19 Мај, 2024
0.0277

Утре е Собор на Свети Архангел Михаил-Кои се верувањата за овој празник?

Објавено во: Стил 20 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на свети архангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.

Многу традиционални верувања за овој ангел. Тој ги посетува сите болни луѓе. Затоа и треба да обрнете внимание, доколку застане кај нозете не е добро, а ако застане над главата ќе биде добро и болниот ќе се излекува.
Многу од христијаните веруваат дека е жив, па за неговата слава не прават пченица.

Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник“. Во Радовишко било обичај на Аранѓеловден да се оди на гости во с. Ињево каде што три фамилии колеле заеднички курбан. Се раскажува дека им се јавувал на сон некој глас и им велел да заколат курбан и тие тоа го правеле секоја година на овој ден приредувајќи гозби за гостите. Кузман Шапкарев забележал дека на Архангеловден во Охрид ги колеле свињите специјално ранети за таа зима од кои правеле пастрма, сланина и колбаси и на нивните слезинки гледале и претскажувале каква ќе биде зимата. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, „Свети Ранѓила“ го замислувале со терезија во едната и сабја во другата рака со која на луѓето им ги вадел душите. Според преданието од овој крај тој стоел на рајските врати и на терезијата од едната страна ги ставал добрите дела на човекот, од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот. Марко Цепенков на едно место запишал дека „кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. (На праведниот му се јавуал ангело и смртта многу весели, а на грешнио многу смуртени и страшни.) (…) Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу“. М. Цепенков забележал дека и кога се венчавале луѓето ангелот Божји стоел до нив. „За прва венчанија на зет и невеста, кога се венчаваат, му идел ангел Божи од небото и стојал над младоженците на рамената, та му држел венците и штом да се довенчаат, ќе летнел ангелот на часот и ќе појдел кај Бога, та ќе му кажел. Второ венчање пак ангелот идел, ама назад од младоженците стојал и по една недела ќе одел кај Бога за да му кажит. А пак во треќата венчанија ангелот многу скраја стојал и ич не одел кај Бога за да му кажи за да се радуат ангелите“.

Можеби ќе ве интересира

Игор Џамбазов со емотивна порака: „И двајцата си заминаа на овој ден. Ги има во моите книги, во моите песни, во моите секојдневни муабети, во моите мисли“

Игор Џамбазов со емотивна порака: „И двајцата си заминаа на овој ден. Ги има во моите книги, во моите песни, во моите секојдневни муабети, во моите мисли“