26 Април, 2024
0.0271

Во каква Македонија сакаме да живееме?

Објавено во: Колумни 03 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Просперитет, благодет, успех, напредок, развој на секое поле, убост, среќа и бериќет-најчестите зборови кои ги слушаме деновиве, а поводот се желбите на граѓаните за Новата 2014-та кој полека навјаса во нашите животи. Актуелноста на новогодишните празници и новогодишната треска, која во секој поглед ја растреперува нацијата, се неминовна слика овие денови на секој наш медиум, посебно кога станува збор за информативните емисии во кои посебен декор се честитките и желбите на македонските граѓани за новата година. Она што е исто така интересно, а е поврзано со визионерските погледи на македонскиот граѓанин е позитивната конотција за годината која следи. Имено, секој добронамерник кој е дел од некоја анкета, чија поента е желбите и очекувањата на граѓаните за иднината и годината која доаѓа , го искажува оптимистичкото аспект и став во однос на годината која ја испраќаме. Најчестите одговори на прашањето кое е можеби клише но неминовно е да се постави-какви се вашите очекувња за 2014-се следниве:подобра од минатата, попросперитетна, да се реализира она што не успеало да се оствари во годината која изминала, индивидуален успех и личен бенефит, среќа и радост и секако индивидуални реализирања и остварувања. Навистина е доблесно денес, во ова време-невреме да го истакнувате колективистичкиот дискурс Но она што деновиве ги раздвижи моите мозочни ќелии, кои секако се помалку опуштени за време на празнични веселби се размислите околу едно прашање кое е навидум толку едноставно, а всушност во себе вткајува еден посуптилен социолошки дискурс - Во каква Македонија би сакале да живеете? Размислите на граѓаните во најголема мера беа слични, бидејќи сите се движеа во рамките на едноставни и повторливи одговори, кои беа насочени кон давање на епитети и симплифициран опис на желбата за подобра иднина. Но она што ме натера на мисла и размисла беа одговорите на неколку млади луѓе, кои по вокабуларот и елоквенцијата делуваа дека се дел од авангардната млада македонска интелектуална елита и кои ја поставија дилемата на едно повисоко рамниште. Она што би можела накусо да го интерпретирам, како нивни поимања е следново: првенствено секој оној кој е вистински родољуб и посакува прогрес и чекор напред на својата земја и во тој контекст дефинитивно посакуван одговор би бил дека сакаме да живееме во држава во која ќе има просперитет во секоја општествена сфера, држава во која економијата ќе биде столбот, базата и основата на која ќе се надградуваат културата, здравството, образованието, правото. Желбите нивни беа насочени кон иднината, неколку пати потенцирајќи дека не треба да се навраќаме кон минатото, туку треба да ја живееме сегашноста и да мислиме на иднината. Она што посебно ме фасцинираше е ентузијазмот со кој говореа, на моменти саркастично, на моменти метафорично, но ја допреа суштината на човекововото битисување - секој добронамерник и патриот треба да се сврти првенствено кон себе си и да се запраша што тој може да направи за државата, дека секој треба да ги искористи сопствените компетенции и да биде продуктивен на полето на кое твори и она што е најважно индивидуалните интереси да се стават позади колективните. Навистина е доблесно денес, во ова време-невреме да го истакнувате колективистичкиот дискурс и да потенцирате дека политичките аспирации треба да се заменат со индивидуални компетенции бидејќи само тоа е гарантот за успех и ако секој така размислува тогаш ќе  се оствари и замислата за живеење во држава која по сите аспекти ќе ги вткајува правилата и желбите на индивидуите и ќе го одржува демократскиот и граѓански хабитус. Ништо не е невозможно, но само ако се сака и ако се има желба за напредок на државата Можеби утопистички ќе звучи но и мојата желба е да живеам во просперитетна, демократска, граѓански ориентирана, економски силна и стабилна и културно, образовно, здравствено и правно развиена и оплотена држава. Можеби најпрво фокусот треба да се стави на сегашноста која не опкружува и која треба реално добро да се истражи и да се направи национална стратегија за развој на секоја општествена сфера. Ништо не е невозможно, но само ако се сака и ако се има желба за напредок на државата. Она што и јас ќе го потенцирам е дека треба да се надминат партиските интереси и индивидуалните суети и еднаш засекогаш да се мисли за општото добро. Секој кој вистински ја љуби државата треба да се вклучи, со своите потенцијали и да придонесе за нејзин напредок, но и политичките елити кои ја водат треба да ги вклучат сите признати и познати лица, од научната и интелектуална елита, без оглед на нивната идеолошка определба, да помогнат и да предложат соодветни солуции со помош на кои ќе се направи позитивна промена во одреден општествен сегмент. Ќе живееме во силна и просперитетна држава, која сите-без оглед на нација, раса, религија, ја посакуваме тогаш кога егоизмот и индивидуализмот ќе се заменат со алтруизам и космополитизам, кога себичноста ќе биде избришана од вредносниот кодекс на луѓето, кога патриотизмот ќе стане вистинска вредност, а не само сентенца која се говори а малку се практицира, кога сопствените потреби и желби нема исклучиво да доминираат и ќе се почитуваат државничките потреби, интереси и желби, бидејќи патриотизмот не се кажува-тој на дело се покажува и докажува. Во духот на позитивниот пристап и во склад со моите искрени желби за просперитетна држава од срце ќе воскликнам СРЕЌНА И БЕРИЌЕТНА 2014 НА СЕКОЈ ГРАЃАНИН И ОД УБОСТ ДА НЕ КУРТУЛИТЕ. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД