04 Мај, 2024
0.0237

Во демократски системи затворите ги примаат и моќниците што се огрешиле

Објавено во: Колумни 14 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Демократијата е важен лост во развојот на земјата и не смее да се узурпира од никого, со било каква функција. Узурпаторите и криминогените  поединци и групи мора да сносат одговорност.  Тоа важи и за врхушката на власт ако се најде во тоа „поле на дејствување“. Од тоа,  не може да ја спаси ниту самозамислената улога на спасители на земјата, особено кога таа е доведена во прашање со бројни нерегуларности и незаконитости во нивното работење. Барем додека не се „отчитаат“ во јавноста. А тоа не се прави со избегнување  јавно да се соочат со неа.  Што подолго се кријат  се‘ повеќе се демаскира нивниот лик и дело. Бројот на приврзеници  кои го оправдуваа премиерот  кога не поднесе оставка, како чин на морално политичка одговорност по избувнувањето на скандалот со незаконското  прислушување на илјадници граѓани, се’ повеќе се намалува.  Од прислушуваните ленти јасно можеше да се чуе  дека во суштина „преродбата“ е сериозен параван за прикривање на незамисливи, нечовечки, незаконски постапки и однесувања инспирирани од приземни  поединечни и групни интереси на врхушката на власт. Не беа малку тие што, и покрај слушнатото,  веруваа  дека лидерот е „наместен“затоа што добрините што ги прави и што ги гледаат по телевизиите, може да бидат дело  само на чесен човек (реализира безброј проекти, вработува, привлекува странски инвестиции). Едвам чекаа момент кога тој ќе ги отфрли сите сомневања во неговото „чесно и посветено“ работење.  Шансата ја  видоа во  остварувањето на Пржинскиот договор. Но, за кратко.  Во опструкциите  за негова имплементација, особено при формирањето на Анкетната комисија и досегашните опструкции во нејзиното работење, и непоправливите „верници“  во делото на Груевски се вџашија кога неговите соработници, секако со негово знаење, по секоја цена настојуваа да се одложи утврдувањето на политичката одговорност. Посебно ги збуни инсистирањето, сведочењата директно да не се пренесуваат за јавноста. Се крстат во јавноста, а не сакаат да се соочат со неа. Дури ни да ја убедат дека се „невини“. Тука, „верниците“ почнаа да ја губат вербата во невиноста на лидерот.  Очекуваа сведочењето  да се оствари што побрзо, а не да се оневозможува расчистувањето на оптужбите. За секого, па и за неговите досегашни приврзеници, само „чист“ човек  нема што да крие. Тој, ако е навистина чист, лесно би ја докажал својата невиност за настаните со кои земјата влезе и во безбедносна криза. А тоа што   избегнува да сведочи, само ги зголемува сомневањата  за неговата „улога и дело“ во настаните во последните неколку години, кои секако (поради деценискиот „лет во место“) ќе се најдат во учебниците и ќе се изучуваат во историјата на Македонија. Да се надеваме дека на датумот што самиот го предложи, премиерот, сепак, ќе се појави пред Анкетната и ќе  го објасни своето видување на настаните и неговиот удел во нив. А ако повторно не се појави на сведочење, тогаш само луди  ќе веруваат дека не е виновен за ништо. Дури и да се појави, многу ќе биде важно со какви аргументи ќе се обиде да ја симне или намали сопствената одговорност. Симнувањето на одговорноста скоро е невозможно ако автентичноста не се оспори, а веќе за одредени снимки меѓународно признати лабаратории потврдија дека дилеми за автентичнот на снимките не треба да има. Евентуалниот обид одговорноста да се намали, претпоставува одговорноста да се подели со најблиските соработници. Тука е друго прашањето, ќе има ли доблест праведно да ја распредели, вклучувајќи го и својот дел? Интересно е како премиерот замислува и натаму да ја води земјата ако не одговори, како најодговорен за состојбите во земјата, како му се случи толку масовно нарушување на човековите права со прислушувањето на илјадници граѓани во подолг временски период? Нема да е отповеќе ако раскаже како беше можно, во одбраната од критиките, да истапува со контрадикторни ставови   за снимените разговори и за нивната содржина. Што е вистината за „џабалак плацевите“? Дали не се срами да нарачува инсценирани протести во општина Центар и притоа некој „силеџија“ да му врзе неколку шлаканици на Жерновски? Може ли да се носи со сомневањата околу кинеските провизии при задолжувањето со кредит за изградба на автопатишта?  Греши ли министерот за финансии кога огорчено и разочарано зборува за расипничкото трошење на буџетските средства (се троши за чоколади, а се нема за леб)? Може ли да се амнестира од одговорноста за ставањето на МВР во функција на изборен штаб на неговата партија; за спектакуларното апсење на Љубе Бошковски; за насилното, арогантно и неодговорно однесување на неговите најблиски соработници; за партизираните медиуми и судство? итн. Што ќе се случува тешко е да се прогнозира. Опиеноста од власта, упатува на можноста Анкетната да се опструира и натаму, а дел од јавноста да се „влече за нос“ со тоа дека „театарот“, како што некои од приврзениците на премиерот го нарекуваат сведочењето, го подготвиле здружените „надворешни и внатрешни непријатели“  за да ја „обезглават“ и уништат земјата. Не им е важно што тоа е очигледна лага, бидејќи и самиот тој, со Пржинскиот договор, се определи земјата дефинитивно да ја приближи кон „надворешните непријатели“. Меѓутоа, проблем му е што таквата определба не може да ја реализира по свој ќеф, туку според европски стандарди. А според нив,  во демократските земји не смее да има толку моќни  што заради неморално, нерегуларно и незаконито работење не можат да се најдат во затвор. Впрочем и тоа е една од придобивките на демократските системи за разлика од диктатурите, сите без разлика на моќта, доколку „заслужат“ да бидат испратени на отслужување на „заслуженото“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина