14 Мај, 2024
0.0308

Влијанието на пиратеријата и фалсификуваните производи врз економскиот развој

Објавено во: Колумни 05 Март, 2014

Добивај вести на Viber

И покрај тоа што обичните луѓе под поимот пиратерија ги перципираат сите производи или услуги кои од различни причини се нашле од другата страна на законот, сепак во научната и стручната јавност се прави разлика помеѓу пиратерија и фалсификувани производи. Како што кажува самото име, фалсификувани производи се оние кои претставуваат копија на оригиналот и кои не ги исполнуваат потребните здравствени, безбедносни или квалитативни стандарди. Од друга страна, под поимот пиратерија се подразбира бесправна репродукција на филмови, музика, книги и други дела кои подлежат на авторски права.

          Пиратеријата и фалсификуваните производи претставуваат глобален феномен кој достигнува загрижувачки размери. Според податоците на Меѓународната трговска комора, овој феномен „исцедува“ илјада милијарди долари од глобалната економија и доведува до губење на 2,5 милиони работни места. Милиони потрошувачи ширум светот се изложени на ризикот од употреба на фалсификувани производи, како и услуги за кои не се платени авторски права, додека износот на неплатени даноци на глобално ниво достигнува стотици милијарди долари. Само за илустрација, обемот на пиратеријата и фалсификуваните производи во светот е поголем од бруто домашниот производ на повеќе од 150 национални економии. Зошто луѓето (и сиромашните и богатите) се одлучуваат да влезат во светот на пиратеријата и фалсификуваните производи? Дали се во прашање пари, незнаење или нешто трето? Одговор на овие прашања можеме да добиеме во една од анализите на ОЕЦД која пазарот на пиратерија и фалсификувани производи го дели на примарен и секундарен пазар. На примарниот пазар потрошувачите се изманипулирани од цената или одредени својства на производот или услугата, па купуваат пиратски или фалсификувани производи и услуги по цена на оригиналните. Всушност, тие потрошувачи веруваат дека купиле оригинал. Од друга страна, на секундарниот пазар потрошувачите знаат дека станува збор за пиратерија или фалсификувани производи, но поради ограничената куповна моќ, свесно влегуваат во светот на сивата економија. Постојат повеќе причини за експанзијата на пиратеријата и фалсификуваните производи. Меѓу најзначајните причини би можеле да се наведат атрактивноста на одредени производи или услуги, можноста тие да се набават по ниски цени, можноста да се копира или репродуцира одреден производ или услуга со минимални трошоци, развојот на нови форми на маркетинг кои пиратските и фалсификуваните производи и услуги ги прават познати и прифатливи за потрошувачите, енормниот раст на меѓународната трговија и сл.   Горе наведената експанзија на пиратеријата и фалсификуваните производи креира повеќе проблеми. Оваа појава ги стимулира криминалните активности во форма на корупција, даночна евазија, перење пари итн. Доаѓа до забавување на економскиот раст во целина, а помалите национални економии во целост стануваат зависни од производството и прометот на пиратски и фалсификувани производи или услуги. Обемот на продажба (а индиректно, и обемот на производство) на оригиналните производи или услуги опаѓа, нивните цени се намалуваат, опаѓа вредноста на одредени марки, а се зголемува репутацискиот ризик за нивниот производител. Имајќи во предвид дека копиите и фалсификатите најчесто не ги исполнуваат пропишаните стандарди, а негативните последици по безбедноста и здравјето на потрошувачите можат да бидат несогледиви, јасно е дека секоја таква негативна последица ќе биде поврзана не со оној што прави копии и фалсификати, туку со производителот на оригинали. Во оваа категорија посебно место зазема пиратеријата на филмови, музика или книги. Современата технологија, а посебно интернетот, ги прави лесно достапни најновите филмски, музички или литературни остварувања по многу ниски трошоци. Можеби на дел од потрошувачите тоа ќе им изгледа привлечно, но неплаќањето на авторските права во крајна инстанца може да доведе до економски колапс на авторите на тие дела. А ако авторите на добрите филмови, музика или книги пропаднат заради интересите на оние кои бесправно се занимаваат со репродукција или дистрибуција на нивните дела, оправдано се поставува прашањето што ќе гледаме, слушаме или читаме утре? И со каков квалитет ќе бидат тие дела? д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка