Добивај вести на Viber
Од Сиетл на западниот брег на САД, се до Њујорјк на источниот, преку Лос Анџелес и Чикаго, илјадници Американци минатата ноќ на улиците протестираа заради одлуката на судот да не подигнува обвинение против бел полицаец кој во август годинава уби невооружен млад црнец во Фергусон, предградието на Сент Луис.
Претседателот Барак Обама и семејството на убиениот Мајкл Браун залудно повикаа на смиреност веднаш по синоќешната објава на судот. Уште додека траеше преносот од повикот на Обама за почитување на законите и мирно протестирање, во Фергусон и на други места во САД веќе започнаа насилни демонстрации.
Синоќешната одлука на поротата, иако беше очекувана, веднаш предизвика големи немири во Фергусон, каде десетина згради беа запалени, како и две полициски возила, додека многу продавници беа ограбени, изјави шефот на полицијата на Сент Луис, Џон Белмар. Дел од зградите уште горат.
Тој вели дека синоќешното насилство е најлошата ноќ во САД, веројатно многу полоша од оние во август по убиството на тинејџерот. Лично во текот на ноќта тој слушнал околу 150 истрели, а полицијата не испукала ниту еден куршум.
Веднаш по одлуката на судот, демонстранти излегоа и на улиците на градовите ширум САД. Неколку стотици демонстранти се собрале на Тајмс сквер во Њујорк носејќи црни плакати, на кои пишувало „Расизмот убива!“, „Нема да молчиме“ и „Осуда за полицискиот расизам“. Демонстрантите извикувале „Нема правда, нема мир!“, а полицијата ја споредувале со Кју Клукс Клан.
Демонстранти се собрале и во Вашинготн, пред Белата куќа, во Оукленд и Лос Анџелес во Калифорнија, но и во Бостон, Филаделфија, Денвер, Сиетл, Чикаго и Солт Лејк Сити. Одлуката на поротата да не покренува обвинение против полицаецот Дарен Вилсон кој на почетокот на август го уби тинејџерот Мајкл Браун беше објавена синоќа на пресконференција.
Со оглед на тоа што насилството не се смирува, властите ги пренасочуваат патничките авиони чие одредиште е Сент Луис, бидејќи од блискиот Фергусон се пука и во воздух.
http://www.youtube.com/watch?v=dDzp2EWhR74
http://www.youtube.com/watch?v=nGE-ieIO17o
http://www.youtube.com/watch?v=Ip5LCYEOS9s