12 Август, 2020
0.0336

Вирусот и нафтата го уриваат рејтингот на Путин- Трамп ќе му помага

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2020

Во очекување на врвот на епидемијата од коронавирус во Русија, работите одат од лошо полошо. Кривата на растот на новозаразени од вирусот почнува да оди нагоре. Ако продолжи сегашната тенденција не е исклучено да добие експоненцијален карактер. Последниве денови секој ден растот е речиси по 1.000 новозаразени дневно. Ако до пред една недела заразени, дневно, беа околу седум илјади, вчера беше надмината бројката од 11.000. Грото од заразените, над 60 проценти отпаѓаат на Москва и Московската област. Заразени се и премиерот и министерката за култура.  Бројот на починатите е околу 1.600. Згора на ова растат и економските штети од последиците од коронавирусот.

Но една несреќа не доаѓа сама. Падот на цената на нафтата на светските берзи си го прави своето. Русија во буџетот калкулира со цена на нафтата од 40 долари за барел. Некои провладини експерти велат дека Москва има варијанти да ја спасува економијата и со 20 долари за барел. Но ова е само за публика. Вистината е дека државата ќе загуби милијарди долари. Некои експерти тврдат дека пазарот на нафта ќе се стабилизира кон крајот на годината. Кога се очекуваат цени блиски до оние кои беа пред кризата. Над 40 долари за барел нафта. Но дотогаш буџетот треба да се полни од нешто. Во меѓувреме Агенцијата „Стратфор“ тврди дека „Доаѓа крај на златниот век на руската нафта“.

Коронавирусот и кризата со нафтата се повод за разни оценки за тоа што ја очекува Русија. Поранешниот вицепремиер , прв човек на Фондот „Сколково“ и претседател на Меѓународната шаховска федерација, Аркадиј Дворкович не е оптимист. Тој смета дека економската криза во Русија сега почнува и нема зафатено многу сегменти од економијата. Според него наредните месеци ќе бидат „доста тешки“. „Банката на Русија очекува намалување на БДП од 4 до 6 проценти годинава. Тоа е таа прогноза на која засега може да се ориентира, со оглед на податоците од последните неколку недели. Бројките не се пријатни, но можно е и попријатно и понепријатно сценарио на развој на настаните“ рече Дворкович во интервју за порталот РБК(Росбизнис консалтинг). Тој очекува главните проблеми да почнат во јуни-јули. Тоа тој го оценува според компаниите резиденти на Фондот „Сколково“. Тој е противник на давањето пари на целото население, како што е направено во САД , на пример. Или се планира во Германија. Дворкович се залага за давање помош на оние на кои навистина им е потребна. Кои се најмногу погодени од сегашната ситуација. И Централната банка е против давањето пари. Причината е што на тој начин може да дојде до „експлозија“ на инфлацијата и  луѓето не ќе можат многу да се офајдат од тие пари.

Кон крајот на март на оваа страна во Фактор беше напишано дека:„Коронавирусот и ценовната војна меѓу Саудиска Арабија и Русија си го направија своето. Евтина рубља, закана од раст на инфлацијата, нарушување на буџетот. Дефицит наместо суфицит како што се предвидуваше. Програмата за големи инвестиции во економијата и националните програми најверојатно ќе бидат одложени. Сето тоа ќе влијае и врз расположението на народот. Можен раст на незадоволството. Сигурно, доколку дојде до масовни отпуштања, намалување или неисплаќање на платите. Тоа ќе биде удар и врз авторитетот на претседателот Владимир Путин“.

Сето погоре кажано во неколку реченици веќе се остварува. И рубљата е падната, почнува растот на инфлацијата, буџетот се нарушува. Очите се вперени кон Фондот за национална благосостојба. Да се чепне во него. Пари собрани во времето на благосостојба со цените на нафтата и гасот. Таму има стотици милијарди долари. Веќе гласно се зборува за преиспитување на инвестициите во националните проекти вредни трилиони рубљи. Во делови на Русија почнуваат бунтови, пред се на работници кои сметаат дека не се доволно заштитени од коронавирусот. Станува збор за илјадници работници кои работат на големи објекти. Доведен е во прашање и авторитетот на Владимир Путин. Довербата на населението во него опаѓа.

Владимир Путин е во изолација поради кризата со коронавирусот. Раководи од резиденцијата во близината на Москва. На 28 април од таму по видео врска разговараше со губернаторите, а завчера со министрите од владата. Главна тема – коронавирусот. Ама се чини дека тој зборува, а губернаторите и бирократите не го слушаат. Ќе видиме каков ќе биде односот меѓу нив по завршувањето на кризата. Впечаток е дека Путин е исфрлен од седлото, по она што се случува во Русија. Делува уморно. Нема ништо од она на кое се навикнавме да го гледаме. Путин-човек од акција. Последен пат го видовме при посетата на една од болниците во која се лечат заразените од коронавирус. Облечен во скафандер за да се заштити од зараза.

