01 Декември, 2024
0.0294

Во Украина заговараат мир со Русија против Западот!

Објавено во: Колумни 25 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

И оваа Нова година ќе нема мир на фронтот меѓу Русија и Украина. Не се остварија најавите дека војната може да заврши во 2023 година. Таа ќе продолжи и догодина, а можеби и подолго. Се’ ќе зависи од тоа какви се плановите на Западот и на Русија за мир во Украина. Ова од проста причина  што Украина е само военото поле на кое се борат нејзините војници со Русија, во нејзината посредна војна со Западот. Како што стојат работите мир ќе нема, но за разлика од ланското предновогодишје овој пат засилени се изјави, најави и ставови за потребата од прекин на војната и почеток на мировни преговори.

Се разбира тоа не зависи од Украина. Иако САД постојано велат „ништо за Украина, без Украина“. Пред извесно време се виде „таткото“ на војната. Го „откри“ Давид Арахамија, лидер на фракцијата на партијата на претседателот Владимир Зеленски во парламентот. Британскиот премиер Борис Џонсон, лани во март ги „убедил“ Украинците да не го прифаќаат мировниот план договорен меѓу Русија и Украина во Истанбул. И дека најдобро е да се води војна. Нормално, зад ваквиот став стоеја и САД и Франција. Неодамна од едена руска колешка, во меѓувреме прогласена за „странски агент“ од страна на власта, чув став дека Џонсон тоа го направил од причина што беше заглавен во аферата со журките во Даунинг стрит за време на пандемијата со коронавирусот. Да се смени темата, а наместо за него да се зборува за војна. Сигурно ова не е главната причина за отфрлање на договорот. Но никој не може да убеди дека нема нотка вистина и во тоа тврдење. Па нема војна да водат Британци. Ќе гинат Украинци.

Воените жртви се катастрофални. Од разни извори може да се констатира дека и на двете страни има по над 300 илјади загинати и ранети. Само во последните битки на обете страни има десетици илјади жртви. А притоа не е постигната некоја голема воена надмоќ. Украинската летна офанзива пропадна, Русите освоија некои територии, како компензација за она што го изгубија лани во септември. Украинските генерали велат дека војната е влезена во пат ситуација. Политичарите не се согласуваат. А згора на се’ и едните и другите се жалаат дека немаат доволно оружје и друга опрема. Виновен за тоа, според нив, е Западот. Тој пак, низ устата на негови офицери тврди дека Украина била опремена со оружје колку што е потребно за контраофанзивата и дека десетици илјади украински војници биле обучени за војување со современото оружје.

НЕУСПЕШНА КОНТРАОФАНЗИВА

Но и Западот не е вреќа без дно. Колку и да сакаат сојузниците на Украина да помагаат и тие не можат да го издржат темпото со кое се троши оружјето на фронтот. Некои земи дадоа се’ од своите арсенали, па сега се жалаат дека немаат доволно оружје за сопствена одбрана. Америка која што ги поттикнуваше да го дадат оружјето на Украина, со ветување дека ќе им даде ним ново оружје, сега не може да стигне со производство да ги подмири сите барања. Не случајно Зеленски во своите изјави, кога стануваше збор за оружјето, тврдеше дека од парите наменети за Украина многу голем дел се враќаат во САД за купување оружје. И на тој начин ја помага американската воена индустрија. Истото го тврдеше и државниот секретар Блинкен, кога убедуваше дека на Украина и е потребно многу оружје, што пак од друга страна носи пари во американскиот воено индустриски комплекс.

Неуспешната контраофанзива на Украинците е повод за се почестите изјави за примирје. Прекин на борбите и преговори за мир. Во САД за тоа пишуваат либераланите медиуми, кои до вчера се залагаа за војна до пораз на Русија. Па така  New York Times, повикувајќи се на свои извори напиша дека Путин молчаливо му предлага на Западот примирје по линијата на фронтот и тоа до почетокот на изборите во Русија во март!. Други медиуми и  политичари, пак велат дека Путин не е подготвен за никакво примирје, а чувствувајќи ја својата сила ќе оди „до крај“ до „конечна победа“ над Украина, потоа би ги нападнал земјите од НАТО. Некои овие изјави ги толкуваат како дел од кампањата за побрзо решавање на западните влади да дадат пари и оружје на Украина, затоа што тој процес е блокиран, засега, и во САД и во ЕУ. 

Од овде, од пишувањето на американскиот весник,  произлегува прашањето, дали Западот и Украина се подготвени за таков приод, прекин на борбите по линијата на фронтот. Што со најавите дека Русија ќе биде избркана на границите од 1991 година, а дотогаш нема никакви преговори? За преговори на Запад зборуваат и политичари. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер, Робеерт Фицо, исто така се за итен прекин на огнот. Анкетите во Украина и надвор од неа покажуваат дека се зголемува бројот на приврзаниците на таа варијанта. 

