Владата одобри долготраен закуп на земјиште посакувано од несуден стратешки инвеститор
Објавено во: Економија 01 Август, 2025 09:05
Владата му одобри на општина Пехчево да издаде огромна површина на државно земјиште под долготраен закуп според урбанистички план за изградба на фотонапонска централа, нарачан од ХЕК Солар, еден од стратешките инвеститори кои помина како неозаконет кон крајот на манадатот на минатата власт.
Со електронско јавно наддавање, Пехчево треба под долготраен закуп да додели земјиште од околу 880.000 метри квадратни во Негрево, а Владата го одобрила повикот на седница на 8 јули.
ХЕК Солар е бугарска фирма и една од четирите несудени стратешки инвеститори кои не добија поддршка од јавноста да бидат озаконети со специјален договор со Владата во текот на минатата година. За инвестицијата од проценети 52 милиони евра за фотоцентрала од 75 мегавати во собраниска процедура влезе првиот таков закон, со тоа што беше предвидено земјоделското земјиште опфатено со урбанистичкиот план да се пренамени во градежно земјиште, а ХЕК Солар како производител да има загарантиран откуп на електрична енергија од ЕСМ со посебен договор.
ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје е компанија основана од ХЕК СОЛАР ЕООД Бугарија, а до лани беше претставувана како компанија која во 12 земји инвестирале во изградби на централи со можност од 2 гигавати. Беше пишувано дека основач на бугарската компанија е Владимир Табутов, кој своевремено стана нов пратеник во бугарскиот парламент од Благоевград од редовите на партија што беше дел од тогаш новата бугарска влада. Во моемнтов управител е Бојан Славев Табутов. Во македонската фирма-ќерка подеднаков удел од 45 отсто има и „АТИЛ ТРАДИНГ ЛИМИТЕД“, а 10 проценти сопственост има и Мибо Солар која се води на име на скопскиот адвокат Даниел Георгијевски.
Од Владата ни одговорија дека општина Пехчево има право да го издава земјиштето под долготраен закуп и покрај тоа што ХЕК Солар не е стратешки инвеститор со специјален закон, односно може да го даде под закуп на оној што ќе има најдобра понуда.„Имено согласно одредбите од Законот за градежно земјиште, во постапките за електронско јавно надавање во никој случај не може однапред да се знае кои физички и правни лица ќе бидат пријавени за учество во електронското јавно наддавање и кој од пријавените ќе понуди највисока цена по м2 и со тоа ќе се стекне со својство на најповолен понудувач, а врз основа на тоа Ве известуваме дека до денешни сознанија Општина Пехчево сѐ уште нема објавено објава за доделување на право на долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија“, ни рекоа од Владата.
Од таму додават дека закупот ќе се плаќа според актуелната уредба. Плаќање долготраен закуп како средства за помош на локалната самоуправа беше предвидено и во предлог-законот за стратешки инвеститор.
„Висината на почетната цена на годишната закупнина, за градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија кое се дава под долготраен закуп по пат на јавно наддавање, не може да биде пониска од 5 отсто од утврдената цена по метар квадратен во табеларниот преглед на уредбата.
При што пресметката на минималниот процент од 5 отсто се врши на цената дефинирана по намена и зона конкретно наведена во табеларниот ценовник за секоја општина поединечно“, гласи одговорот кој го добивме од владината служба за односи со јавност.
Митилинеос, Акуо, АИМ Грин Тех се останатите инвеститори за кои не беа усвоени специјалните закони, а требаше да изградат енергетски постројки во земјата. Ова може да значи дека некои од нив би можеле да продолжат со инвестициските активности во земјата, но без привилегии како државна помош и загарантиран откуп на струја.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




