05 Декември, 2025
0.0296

Во очекување на 8 август – „Театарот „Трамп-Медведев“

Објавено во: Колумни 04 Август, 2025 08:36

Добивај вести на Viber

Во Киев се подготвуваат за нова средба за преговори со Русија. Така барем соопшти претседателот на Украина, Владимир Зеленски, по вчерашната средба со секретарот на Советот за национална безбедност, до недамна министер за одбрана, Рустам Умеров и раководителот на претседателовата канцеларија, Андреј Јермак. „ Го опсудивме текот на преговорите, а конкретно исполнувањето на договорите од средбите со руската страна во Истанбул и подготовката на нова средба“, напиша  Зеленски. Умеров имал разговори со руски претставници. Јермак, пак, реферирал за контактите со Американците.

Од САД, пак, вчера, заменикот спикер на Стејт департментот, Мињон Хјустон, со изјава дека„...Оваа администрација не се стреми кон брзо решение. Таа сака да постигне долгорочен, стабилен мир во регионот“. Исто така дека е неопходно „да се постигне сеопфатен безусловен прекин на огнот, кој ќе доведе до мирно решение“. „САД разбираат, а тоа претседателот јасно го даде до знаење, дека за постигнување на таа цел неопходно е да продолжат директните преговори, како оние, кои се водеа во Истанбул“, додаде Хјустон. Белиот дом ја поддржува согласноста на Киев за прекин на огнот. „Ние имаме намера и натаму да стоиме рамо до рамо со Украина, бидејќи  таа повикува кон сеопфатен, целосен прекин на огнот, кој ќе ги прекине било кои удари врз мирното население и критично важната инфраструктура“, нагласи Хјустон. Според  Стејтдепартментот, „двете страни, можеби, ќе треба да донесат решенија, за кои се подготвени и способни да ги донесат заради мирот, безбедноста и на благо на сите граѓани“.

Што да се каже по ова, ако се има предвид дека на 8 август истекува ултиматумот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за договор за прекин на огнот, по што се закани со нови санкции. Тој милува да зборува за санкции. На Русија прво и даде рок од 50 денови за договор со Украина за прекин на огнот, а потоа го намали тој рок на десет денови и се закани дека ќе воведе царини и други мерки против Русија, ако нема прогрес во прекин на војната во Украина. И во СБ на ОН американскиот претставник, Џон Кели, соопшти дека Русија и Украина треба да се договорат за прекин на огнот и траен мир. Ако не се договорат до 8 август, како што најави Тамп, САД ќе преземат дополнителни мерки за обезбедување мир.

„МРТВА РАКА“

И тука започна драмата „Трамп-Медведев“. Во одговор на новиот ултиматум на Трамп, поранешниот руски претседател, а сега втор човек во Советот за национална безбедност, Димитриј Медведев, напиша во Х дека Трамп „си игра со Русија“ и предупреди дека секој нов ултиматум е закана и „чекор кон војна“. Се разбира со САД. Тој додаде дека Русија не е Израел, ниту Иран. Во минатиот четврток Трамп се вклучи во полемика со Медведев.  Го нарече „неуспешен претседател“,  дека влегува „на опасна територија“, да „води сметка за своите зборови“, а руската и индиската економии дека се мртви. Медведев не чекаше долго. Па одговори дека ако некои од неговите зборови „предизвикуваат таква нервозна реакција кај опасниот претседател на САД“,  тогаш Русија е во право во сè и ќе продолжи да го следи својот пат. „Што се однесува до „мртвата економија“ на Индија и Русија и „влегувањето во опасна територија“ - па, нека се сети на своите омилени филмови за „„зомбите“ од серијата Talking Dead“, а исто така и колку опасна може да биде „мртвата рака“ што не постои во природата“, додаде поранешниот претседател. „Мртва рака“ (Dead Hand ) е распространетото на Запад име на рускиот систем „Периметар“. Тоа е средства за автоматско лансирање на нуклеарен удар како одговор на уништување на руското раководство, командните центри и штабовите на нуклеарните сили. Само еден ден потоа Трамп соопшти дека „две атомски подморници се преместени“, најверојатно поблизу до Русија. Според него наредбата за тоа била дадена во случај искажувањата на Медведев  „да не се само зборови“. И да се заштитат Американците од руските закани. Трамп напиша дека „Зборовите имаат големо значење и често  доведуваат до непредвидливи последици. Се надевам дека овој пат до тоа нема да дојде“. И тука заврши глаголивата драма со две лица.

