19 Декември, 2025
0.0175

ВМРО ДПМНЕ кандидира градоначалници, мртва тишина во опозицијата, политичка бура во воздухот!

Објавено во: 16 Февруари, 2013 15:44

Добивај вести на Viber

И додека владејачката партија веќе на големо се подготвува за претстојните локални избори денес владее невообичаен молк за евентуалната можност за учество на опозицијата на изборите. Вечерва истекувa рокот кога треба да се предадат кандидатските листи, а ставот на СДСМ се уште е непроменет. Доколку не се одложат изборите за еден месец, тие ќе ги бојкотираат. Тоа ја прави неизвесна политичката ситуација, која се чини влегува во нова фаза. Неучеството на СДСМ ќе доведе до нова политичка нестабилност во и онака зовриената атмосфера. Според извори на Фактор, денеска се прават последните обиди за можноста за деблокада на политичкиот дијалог, кој замре по декемвриските настани кога пред гласањето за буџетот опозицијата беше исфрлена од собранието, а буџетот изгласан без нејзино присуство. Централниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ вчера ги утврди имињата на следните девет кандидати за градоначалници од редовите на  ВМРО-ДПМНЕ за престојните локални избори. Велес – Славчо Чадиев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Велес, Штип – Илчо Захариев, Директор на Биро за лекови, Кавадарци – Александар Панов, досегашен градоначалник, Свети Николе – Зоран Тасев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Свети Николе, Струга – Владо Кочовски, специјалист хирург, Делчево – Дарко Шехтански, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Делчево, Чешиново-Облешево – Костадин Личков, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Чешиново-Облешево, Богданци – Анастасија Олумчева од партијата Демократски Сојуз, Старо Нагоричане – Милован Стојковски од Демократска Партија на Србите во Македонија. Вчера СДСМ побара, а ВМРО ДПМНЕ одби одложување на локалните избори. Порача дека е возможно да се одложи само рокот за кандидатските листи за неколку дена, и му даде време на Црвенковски за одговор до вчера до 19 часот. Тоа, беше одбиено од опозицијата, со што широко се отворија вратите за бојкот на изборите. Веќе е извесно, дека ако се оствари оваа разврска на политичката сцена земјата ќе ја изгуби препораката за членство во Европската унија, што дополнително ќе ги ослабне позициите на земјата пред странските инвеститори, но и ќе ја зголеми внатрешната неизвесност кај домашните бизнисмени. Р.Ф.