Добивај вести на Viber
Долго време кога ќе се спомнеше „пошта“ се мислеше на едната и единствена државна пошта. Не само во Македонија. Во речиси сите земји во светот. Од пред повеќе од 10 години во Македонија почнаа да се појавуваат и приватни фирми за достава. Во почетокот скромно, за да денес веќе функционираат повеќе приватни поштенски оператори. Некои локални (само во Скопје), а некои национални (низ целата земја). Најновиот од овие вториве е МОЈА ПОШТА во сопственост на Харалампие Георгиев, професионалец и поранешен корпоративен менаџер во областа на логистиката и корисничкиот сервис, чие интервју ви го пренесуваме во продолжение.
ФАКТОР Што е поштенскиот бизнис всушност?
ГЕОРГИЕВ На крајот на денот, воопшто не занемарувајќи ја целата комплексност и специфичност на поштенскиот бизнис, ние сме консолидатори на пратки во домашен збирен (групен) превоз. Му овозможуваме на Клиентот нам да ни ја префрли главоболката за оптимизацијата на превозните трошоци. Наместо да се мисли и калкулира дали има доволно роба за да запали свое возило или да изнајми туѓо (плаќајки по релација или по километар) тој пратката ни ја предава нам и плаќа само за онолку колку што праќа (по килограм или метар кубен). Ништо повеќе. Понатаму грижата е наша. Дали иаме доволно пратки на одредена рута, дали имаме доволен локален капацитет за достава, итн.? За тоа Клиентот не се секира. Тоа е наша работа.
ФАКТОР Што е МОЈА ПОШТА?
ГЕОРГИЕВ МОЈА ПОШТА е најновиот национален приватен поштенски оператор во земјата. Почнавме со работа на 20. Септември минатата 2012. Година. Значи само што навршивме 6 месеци. Уште сме бебче, ама со малку позатегната и поотпорна кожичка.
ФАКТОР Како функционира МОЈА ПОШТА?
ГЕОРГИЕВ МОЈА ПОШТА е лиценциран поштенски оператор. Домашна фирма. Македонски бренд во изградба. Функционираме како национална франшиза со централа во Скопје и 17 франшизери – застапништва (договорни пошти) низ Македонија. Нудиме превземање/достава на Пункт, како и од/до Адреса. Понешто за сечиј вкус и џеб.
ФАКТОР Зошто МОЈА ПОШТА?
ГЕОРГИЕВ Некако ми се виде како логичен нареден чекор после успешна кариера како професионалец, а после тоа и корпоративен менаџер, во областа на логистиката и корисничкиот сервис. А и годините некако си стасаа. Минатата година, нешто после стартувањето со МОЈА ПОШТА, навршив 40 години. Ми изгледаше како таман време за впловување во претприемничките води.
ФАКТОР Велите „логичен чекор после успешна кариера“. Што поточно работевте пред да ја основата МОЈА ПОШТА?
ГЕОРГИЕВ Во последните 6,5 години од мојата претходна кариера бев во светски познатата компанија, Авон Козметикс. Голема фирма со глобално седиште во Њу Јорк, САД, присутна на сите континенти, со некои 11 милијарди долари годишен приход, 40 илјади вработени и преку 6 милиони Претставници. 130 години стар бренд. Започнав како транспортен координатор за Македонија, за брзо да напредувам како менаџер во Белград, па во Варшава, а последната позиција ми беше Service Senior Manager за Чешка, Словачка, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија во Прага. Напуштив во зенитот на мојата кариера, бидејќи семејството ми беше во Скопје, а и ми се роди и вториот син. Одвоеноста и неделното летање на релацијата Скопје-Прага-Скопје едноставно стана пренапорно. И физички, но првенствено емотивно. Авон ми даде огромна шанса за личен и професионален развој и јас му останувам вечно благодарен за тоа. Пред Авон бев во шпедицијата (царинското застапување). Работев како шпедитер или главен шпедитер во неколку фирми.
ФАКТОР Која е визијата на МОЈА ПОШТА?
ГЕОРГИЕВ Нашата визија е едноставна. Сакаме да обезбедиме „best value for money services“ т.е. најдобар баланс помеѓу квалитетот и цената. Не тврдиме дека сме најубави, најдобри и најбрзи, не симнуваме ѕвезди од небото ниту ветуваме невозможни работи. Нудиме поширок асортиман на услуги.. Нудиме добра екипа и одлично поставени процеси и организација. Ние не сакаме само да се натпреваруваме на постојниот пазар туку и да го зголемуваме.