Не знам кој го советувал Трамп да влезе во полемика со Медведев. Едноставно не му е нивото. Но, тоа зборува и за карактерот на американскиот претседател. Самобендисаноста и потребата тој да го каже последниот збор. Иако го навредуваше поранешниот руски претседател, Трамп со полемиката му даде значење, кое го нема ниту дома. Иако е втор човек во СБ. Чиновник. Тој се јавува по потреба и важи за јастреб, но се чини по нарачка. Наспроти него официјален Кремљ реагираше со изјава дека „го примаат до знаење“ времето кое го даде Трамп во очекување на руска активност за воспоставување мир во Украина. Со коментар дека Москва „ е заинтересирана за мирно решавање на конфликтот“. И дека „би сакале да избегнат какви било оценки“ за ултиматумот од Трамп. Русија ќе ја продолжи војната „ за заштита на своите интереси“, без оглед на изјавите на американскиот претседател.

ТРАЕН МИР

Официјален Кремљ, преку устата на портпаролот, Димитриј Песков, немаше коментари на потезите на Трамп. И рускиот претседател , Владимир Путин, долго молчеше за нив. Но во петокот, иако не го спомена Трамп и неговото разочарување од Путин, тој изјави дека „сите разочарувања произлегуваат од претерани очекувања“.  И дека „за да се дојде до решавање на прашањата по мирен пат, потребно е да се водат разговори, не пред публика, туку да се прави спокојно, во тишината на преговарачкиот процес“. И дека за такво нешто е предложено да се формираат три работни групи за разни теми. Украинската реакција на овој предлог, според Путин, била позитивна. И сега се чека тој процес да започне. А што се однесува до условите за примирје, Путин повтори дека најглавно е да се искоренат првобитните причини за кризата. Под тоа тој подразбира, не за НАТО за Украина, почитување на состојбата на теренот, прашањата за безбедноста на Русија и на Украина, во контекст на европската безбедност. Исто така и почитување на рускиот јазик во Украина, независност и достојни услови за развој на Православната црква. Сето тоа да биде разгледано и да биде ставено во основата на долг мир, без какви да било временски ограничувања. Траен мир.

Нуклеарното оружје по почетокот на војната во Украина беше често пати споменувано. Се чини тоа беше и главната сопирачка за уште поголема поддршка на Западот на Украина. Сигурно и сега нема да се употреби. По најавените санкции од Трамп за Русија. Таа досега добро се справуваше со нив. И европските и американските. На Трамп му е јасно дека Русија ќе се потруди да ги одбегне последиците од санкциите. За него Путин е „цврст орев“. До воведувањето на саанкциите, можеби Трамп очекува резултат од посетата на неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, на Москва. Трамп посетата ја најави за овој викенд, но Виткоф не дојде, иако беше најавено дека ќе дојде по посетата на Израел и Газа. Очигледно Виткоф е викнат во Вашингтон. Па сега во Москва треба да дојде во среда или во четврток, на ден пред истекот на ултиматумот од Трамп.

Што може да донес Виткоф? Можеби ќе се обиде да ја уценува Русија, како што прави Западот со некои држави. Како што беше на пример со СР Југославија, или пред некој ден со Зеленски и Украина околу независноста на антикорупциските органи. Но Виткоф не е личноста која што може да уценува. Тој може само да биде поштар. И да му даде некое писмо-порака од Трамп на Путин. Па да го пренесе во Вашингтон рускиот одговор. Трамп во вчерашната најава за посетата на Виткоф на Москва повтори дека, ако таа не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, тој ќе воведе санкции. „Санкции ќе има, но тие, се чини доволно добро умеат да ги заобиколуваат. Тие се итри личности, па да видиме што ќе биде“. Посетата на Виткоф можеби дава некој позитивен сигнал. Но секако од неа не треба да се гаат некакви илузии. Таа посета можеби е знак дека САД имаат желба да се договараат, но во моментов не може да се очекува некаков напредок околу Украина.