Вчера изминаа 20 години од неговата прва инаугурација како претседател. Поради вирусот тој не успеа да го спроведе референдумот за промените на Уставот предвиден за 22 април. Па го одложија за подобри времиња. Путин уште повеќе ќе жали што годинава нема да се одржи традиционалната парада по повод 75 годишнината од победата над фашизмот. Таа требаше да се одржи утре и да ја покаже славата на Русија пред светот. На неа беа поканети лидери од цел свет. Многумина од нив дадоа согласност дека ќе дојдат, Емануел Макрон и Си Џинпинг, на пример, но за жал на Путин, работите добија поинаков тек. И тој ќе мора да се задоволи со празничните летови на десетици авиони и хеликоптери над Црвениот плоштад, без публика, без славја. Најавено е дека ќе оди да положи цвеќе на споменикот на Незнаениот јунак во Александровската градина под Кремљ. А парадата ќе се одржи кога ќе има услови за тоа.

Се она што се случува во Русија со коронавитусот, а и нафтената криза, има одраз во анкетите кои ги спроведуваат социолозите. Според анкетата на „Левада-центарот“ спроведена кон крајот на април, работењето на Владимир Путин го одобруваат 59 проценти од анкетираните. Последниот најнизок показател бил 61  процент и бил пкажан во анкета во 2013 година. Првиот човек на „Левада центарот“, Лав Гудков во еден разговор вели дека веќе е тренд паѓањето на довребата и поддршката на Путин. Тој тренд почнува во 2018 година. Гудков смета дека епидемијата со коронавирусот уште повеќе ќе ја влошува состојбата со довербата кон Путин. Луѓето остануваат без работа, средната класа е во тешка ситуација и можеби ќе биде најпогодена, луѓето немаат доволно пари, некои и за основни потреби. Според Гудков, сега не поминува изреката:„Царот е добар-бољарите не чинат“. Некои во Русија сметаат дека Путин не успеал да се покаже во сегашната ситуација со вирусот, како на пример канцеларката Ангела Меркел чиј рејтинг рапидно порасна. Инаку, „Левада-центарот“ не е миленик на Кремљ. Веројатно што покажува резултати од анкетите кои не се совпаѓаат со оние кои се прифатливи за Кремљ. На ВЦИОМ  или Фондот за јавно мислење ,на пример.

Во ваква ситуација нормално е да се постави прашањето што ќе прави Путин по завршувањето на кризата, кога ќе бидат изброени мртвите, заразените, осиромашените, безработните... Тој секако нема намера да влезе во некои нови авантури од типот на Грузија, Крим или Донбас, па и Сирија. Иако токму во овие случаи рапидно растела довербата кон него. Нема да изненади, колку и да е контрадикторно и нелогично, на помош на Путин да дојде Доналд Трамп. Тие двајца разговара вчера телефонски. По шести пат изминативе месеци. На дневен ред, според Американците, бил договорот за ОПЕК+, коронавирусот и американска помош за Русија за борба со него, ефикасна контрола на вооружувањето, за која САД со нетрпение чекаат да започнат преговори...

Во ек е подготовката на самитот на таканаречената група Г-5. Средба на лидерите на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН. Идејата за неа е на Путин. А прифатена од другите членки на СБ. Треба добро да се подготви и да се утврди датумот кога би се одржала. На американскиот претседател ваква средба му одговара некаде наесен во предвечерието на изборите.  На неа би станало збор за теми од пошироко значење. Можеби и борбата со коронавирусот. Но Трамп би сакал во прв ред да постигне договор за разоружување или за контрола на оружјето за масовно уништување. Особено по излегувањето на САД од договорите СТАРТ-1 и СТАРТ-2, а во прашање е и договорот НОВ СТАРТ или СНВ-3, како што го означуват Русите, а кој истекува догодина. Доналд Трамп во евентуалниот нов договор не ја гледа само Русија, туку неминовно и Кина. Последнава засега се противи, сметајќи дека нејзиниот уништувачки арсенал е многу помал од оној на САД и Русија. Можеби договорот ќе се прошири и со учество во него на Велика Британија и Франција. Се’ е прашање каде ќе се преклопат интересите на петте држави. Зашто сите поаѓаат од нивните државни интереси.

Веројатно Американците притискаат врз Русите да ја убедат Кина да се согласи со американскиот приод кон работите. Таа пак ќе сака да се испазари со САД околу трговските односи и санкциите, па да се постигне долгорочен договор околу тоа. Британија и Франција под закрилата на САД сигурно ќе се согласат да влезат во нов договор. Не е јасно само како ќе реагираат од ЕУ. Русија од своја страна би добила американска поддршка околу ОПЕК+, за пораст на цената на нафтата, а со договор за оружјата ќе има и заштита од евентуални кинески амбиции кон неа, кои не се исклучени.  Инаку, од друга страна, ваквиот договор би бил и  повод за уште поголемо зближување на Русија и Кина, наспроти амбициите на САД за еднополарен свет.

Русија со ваков развој на настаните би добила многу на финансиски план. Бидејќи не ќе мора да троши пари за развој на нови оружја, како што трошеше изминативе години. Во услови на санкции од Запад, мали приходи од нафтата, сега и последиците од коронавирусот, неа не и е потребна нова трка во вооружувањето. Тие пари би се трошеле за санирање на последиците од кризите, кои ќе ги погодат луѓето, но и бизнисот, а евентуално и за спроведување во дело на намерите на Путин, неостварени досега, за преструктурирање на руската економија. Во таков случај би можело да се зборува за почеток на раст на довербата на народот кон него. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Повеќе кибицери од играчи

Повеќе кибицери од играчи

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Универзална

Универзална