ФАКТОР Колкава и каква е конкуренцијата?
ГЕОРГИЕВ Покрај државната Македонска Пошта не има неколку приватни поштенски оператори кои доставуваме пратки на национално ниво (низ целата земја). Да, ние сме конкуренти, но истовремено и колеги од иста бранша. Никако не сме непријатели. Напротив. Се слушаме и се среќаваме. Секако, тоа не значи дека не се трудиме (и со цена и со квалитет) да бидеме подобри едни од други. Опасна е таа борба. Секојдневна, но и интересна. Имав среќа да отворам фирма во област во која повеќето (ако не и сите) сопственици на фирми се исклучителни и посветени професионалци. Поинаку и неможе да се опстои во логистиката. Напорна е ова работа. Буквално 24/7. Мора да ја сакаш за да ја работиш. Во спротивно нема да издржиш.
ФАКТОР Што мислите за нелојалната конкуренција – сивиот пазар?
ГЕОРГИЕВ Претпоставувам мислите на автобусите, таксистите и физичките лица кои вршат превоз на пратки. Што да ви кажам? Лично јас немам голем проблем со тоа. По убедување сум либертаријанец, така да, ако јас се прашувам, нека вози кој што сака и како сака, се додека има муштерии кои се подготвени тоа да го платат и да го сносат ризикот на својот избор на превозник. Сепак, како припадник на браншата, како сопственик на лиценциран поштенски оператор, ќе кажам, а верувам дека говорам и во името на колегите од другите поштенски оператори, дека очекувам државата да продолжи да воведува ред во оваа област. Има уште многу да се стори, но морам да кажам дека има значајни поместувања во таа насока од страна на надлежните државни институции.
ФАКТОР Какви ви се односите со вашето регулаторно тело?
ГЕОРГИЕВ Да, ние сме регулирана област. Постои Закон за пошти и државна Агенција за пошти на чело со Комисија за пошти како нејзин управен орган и директор како нејзин раководен орган. Незнам за другите економски гранки, но морам да кажам дека сум пријатно изненаден од односот на Агенцијата. Да, доставуваме извештаи, плаќаме лиценца, итн., но истовремено, барем од моето лично искуство, ја имаме и како партнер за подобрување и зајакнување на пазарот на поштенски услуги во земјата. Агенцијата за пошти е релативно ново регулаторно тело во Македонија. Имам впечатотк дека заедно се развиваме и напредуваме. Навистина, барем досега, имам само пофалби за односот и посветеноста на Агенцијата.
ФАКТОР Во МОЈА ПОШТА работи вашата сопруга. Како изгледа тоа?
ГЕОРГИЕВ Уф, не е лесно. И јас и таа сме професионалци, но сепак, кога со некого си буквално по цел ден неможе а професионалното понекогаш да не се измеша со приватното. Се трудиме најдобро што можеме. Сепак, иако сме во брак речиси 11 години ние и понатаму се сакаме како кога бевме дечко и девојка. Кога се има тоа се се надминува. Кате е прекрасна жена, сопруга, домаќина, а пред се – мајка!
ФАКТОР Колку е важен тимот со кој работите?
ГЕОРГИЕВ Многу, би сакал да им се заблагодарам на нашите вработени и застапници за несебичното залагање и вложен труд, енергија и ентузијазам во овие први 6 месеци. Тие сносат лавовски дел од заслугата за она што денес е
МОЈА ПОШТА. Сепак, првенствено би сакал да им се заблагодарам на нашите Клиенти кои секојдневно ни ја даваат нивната доверба. Даваме се од себе да не ги разочараме.
ФАКТОР Дали ваквите приказни можат да бидат поттик за намалување на невработеноста во земјата?
ГЕОРГИЕВ Би сакал да им порачам на сите сограѓани да си ја земат судбината во свои раце. Мислам на професионален план. Државата прави што може во борбата со невработеноста, но крупен исчекор во тој правец е можен само со промена на менталитетот на сите нас. И млади и стари. И мажи и жени. Треба да се работи. Треба продуктивност. Треба посветеност. Треба љубов кон работата. Треба работна етика. Треба промена на работната филозофија. Не „работам дека морам, за да преживеам“ туку „живеам за да работам и создавам“. Работата не носи само пари туку и можност за личен и професионален развој како и чувство на исполнетост, задоволство, успех, среќа.