23 Април, 2024
0.0254

Велигден со вкус на препораки

Објавено во: Колумни 19 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Годинава Велигден ќе го паметиме по тоа што се слави во невообичаени услови.Поради пандемијата на коронавирусот во сила се најстроги мерки на заштита на населението почнувајќи од забрана на движење и 24 часовен карантин во деновите на празникот.Ништо не е како што сме навикнале да биде со години,но што е тука е –дошло ќа се трпит често велеа моите стари..... 

Кога ќе почнеше масовно варосување и големо чистење на домовите ни беше сосема јасно дека се доближува голем празник.За нас децата Велигден беше повод и да бидеме подновени со сандалки или со некое  делче од скромната гардероба-спортски чорапчиња,кошулче или палтенце од потенко штофче.Поп Спиро ќе дојдеше да свети вода кај нашите први соседи од заедничкиот стан - Стојна и Цветан, а ние ѕиркавме од некое ќоше и се прашувавме зошто белобрадиот и убав свештеник не доаѓа и кај нас.

Првиот „празник над празниците“ на кој се сеќавам беше сврзан со вистински инцидент. Ние не знаевме дека мајка ми вапцува јајца скришум, да не знае татко ми. Еден ден случајно или намерно сосетката, далечна роднина по мајкина линија,инаку партиска активистка, убаво не распраша дали имаме вапцани јајца, а јас и сестра ми во еден глас одговоривме потврдно,уште ги лоциравме во креденецот во кујната. Таа тоа убаво го изнесла на партиски состанок на Дебармаалскиот огранок, а како му било на „стариот “ разбравме кога си дојде дома, лут и црвен во лицето. Другите во маалото немаа вакви „партиски проблеми“. Многумина наголемо ја подготвуваа трпазата со задолжителното јагнешко - со денови по улица се слушаше јагнешко блеење,а јагнешките кожи што остануваа на куп во откупните пунктови кажуваа се за празнувањето.

На прв ден Велигден сите бевме на улица. Стокмени, дотерани, исчешлани и со црвени јајца во рацете.Кршењето јајца беше како спортски натпревар-кој има посилно и поцврсто црвено јајце(тогаш вапцаните јајца беа само црвени,потоа дојдоа модерните креативни велигденски одбележја во секакви бои).Тротоарите беа послани со лушпи од скршените велигденски јајца.Носевме јајца и по празникот, во училишните чанти,се кршевме на одморите меѓу часовите,на очиглед на учителките и другиот училишен кадар.

Подоцна по земјотресот откако пораснавме доволно за на корзо Велигден доби и друга диманзија.Вечерта спроти празникот корзото „работеше“ до доцна-ете ти можност да останеш со некого или поточно со некоја до раните утрински часови.Никогаш не стасавме да допреме до дворот на  Храмот Свети Димитрија,каде што се одржуваше литургијата од едноставна причина-од плоштадот, па преку Камени се до црквата беше преполно од народ што се движеше во обата правца многу полека и стрпливо.По полноќ глетката беше неповторлива,илјадници запалени свеќи во рацете на скопјани се движеа накај дома.Луѓето се грижеа својски да го однесат велигденскиот пламен и во своите домови.Свеќи гореа и во рацете на патниците во ретките „фиќовци“ и „застави“ по штотуку изградената и проширена Партизанска.Сцени како од големите епски филмски спектакли за Мојсие и Исус Хритос.

Работите уште повеќе се променија откако Соборниот Храм Свети Климент Охридски си го зазеде своето заслужено место,посебно за Празникот над празниците.Скопјани во се поголем број доаѓаа на Велика Сабота за да го увеличаат големиот чин на Христовото воскреснување и на раат да учествуваат во литијата-тројниот опход околу храмот по полноќ,откако камбаните ќе го означат светиот момент.Сите таму,можеби,не биле верници,но сакале на тој начин да го искажат почитувањето спрема повеќедецениската борба на МПЦ за докажување на својата самобитност и автокефалност.Во избликот на опуштеност и среќа скопјани со свеќа и црвено Велигденско јајце и на ваков начин ја покажуваат љубовта спрема саканиот град!


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок