќ и универзитетот!

Универзитетите по својата дефиниција се топоси на концентрирано знаење и епитомизација на умот во заедницата. Тие воедно се и темелот на кој се гради и врвот кон кој општеството стреми. Во таа институција би требало да се собрани најумните од умните, артистократијата на духот и наукот. Да, обвинете ме за елитизам, но верувам декатаму се најдобрите синови и ќерки на нацијата.

Ако е така, а така е, тогаш разбирливо дека заедницата се надева и верува дека токму универзитетот е најповикан да го обезбедува и опстојот и просперитетот на истата. Ако е така, а така е, тоа значи дека универзитетот ја поседува единствено суштинската моќ – моќта на знаењето. Но, од друга страна, многу често моќта на знаењето, не значи и реална, делотворна моќ. Најчесто е спротивното - оние без знаењевсушност ја поседуваат делотворната, политичка моќ. Политичарите, за да ја отелотворат својата формална,политичка моќ, мора да ја наполнат со содржина од моќта на знаењето. Затоа, од секогаш, политичката моќ барала да го монополизира, придобие и контролира универзитетот.

Оваа констатација – дека политичката моќ од секогаш сакала да го приграби под свое универзитетот – не е нешто ново и тоа не е случај само кај нас. Нам само можеби ни изгледаше несфатливо, затоа што никогаш до сега веројатно немало повулгарен обид да се превземе таа контрола.Но, верувајте, се разликуваат само методите, суштината е иста – политичката моќ, сака да ја контролира моќта на знаењето. Политиката од секогаш и секаде го сакала универзитетот под своја контрола. Тоа е аксиома!

Тоа лесно може да се потврди во историјата. И тоа од „првиот“ до „последниот“ член на академската заедница. Така, првиот, основачот на првиот „универзитет“ во Европа - Платон (424 – 348 п.н.е), бил заробен и понуден на продажба како роб на пазар! И да не го препознал еден негов ученик на тој пазар, да не го откупул и да го ослободел, историјата на мислата денеска ќе беше лишена од еден од најгенијалните нејзини умови. Основачот на првата „Академија“, бил продаден како роб само затоа што бил противник на демократијата и оти сакал да устрои „идеално“ општество според сопствените замисли.

И ако повлечеме историска линија цели 2200 години подоцна, сè до условно „последниот“ пример во академската заедница - Б. Расел (1872 – 1970), ќе видиме идентичен пример. Овој добитник на Нобелова награда (1950), бил бркан од универзитетот, не бил приман да предава на Сити колеџот во САД, бил парично казнуван, дури бил и осуден и одлежал 6 месеци в затвор! Нобеловецот Расел го преживеал сето ова заради неговите пацифистички ставови и противење на бесмислените војни што ги предводеле САД и Британија.

Значи, драги мои, ништо ново под сонцето! Универзитетите и универзитетските професори од секогаш и секаде биле на удар на празната политичка, но делотворна моќ. На политиката од секогаш насушно им требала суштинската моќ на знаењето. Таа интенција на притисок на политичката моќ врз универзитетите била присутна помалку или повеќе секогаш.

И мислам дека дебатата која ја водевме во изминатиот период иницирана од притисокот врз универзитетите ја водевме и на погрешно поле и во погрешна насока. Зошто го тврдам ова? Да бидам изненадувачки искрен до крај - јас не сум затечен од притисокот на политичката моќ врз универзитетот. Можеби сум изненаден од вулгарноста и методологијата на таа моќ, но не сум изненаден од амбицијата на таа моќ. Она што ме изненадува и впрочем ме плаши е самиот универзитет. Затоа велам дека дебатата ја водевме и на погрешно поле и во погрешна насока. Затоа што прашањето не е дали ќе има притисоци и обиди за контрола на политичката моќ врз универзитетот. Видовме, тоа било од секогаш и ќе биде. Таа желба за доминација и супримација има и општествена, социолошка димензија, но и психолошка, да не кажам и патолошка. Оти секој го посакува она што му недостасува – на политичката моќ, веројатно ум.

Она што мене ме изненадува и ме плаши е одговорот на таа моќ. Впрочем, Фуко прецизно го лоцира овој однос: „отпорот“ – вели тој – „секогаш се јавува наспроти некоја моќ“. Моќ има, дали има отпор? Или уште подиректно би сакал да прашам – имаат ли нашите универзитети свои „Платони“ и свои „Расели“? Значи, конечно – несомнена е амбицијата на политиката да го контролира универзитетот (тоа, видовме се случува од кога постојат универзитетите), проблем е капацитетот на универзитетот да се спротивстави на таа моќ. Има ли глас-горостас во нашата академска заедница кој ќе згрми, подготвен да биде продаден како роб, казнет со „сто фунти“ (како Расел), или не дај Бог и затворен 6 месеци!? Има ли витез помеѓу нашите редови кој со сечилото не перото ќе ја брани честа и достоинството на својот витешки ред!?

Затоа, дебатата за универзитетот, треба да си ја префрлиме ВО универзитетот токму и заради ова и особено заради ова – да се прашаме меѓусебе, да се преброиме и премериме! Оти политиката го освојува само она што сме го отстапиле и предале без бој. Има ли горостаси меѓу нас кои постојано ќе ја држат жива таа тензија помеѓу политичката моќ и моќта на вистината? Оти само низ таа тензија се случува дијалектиката на развојот.

Има ли мажи македонски кои ќе треснат на маса пред лицето на простачката политичка моќ, има ли професоришта кои ќе згрмат пред таа неписмена политичка ароганиција, има ли интелектуалци во нашите редови кои се подготвени за бој!? Или саде само конформисти кои реагираат единствено на телефонски повик од кабинетите на врвот!? Ако е точно само последново, тогаш време е да се самоукинеме и исчезнеме!Во моето опкружување многу бргу јас ќе знам, има или нема џинови меѓу нас! Упатените веќе знаат за што говорам, неупатени многу бргу ќе бидат упатени. До тогаш, главата горе, битката е тешка и долга, но...ќе победиме!

 Д-р Стојанов Трајче

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?