СИТЕ ЗА ПРЕГОВОРИ

Кога Трамп вели дека Русите се махери за заобиколување на санкциите, како да се добива впечаток дека тој да е пишман од најавите на санкциите кон Русија и посебно вторичните царини, кон државите што тргуваат со неа.  Зеленски зборува за нови преговори, од Стејтдепартментот ги поздравуваат договорите, Русија е за продолжување на преговорите. На Украина тоа и одговара бидејќи пред Западот покажува дека таа е за преговори, а наводно Русија е против и поради тоа треба да и се воведуваат санкции, а на Украина да и се дава оружје. На Американците исто така, бидејќи тие се некаков чадор под кој се водат преговорите. На Русите, пак, продолжувањето на преговорите им го дава потребното време за продолжување на воените дејства.  Значи сите се за преговори. А работите не одат напред. Не во онаа смисла за да дојде до прекин на борбите. Има мали придвижувања околу размената на заробеници, цивилни лица, враќање на телата на загинати војници. Но тоа е сосема малку.  

Во вакви услови треба да ги очекуваме санкциите на Трамп. Ако за Русија се’ е јасно, ќе биде интересно дали САД ќе воведат царини од 100 проценти за државите кои што тргуваат со неа. Кина уште пред некој ден ги „откачи“ Американците. Кинезите се јасни. Тие сакаат да си го чуваат својот енергетски суверенитет. И нема да се откажат од руска и од иранска нафта. САД воведе санкции кон Иран.  Се чини дека Кина е подготвена за царини од 100 проценти, но Америка, доколку ги воведе, ќе мора да се врати на старо, како што беше и со првичните зарини од Трамп за Кина од 145 проценти. По нив Кина подготви противудар за САД и тие ги намалија царините. Згора на ова минатата недела во Шведска, кинеска и американска делегација се договорија за продолжување на сегашните царини уште 90 денови.

Индија, пак, како, што јавуваат агенциите, продолжува да купува руска нафта. На изјавата на Трамп дека индиската економија е „мртва“, Њу Делхи одговори со откажување на најавата за купување на американски авиони Ф-35. Ова е шанса за руските СУ-57. Договорот за Ф-35 беше најавен при посетата на индискиот премиер Моди на Вашнгтон во февруари годинава. Пресметки покажуваат дека доколку се откаже од руски енергенси Индија ќе губи десетина милијарди долари годишно. Таа сега купува со дисконт големи количества нафта, ги преработува и како горива ги продава ширум светот. Заработува пари и ја држи под контрола економската состојба во земјата и инфлацијата, а со тоа и социјалниот мир. Индија сега е пред предизвик. Дали ќе стане како Кина, суверена во секој поглед или пак и натаму земја во брз развој, подложна на разни влијанија.

ВИСТИНСКА АКЦИЈА

 Бразил, кон кој САД воведоа 50 процентна царина, а кој исто има трговски односи со Русија,  не потклекна под американските притисоци. Претседателот Лула да Силва вчера соопшти дека неговата земја престанала да зависи од САД и изградила цврсти економски врски со мнозинството земји во светот. Тоа на Бразил ќе му овозможи да избегне економска криза предизвикана од американските царини. Конечно нема да и биде лесно и на Турција, но и таа има свои адути. На пример, таа дава дозвола дали американски подморници во моментов можат да влезат во Црно Море! Конвенцијата од Монтре и даваат суверенитет на Турција за пловење низ Босфор и Дарданелите.

 И така, на крајот ќе ги чекаме петок, 8 август и Доналд Трамп. Во американскиот Конгрес не беше усвоен законот за вторични санкции кон земји кои тргуваат со Русија. Па веќе има најави дека ќе биде разгледан на есен. Тоа е шанса за Трамп да се извлече од ситуацијата во која западна или пак и покрај се’, да воведе санкции. Не знаеме која ќе биде вистинската акција на Трамп. Чија вистина го води кон носењето одлуки. Тој за кратко  време од близок со Путин, стигна близок со Зеленски. Стармер, Макрон, Мерц, јастребите од Конгресот и други со нивната вистина влијаеја врз него да ги промени ставовите. Западот е за продолжување на војната. Трамп официјално не е, се’ уште. Тој, се чини, се’ уште не ја осознал вистината за Украина. Барем така се однесува.

Да му го пратиме нашиов прв министер за да му каже кој  ја „„кажува вистинската вистина“.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?