ВЛАДАТА БАРА КАНДИДАТ ЗА ЧЛЕН ВО РКЕ: платата нема да биде за потценување, еве кои услови мора да се исполнат
Објавено во: Македонија 23 Јули, 2024
Владата распиша оглас со кој ќе бара нов член за Регулаторанта комисија за енергетика и водни услуги.
- На предлог на Владата, Собранието на Република Северна Македонија ќе именува 1 член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници – се наведува во огласот.
Согласно законските одредби, во Регулаторната комисија, еден член е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката, еден член е стручно лице за економски прашања од областа на енергетиката и/или водните услуги, еден член е стручно лице за технички прашања од областа на водните услуги и останатите членови се стручни лица за технички прашања од областа на енергетиката.
Мандатот на секој член на Регулаторната комисија за енергетика изнесува пет години и ниту еден член не може да биде на повеќе од два последователни мандати.
- Функцијата член на РКЕ е неспојлива со друга функција, функција во политичка партија или работно место. Ако членот пред именувањето бил во работен однос, работниот однос му мирува – се истакнува во огласот на веб страната на Владата.
Член може да биде државјанин на Македонија со најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на електротехника, машинство, технолошки науки, градежништво, економија или право.
Кандидатите исто така во последните 15 години пред именувањето треба да има најмалку десет години работно искуство.
- Најмалку две години пред именувањето за член на Регулаторната комисија за енергетика да не бил член на орган на управување или орган на надзор на друштво кое врши енергетска дејност, односно дејност поврзана со водни услуги – пишува во огласот.
Исто така лицето не смее да има казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Идниот член на Регулаторната комисија за енергетика може да очекува плата која не надминува пет просечни плати во земајва. Ова значи дека неговиот месечен надоместок поточно месечната нето плата не може да биде повисока од збирот на пет просечни месечни нето плати исплатени во Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Просечната нето плата во декември 2023 година изнесуваше 39.998 денари, па ако таа се земе за репер и фактот дека примањата на членот на регулаторна не смее да надминува пет просечни плати, неговите примања воопшто нема да бидат за потфлање. Ако членот добива пет просечни плати, тоа би достигнало месечна плата од високи 180.000 денари. Сепак, ова не е официјалната плата, туку сума која не би смеела да биде надмината.
Рок за пријавување на заинтересираните кандидати е 15 дена, сметано од денот на објавувањето на огласот во дневниот печат.
Ако се погледнат податоците на веб странта на РКЕ за мандатите на претседателот на членовите на ова тело, може да се заклучи дека Владата бара замена за магистер Андријана Нелова – Чучук која е магистер по економски науки и која член на РКЕ станала во август 2019 година. Со оглед дека ова е нејзин прв мандат, таа има право повторно да се кандидира за истата позиција.
Другите членови имаат договори од 2021, или 2023 година, и притоа сите биле само еднаш членови на ова регулаторно тело.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.