Украинскиот претседател Зеленски неодамна изјави дека нема ништо од преговори со Русија. Тој го тера неговиот план за мир од десет точки. Очекува дека идната година ќе се одржи последниот собир на секретарите за безбедност на педесетина земји, и по заокружувањето на планот ќе се одржи и мировна лидерска конференција. Од големите сојузници на Украина никој не повикува на преговори. Сите велат дека е неопходно да се подготват за долга  и тешка војна. Но веќе денес се слуша дека и крајот на војната по сегашната линија на фронтот би бил победа за Украина! Демек и Финска во војната со СССР изгубила територии, ама си ја зачувала државноста. Многу се очекува од јануари идната година. Да се види како ќе се реши прашањето со давањето помош од САД и од Европа. Ако работите се влечкаат и натаму, тогаш тоа ќе биде знак за Украина сама да си го бара чарето. 

ДВА МАЈМУНА СО НОЖЕВИ

 На таков чекор, сопствено решение, се одлучи да понуди бившиот советник во Канцеларијата на претседателот, Алексеј Арестович. Тој, во моментов е надвор од Украина, а е еден од неколкуте сериозни кандидати за можен претседател на државата. Па така, Арестович во едно интервју ја повика Украина да се договара со Русија и да се откаже од плановите да биде дел од Западот, а исто така двете земји да упатат до судот заедничка тужба против Западот (за надомест на штетите. Авт.). Бившиот советник не гледа смисла и натаму „да се убиваат едни со други десетици илјади за две мали места“. „Зошто? Што добиваме ние од тоа, и Русија и Украина?...Ние им се допаднавме на чичковците од Бриселскиот и Вашингтонскиот обком, (алузија на регионалните партиски комитети во СССР.Авт.). Кои аплаудираат, додека два мајмуна со ножеви се убиваат еден со друг?“, изјави Арестович. Според негово мислење, сегашниот модел Украина „ историски го загубила “, и да се договара со Русија може само „нова Украина“. Путин „ќе ја притиска“ сегашна Украина и не е подготвен да сопре. Па затоа треба да му се пријде нему и да му се предложи заедничка тужба до судот против Западот. 

Тој во интервјуто се обрати и до Путин. „ Владимир Владимирович, ајде да склучиме мир. Но, ќе го склучиме на особено лукав начин: ќе поднесеме колективна тужба против Западот. Украина и Русија заедно“, изјави Арестович. Според него, Западот „не се појави“ на војната во Украина, а исто така „не ги зеде предвид“ интересите на Русија со проширувањето на НАТО. И тој повика на создавање на нов систем за колективна безбедност „земајќи ги предвид интересите на сите страни“. Интервјуто на Арестович допрва ќе биде анализирано, но сигурно е едно, доколку не мами, тој веќе не може да смета на поддршка од Западот во евентуалните политички амбиции во Украина. За разлика на поддршката што ја има кај домашната публика, која пак, се повеќе е заморена од војната. Впрочем, една ФБ анкета на пратеничката од претседателовата партија „Слуга на народот“, Марјана Безуглаја, со упатени прашања само до мажите, покажа дека дури 74 проценти од нив се подготвени да се откажат од украинското државјанство, само да не бидат мобилизирани. Овој податок не е релевантен, но многу кажува.

Вчера и генерал-мајорот на Вооружените сили на Украина, Димитриј Марченко, за „Дојче веле“ изјави дека во „Украина нема доброволци кои сакаат да одат во армија“. Па затоа, според него, претставници на територијалните мобилизациски центри се принудени да одат по станови, да загледуваат во приватниот сектор. „Ако ние не ја добиеме оваа војна, тогаш ќе немаме втора шанса“.  Пред некој ден раководителот на Главната разузнавачка управа, Кирил Буданов рече дека „сите, што сакаа, дојдоа уште во првите шест месеци“. Според него ефикасноста на принудната мобилизација е практично  нула. А во Украинското Министертсво за одбрана изјавуваа дека во секој случај ќе соберат потребно количество луѓе. Доброволно или со принуда“. Неодамна Зеленски изјави дека војската бара од него мобилизирање на 400 до 500 илјади војници!

НЕСОГЛЕДИВИ ПОСЛЕДИЦИ

Но не е само Украина во небрано. И за Русија важи дека долготрајната војна би ја истоштило. И економски и демографски, со, засега, несогледиви последици. Мнозинството испитаници во некои анкети сакаат прекин на војната со зачувување на освоените територии. Путин постојано тврди дека е подготвен за прекин на огнот и за преговори. Но никој не може да тврди дека тоа е точно. Ако проценките во војската покажат дека сегашната руска офанзива може да донесе резултати, нови територии и разбивање на украинската војска, тој секако нема да се согласи на итно примирје. Притоа ќе вагаат Русите, дали им треба цела Украина, уништена од војна, или само делови од неа. Но засега никој не му нуди примирје на Путин. Што значи дека анализира и другата страна – Западот. По изјавата на Путин дека е подготвена за преговори, според новонастанатите услови, од Вашингтон порачаа дека единствен услов за тоа е повлекување на Русија на границите од 1991 година. Што значи војната продолжува.

