18 Мај, 2024
0.0337

УТРЕ ГОЛЕМО ОТВОРАЊЕ: Тројца оскаровци на црвениот тепих на „Браќа Манаки“

Објавено во: Стил 12 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Откако Лабина Митевска е на чело на фестивалот „Браќа Манаки“, за првпат се случува тројца оскаровци и добитници на наградите да бидат на отворањето на фестивалот. Таа вели дека годинава ќе понудат најдобра програма досега, објави ТВ Тера. „Она што мене дополнително ме радува што ни се пријавија дури 150 млади волонтери и тоа е воодушевувачки знак за фестивалот“, вели Лабина Митевска, директор на фестивалот. Интернационалниот фестивал на филмска камера низ годините се движи по нагорна линија. „Општина Битола максимално се подготви за пречек на гостите од државата и странство, сите капацитети се исполнети и за жал влезници за филмските проекции нема“, истакна градоначалникот д-р Владимир Талески. Бинош и Менџис се пристигнати, а Бигаци доаѓа утре. Сите тројца немале некои посебни барања. „Тројцата оскаровци немаат посебни барања и посакаа во раните утрински часови да ја прошетаат, погледнат и запознаат Битола“, вели Митевска. Таа признава дека директорите на фотографија обично имаат помалку барања од филмските ѕвезди, а како пример ја дава Кетрин Денев. „Досега Денев беше најтешка со најмногу барања“, вели Митевска. Сите влезници за македонскиот филм „До Балчак“ биле веќе продадени, а веќе се размислува за втора проекција. „Секој си го знае буџетот и секој треба да го исплати оној кој работел. Филмот треба да тргне, зашто единствен начин е луѓето да се доисплатат, тоа е мое мислење. Заради тоа пуштивме голем број билети досега, сите се продадени, а ако има интерес ќе направиме уште една проекција“, вели Митевска, одговарајќи на најавите дека битолските дуќанџии ќе протестираат за време на проекцијата на филмот затоа што две години не им е исплатена отштета. Отворањето на фестивалот е утревечер.