26 Ноември, 2024
0.0243

Во Давос сопствените пред глобалните интереси

Објавено во: Колумни 28 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Иако  слоганот на Светскиот економски форум, кој се одржува секоја година во Давос е „унапредување на состојбата во светот“, денешната состојба не го докажува неговото делување во таа насока. Таму и оваа година се расправаше за клучните проблеми во развиениот свет, но како да се само тие проблеми на глобалниот свет. А светот веќе се судрува со бројни проблеми. Светската економија сеуште силно ги чувствува последиците од  најголемата финансиска и економска криза по Втората светска војна, а Светскиот економски форум и оваа година не најде сили, во истовреме, јасно да укаже на вистинските причини на глобалната криза и, врз таа основа, на потребата од изнаоѓање на глобални решенија за глобалните проблеми. И покрај тоа што во повеќе наврати е констатирано дека на „капитализмот во сегашната форма повеќе му нема место во денешниот свет“, во расправите на собирот, на кој присуствуваат неколку илјади учесници (бизнисмени, политичари, професори, новинари), доминираат теми како да се надминат тековните економски проблеми во развиените економии од каде што почна кризата, а притоа да се одржат постојните структури и односи и во одделни земји и во меѓународните односи. Се оправдуваат дури и мерки и активности за остварување на таквата цел кои во себе содржат никулци на идни поостри кризи ( печатење на пари во огромни количини). За жал барањата за потемелни реформи во меѓународниот монетарен и финансиски систем никако да се најдат на дневен ред. Тоа што за некои од нив некој и ќе проговори на Собирот само ги подгрева очекувањата дека и тие реформи ќе дојдат на ред. Но, не треба да се има илузии. Тие се потиснуваа во преткризните децении како непотребни, поради успехот во развојот преку намерното интензивирање на процесот на глобализација, а сега кога ги трпиме негативните последици од таквата економска политика , приоритет има надминувањето на  тековните проблеми (излез од рецесијата, намалување на невработеноста, падот на стандардот ). Очигледно е дека нема волја за создавање  на нов меѓународен систем кој ќе генерира рамноправни односи меѓу националните економии, дури ниту во ситуација кога е неспорно дека трајното излегување од кризата зависи од изведувањето на споменатите реформи. Веќе не може да се заобиколува дека глобалното стопанство не може да функционира ефикасно со национални валути во функција на светски пари, вклучувајќи ги и парите како светска резерва. На изминатите собири во Давос, и покрај покренувањето на други бројни и разновидни теми, се искристализира оправдување на концептот за излез од рецесијата на економијата на САД преку огромни фискални стимулации и печатење на долари без преседан во историјата на централната банка на САД. На минатогодишниот собир се изврши критика  на политиката на штедење во еврозоната како претпоставка за надминување на должничката криза. Потоа следеше своевиден притисок да се напушти таквата политика и да се прифати и спроведе проактивна улога на Европската централна банка, слична на политиката на централната банка на САД. Откако тоа се случи, а еврото зајакна, на годинешниот собир во Давос се предупредува Европа да не ги намалува напорите, бидејќи опасноста од повторно запаѓање во криза не е помината. Од ваквата разврска на судирот на концепти меѓу САД и ЕУ може да се очекува само продолжување на впумпување на огромни количини на долари (секој месец по 85 милијарди долари) и евра во националните економии и во светското стопанство, со оглед на тоа што тие се резервни валути. САД ќе настојуваат да ја намалат невработеноста на ниво од 6,5%, а ЕУ да ги зајакнат економиите во еврозоната со огромна поддршка на банките од страна на централната банка, прикривајќи ги слабостите на националните и на глобалниот систем. Малку е веројатно дека  додека не се остварат намерите ќе се води сметка за ставот на канцеларката Меркел дека централните банки не се во можност да ги покриваат макроекономските слабости за сите времиња. Моментално, како поефикасно се чини потпирањето на печатењето на пари. Но, прашање е дали ќе престане. Тоа им стана примамливо и на Јапонците. И тие најавуваат релаксирана монетарна политика за да ја надминат повеќегодишната економска депресија. Всушност, како да се исплашија дека печатењето на долари и евра уште повеќе ќе ги намали нивните интервалутарни вредности спрема јенот, а тоа не им одговара на јапонските извозници и на Јапонија, чиј суфицит на тековната сметка од платниот биланс се сведе на само 1% од БДП од 7% пред повеќе години. Се надвиснува опасност од примена на релаксирана на монетарната политика и во повеќе други земји. Се‘ почести се и предупредувањата од можен почеток на „валутни војни“ и бран на поставување на пречки на токовите на стоки и услуги. А тоа не се текови кои можат да ја унапредуваат  глобалната економија. Напротив, можат само да ја деградираат. Евроатланскиот свет веќе треба да сфати дека е само дел од глобалниот свет.  Помина времето кога во решавањето на неговите проблеми се гледаше спас и за останатиот дел од светот. Денеска веќе не е така, бидејќи со примена на мерките за заздравување на националните стопанства на САД и ЕУ се загрозуваат други национални стопанства, а со тоа и процесите на глобализација. Заострените противречности не можат да  се ублажуваат, а уште помалку да се надминуваат со апели да се  пружи помош на сиромашните, како што заврши годинешниот собир во Давос. Треба да се воспостават услови во кои секоја економија ќе ја подобрува својата материјална и финансиска позиција преку зголемување на успешноста во стопанисувањето, а не врз основа на привилегии и манипулации. Д-р Крсте Шајнoски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.