Владимир Куновски: Го живеам “ Процес“ од Кафка!
Објавено во: Економија 12 Мај, 2016 08:08
Неправдата која е насочена кон мене и кон Здравко Савески е само потврда дека сме на вистинскиот пат за соборување на режимот и ми дава уште поголем поттик за ангажман- вели за Фактор, Владимир Куновски од политичката партија Левица. Тој и Савески се во домашен притвор, а се обвинети за учество во толпа што ќе стори кривично дело поради демолирањето на Народната канцеларијата на претседателот во центарот на градот.
Експресно закажаното судење против двајцата обвинети за протестите од 13 април сеуште не започна, бидејќи се чека вештачење за точната штета за да може да отпочне расправата.
Куновски вели дека не е изненаден од брзината и динамиката со која се води постапката против него и Савески бидејќи имал сознанија за тоа како функционира “Бермудскиот триаголник” МВРО- ОЈО- Суд , каде според него секојдневно исчезнува правдата.
“Стравот кој постои кај владеачките гарнитури од #Протестирам и од партијата која произлезе од тоа движење, Левица е огромен. Ова е само начин да ги уплашат протестантите, но има контра ефект. Чувството е како во делото “Процес“ на Кафка, кое неможев да го сфатам во целост како средношколец, a сега го доживеав во вистинскиот живот. Но ако е тоа цената која треба да ја платам за да се сруши овој режим, спремен сум да ја платам”-дециден е Куновски.
За себе вели дека е само обичен граѓанин,сопруг и татко на две малолетни деца, чесен и морално одговорен граѓанин кој досега никогаш не бил осудуван, ниту пак направил кривично дело. Горд е што секогаш сам се борел низ животот. Ниту барал работа од некого, ниту одработува за некого. Вели од 1999 година работи во семејни фирми, со искуство во градежниот сектор и хотелиерството. На партијата Левица и се приклучил од самиот почеток и е активен член во изготвувањето на дел од изборната програма, бидејќи како што вели е длабоко засегнат од актуелните случувања.
Преку антивладините протести кои траат неколку недели смета дека е испратена порака дека нема отстапување од барањата, се додека политичарите осомничени за криминал не седнат на обвинителна клупа.
“Во последните 25 години никој од политичкото водство во Македонија нема превземено лична одговорност за своите дела, макар таа била и морална. Секогаш се кријат зад народот, амнестирајќи ја сoпствената одговорност. Сетете се само на изјавите : “Народот ќе одлучи” или “Народот е во право и кога греши”. Сега на сите им е јасно дека слободноумните граѓани излезени на улица да го изразат своето незадоволство, се најголемата политичка моќ во Македонија, а форматот на средби на четирите најголеми партии го изгуби своето значење Овој пат сите се решени да одат до крај, со намера да се најдат вистинските злосторници на криминалните дела, посебно за случаите Мартин Нешковски, Смиљковско Езеро, Никола Младенов, Диво насеље и Коста Крпач”-потенцира Куновски.
Шарената револуцијата според него е разнобојна само однадвор, а одвнатре вели е Граѓанската еволуција, каде “Ние народот” го заменивме со “Јас граѓанинот”, со превземање на лична одговорност, која отсуствува кај политичарите. Токму затоа вели #Протестирам е во прво лице еднина. Клучната разлика денеска, потенцира Куновски е меѓу обичните смртници и самопрогласените “безгрешни богови”.
“Борбата е повеќе внатрешна, лична, отколку меѓугрупна. За сите кои се одважија и протестираат таа борба е одамна добиена. Останатите сеуште си го поставуваат прашањето: Дали да размислувам според моите ставови или ќе чекам лидерот на партијата да ми соопшти? Во моментот најголемиот јаз е помеѓу обичните граѓани и криминал- политичарите”- смета членот на Левица.
Контрапротестите и пораките за избори по секоја цена вели се само уште еден доказ дека режимот е уплашен и дека во недостиг на реални шанси за свој опстанок, посегнува по такви мерки. 5-ти јуни за Куновски е само датум на кој ќе се самоукине актуелното политичко и општествено уредување на Македонија и ќе се отвори можност за ставање на здрави темели за нова, граѓанска земја со функционален правен и праведен социјален систем.
“Заради тоа сум оптимист за одржување на избори на тој датум и ја поддржувам ДПМНЕ да излезе сама на избори, на кои ќе биде јавно и правно делегитимирана. Воедно тоа ќе биде последното нешто од низата на нелегални дејства што таа партија веќе ги направи. И обичните членови на ДМПНЕ се свесни за неодбранливоста на криминалите на врвот на партијата и нивната поддршка за контрапротестите секојдневно опаѓа. Ако има нешто добро, тоа е дека уште еднаш со име и презиме се избламираа куририте на таквите смешни закани. Во моментов полека се раздвојува криминалното јадро на партијата од обичните членови на владеачките партии, и за скоро време ќе биде оссамено”-нагласува Куновски.
Незадоволството на обичните граѓани според него треба да се преточи во размислување за нов политички концепт на Македонија во кој ќе се нагласи граѓанската контрола врз политичките партии и врз општествените фунции. Исполнување на барањата на граѓанското движење #Протестирам како што вели ќе доведат до можност конечно во Македонија да има владеење на правото.
“Штом тие услови се исполнат, преодната влада би требало да ја врати државата во нормален колосек. Потоа секако би следеле слободни избори, на кои ќе се избере политичката иднина на Македонија. Во таков амбиент би требало да се редефинира политичкиот систем на Македонија според условите и барањата на граѓаните т.е. прогласување на нова, граѓанска Р. Македонија, бидејќи транзициската Р. Македонија е веќе мртва”-порачува Куновски.
Следното рочиште за Куновски и Савески е закажано за 19-ти мај кога е предвидено да се направи увид во предметот, односно заедно со обвинетите да се погледнат двете цедиња со снимки од протестите кои обвинителството ги предлага како доказ.
Според полицискиот извештај Савески одговара дека за време на протестот кога беше демолирана канцеларијата запалил фотографија од претседателот Ѓорѓе Иванов и фрлал со предмет кон Народната Канцеларија, а Куновски кривичното дело го извршил на тој начин што, преку искршениот прозор исфрлал неколку столчиња надвор од канцеларијата.
С.Б.
Можеби ќе ве интересира
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година




