28 Март, 2024
0.0235

Верските лидери меѓу земското и возвишеното

Објавено во: Колумни 24 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

“Блажени се бедните по дух зашто нивно е царството небеско, блажени се оние што плачат оти ќе се утешат, блажени се кротките зашто тие ќе ја наследат земјата, блажени се гладните и жедните за правда оти тие ќе се наситат, блажени се милостивите зашто тие ќе бидат помилувани, блажени се чистите по срце оти тие ќе го видат Бога, блажени се миротворците зашто тие ќе се наречат синови божји, блажени се гонетите за правда оти нивно е царството небеско...”- Нов Завет, Евангелие по Матеј. Овие стихови, како дел од Светата книга Библија, често си ги поимам, посебно во време на верски недоумици, двојби околу религијата и нејзиното место и улога во современите општества, во мигови на духовни и ментални бури кои се креваат како плод на одредени религиски тези, размисли и дејанија, искажани и практицирани од признати и познати дејци, кои на директен или индиректен начин се врзани за религијата. Да се врати религиското на исконското, на догматското, на моралното Постојат низа моменти кои, сакајќи или не сакајќи, намерно или случајно, од мене ја изнедруваат потребата да се навраќам на стихови и посланија од Светите книги, кои како верник ме втурнуваат во размисли за одредени дејанија, кои се дел од нашето секојдневие, а за кои навистина имам двојба, односно, мојата колебливост околу одредена аргументација, се разрешува консултирајќи ги поуките и препораките кои се итекако мудрости и етички начела, а се дел од Светите книги. Простете ми што во оваа колумна можеби на моменти може да се испреплетат моите ставови од една страна субјективни-како верник, од друга страна социолошки - како објективен толкувач на суштински и посебно значаен феномен на денешнинава, а тоа е религијата, иако можне внимателно ќе се обидам да не го скршам ледот или да не ја минат тенката граница-нитот меѓу субјективното чувство и објективното толкување, но доколку тоа и го сторам - мојата маленкост ви се извинува. Денес посебно задирам во една мошне суптилна тема, за верата, која е дел од инсконското, внатрешното, субјективното на човекот, а посебно е специфично што дилемите кои ќе ги наметнам можеби ќе бидат протолкувани како провокативни, од некои дури и како злонамерни, но верувам од сите оние добронамерници и вистински верници ќе бидат сфатени во нивната вистинска и искрена намера и суштина, најверодостојно и најдобронамерно, се со цел да се врати религиското на исконското, на догматското, на моралното и да се престане да се задира во прашања кои апсолутно не само што не ја засегаат религијата, напротив, се во апсолутна коализија со неа. Та нели верата се коси со политиката, та нели политиката е далеку од моралноста Она што деновиве навистина ме извади од колосек се писанијата од првиот човек на ИВЗ во кои има одреден негативен набој и невкусни зборови кои не само што не доликуваат на еден верски лидер, напротив, не доликуваат на ниту еден верник кој искрено ја сака и почитува сопствената религија. Иронијата е поголема бидејќи верските лидери се тие кои треба да говорат и да пропагираат за вистинитост, добробит, чесност, почит и пред се толеранција и љубов меѓу верниците. Без оглед што тие зборови се дел од фејсбук профил, тоа не ја намалува одговорноста, посебно денес, во ерата на интернет комуникацијата и те како се значајни социјалните мрежи. Сликите на малолетник со оружје в рака уште толку ми ја поматија сликата за верски лидер кој насилството треба да го трансформира во мирно и правилно разрешување на конфликти, а не да го пропагира. Она што во најмала рака очекувам е деновиве соодветна реакција во која ќе се осуди говорот на омраза и ќе се објасни намерата за фотографиите кои на суптилен начин пропагираат насилство. Ниту верскиот лидер на на МПЦ-ОА не се поштеди себе си од бура на реакции од верниците, посебно со политичкото приклонување кон одредена политичка опција или кандидат. Та нели верата се коси со политиката, та нели политиката е далеку од моралноста, а религијата во својот бит е етички систем. Дали со оваа постапка верскиот лидер е свесен дека прави подвоеност меѓу верниците, а тоа е во суштина сквернавење на исконското, религиското, урнисување на вредностите кои се вткаени во догмите на религијата која ја прокламира. Навистина ќе се најдат во недоумица оние верници кои политички не се индоктринирани и кои се само верници без политичка обременетост, а уште повеќе ќе бидат погодени оние верници кои се од другата-спротивна политичка провиненција. Прашањата кои се наметнуваат се дали треба еден верски лидер да се инволвира во политичките дворски игри и дали треба да зазема страна, та нели политиката се коси со религијата и верата не подразбира искучивост, посебно не на верниците? Верниците ќе се доведат во дилеми, говорам за верниците од двете доминантни религии кај нас, бидејќи од една страна слушаат исклучиво за морални добра кои излегуваат од устите на верските лидери за време на верските проповеди, а од друга страна гледаат нешто што апсолутно не доликува на оние кои се одредени нив да ги водат-верска двојба ли е тоа? За вистински верски лидер - чесноста и почитта да бидат идентични за сите верници, без оглед на нивната материјална или политичка положба Верските лидери се оние кои треба да бидат први на браникот на правдољубивоста, добродетелта, проштевањето и чинењето добро пред се и над се, без никаква целност или возврат. Верските лидери се оние личности во кои верникот треба да ја бара моралната икона, оние кои со своите дела и постапки ќе бидат пример за доброчинителство, правдољубивост,човечност. Тие треба да бидат вистински верски водачи и да ги насочуваат верниците во секоја своја мисла и размисла, во секое свое дело и постапка да поаѓаат од принципите на вистинитоста, чесноста, правдољубието и човечноста. Она што најмалку се очекува од нив е подвоеност, говор на омраза и негативистички дискурс, и тоа не само во нивните говори и писанија, туку и во нивните дела. Тоа е далеку од вистинските вредности што ги наметнува религијата, тоа го осудува Светата книга, тоа ги оддалечува од основните постулати и догми кои се исконски вткаени во нивната религија. За да бидеш вистински верски лидер треба во својот вредносен и морален хабитус искрено и вистински да ги почитуваш, препознаваш и пренесуваш оние морални принципи со кои луѓето се приближуваат и интегрираат, а не да придонесуваш верниците меѓу себе да се разделуваат, раслојуваат и оддалечуваат. За да бидеш вистински верски лидер треба чесноста, почитта и добродетелта да ти бидат идентични за сите верници, без оглед на нивната материјална, социјална или политичка положба. За да бидеш вистински верски лидер, ценет и почитуван од сите треба ненасилството да ти биде најголемата сила со која ќе располагаш во секоја ситуација. За да бидеш вистински верски лидер треба љубовта кон секој верник да ти биде подеднаква и таа да биде ѕвезда водилка во секоја мисла, размисла и постапка и да биде вредност над вредностите во хиерархиската вредносна скала. Вистинскиот верски лидер говори и практицира толеранција, секаде, секому, без двојби, шири и успокојува со толеранција која не познава граници, култури, етникуми, толеранција без граници, толерација која треба да биде основа на секоја постапка и дејаније. Бидејќи чуму ни се Светски конференции за толеранција, чуму ни се говори од врвни елити кои ја поимаат и истражуваат религијата, чуму ни се ореоли за толеранцијата ако ние самите отстапуваме од неа-нели е тоа класична хипокризија? Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?