Но тоа не ги спречува експертите да излегуваат со разни предлози за војна. Па се нудат и сценарија. Во CNN  излезе мислење на Метју Шмит, специјалист за стратешко планирање, дека замрзнувањето на воените дејства по линија на фронтот е најреална варијанта за ставање крај на војната. Тој ги опиша трите главни сценарија за иднината. Првото, руска победа „без поговор“, втора враќање на Крим од страна на Украина и дестабилизација на власта на Путин, после што тој би правел поголеми отстапки. И третото најверојатно сценарио, според Шмит, е замрзнување на воените дејства, а по неколку години и политичко решение. Шмит, како и други експерти предлагаат да се оди според моделот на Германија, обединувањето на западниот и источниот дел на земјата, после 40 години. Но, во игра се корејско сценарио, финско, норвешко...

Татјана Становаја, аналитичар од Карнеги фондацијата во изјавите на Путин гледа негова подготвеност за преговори со Западот. „Путин чека Запад да ја преосмисли својата политика  и да почне да бара можности за инклузивен разговор“, пишува Становаја. Таа тоа го поврзува со проблемите за доделување нова западна помош на Украина. Според точката на гледање на руското раководство, конфронтацијата со Западот е дојдена до пресвртна точка: украинската контраофанзива пропадна, Русија се чувствува уверена во себе како никогаш. А Запад се повеќе се колеба, навлегувајќи во внатрешни несогласувања“, смета аналитичарката. Според оценката на Становаја, претседателот на Русија се обидел да ја покаже „својата надмоќ над противникот: во однос на војната – над Украина, во морален, историски, геополитички – над зЗпадот“.  А исто така се стремел да покаже дека Русија е се’ уште способна да освои нови територии од Украина и да ја смени украинската власт. Становаја смета дека во целост  настапот на Путин на големата прес-конференција ја фиксирал „стабилизацијата на новата реалност“. И токму сигналот дека Русија е подготвена за разговор беше една од главните задачи на Путин. Но некој треба сето тоа да го прифати. А како што стојат работите, изјавите направени од позиција на сила, на Запад никој нема да ги прифати. А тоа значи дека понатаму чека нова рунда на конфронтација“, смета аналитичарката.

ЛЕКЦИИТЕ ОД МИНАТОТО

Во контекст на ова The Hill, пишува дека последиците од поразот на Украина ќе се почувствуваат низ целиот свет. Ако Америка одлучи дека трошоците за поддршка на нејзиниот далечен сојузник се превисоки, како ќе се чувствуваат другите партнери на САД? Какво ќе биде расположението во Тајван? И каква порака ќе испрати ова до Шји Џинпинг, кој веќе активно ги вежба мускулите во Јужното Кинеско Море? Сигналот ќе биде дека САД постепено ги напуштаат своите глобални цели, а Техеран, кој одржува блиски врски со Русија, сигурно ќе го искористи тоа.

Според медиумот, близок на Конгресот, на американските креатори на политиката би можело да им се прости што го почувствуваа товарот на повеќедецениската „империјална пренапнатост“. Една студија проценува дека глобалната војна против тероризмот ги чинела Соединетите Држави околу 6 трилиони долари, а Пентагон вели дека 4.431 Американец загинале во Ирак и 2.354 во Авганистан. Но тие бројки помагаат да се види дополнителниот пакет на помош во висина од 61 милијарда долари во поширок контекст - дури и со веќе потрошените 113 милијарди долари. Колку и да изгледаат огромни овие суми, САД сега не треба да размислуваат за веројатноста Украина да победи во овој конфликт, туку за тоа дали САД можат да си дозволат Украина да изгуби.

Никако да се научат лекциите од минатото. Понижувањето на Германија по Првата светска војна доведе до раѓање на нацизмот и Втора светска војна. Така може сега да биде и со Русија и Украина. Западот сака да ја понижи Русија, а оваа пак Украина. Но војната ќе заврши на преговарачка маса. А на неа може да се сервираат разни предлози. За некои аналитичари најгорливиот проблем е очигледно територијата. Тие препорачуваат дека овде, „аутсајдерите треба да изразуваат силни ставови со голема претпазливост“. Ова прашање мора да се реши еднаш засекогаш. Во спротивно, постои ризик Доњецк и Луганск да ја повторат судбината на Алзас и Лорен. Затоа остатокот од светот треба да ги потсети двете земји да се сеќаваат на лекциите од историјата и да не поставуваат барања што би можеле да ја скршат или понижат другата страна - и со тоа да ја постават основата за следниот конфликт. Руската специјална операција во Украина, се разбира, може да се сфати како изолиран регионален конфликт, но не е тоа. Западниот свет мора да сфати дека тоа во голема мера е предизвикано од чувството на несигурност на Русите и нивното незадоволство од светскиот поредок. И ова чувство е широко распространето надвор од западниот табор и на свој начин дури ја објаснува позицијата на Кина. Згора на тоа и на Глобалниот Југ. Оттука само со искрен обид може да се создаде глобален баланс на силите, што ќе ги земе предвид реалностите на современиот свет, ќе доведе до траен мир и стабилност - не само во Украина, туку и во други жешки точки низ светот.

Се ова е убаво, ама на видикот, во моментов, нема такви политичари, ниту држави. Суетите се поголеми од стотиците илјади жртви.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.