19 Декември, 2025
0.1628

Во Визбегово тераат бизнис без основна инфраструктура

Објавено во: Економија 18 Август, 2016 08:44

Добивај вести на Viber

Во услови кога се најавува влез на нови странски инвестиции за кои државата нуди низа бенефиции, се кратат парите за развој на индустриските зони во кои мнозинството инвеститори се домашни. Така иако со Буџетот за годинава беа предвидени 163 илјади евра за развој на индустриската зона Визбегово, со ребалансот за оваа намена нема ниту денар, иако се работи за индустриска зона во која работат 250 компании.

Со годишен обрт од над 300 милиони евра, речиси 15 години индустриската зона Визбегово работи без основните елементарни услови. Досега во неколку наврати бизнисмените чии што производствени капацитети се наоѓаат во Визбегово, алармираа дека немаат патишта, водовод и канализација, а се наоѓаат на само неколку километри од центарот на Скопје.Стопанствениците велат дека поради овие проблеми индустриската зона е неатрактивна за нови инвестиции, а катастрофалните услови влијаат и врз работата на постоечките компании во зоната.

„Иако индустриската зона Визбегово-Стенковец, постои повеќе од 15 години, сеуште немаме елементарни услови за работење, а тоа е водовод и канализација, додека пак струјата до некаде е регулирана. Секако дека инфраструктурата влијае врз работата на компаниите сместени во оваа зона, меѓутоа тие се упорни и сакаат тука да функционираат.Сопствениците на компаниите процениле дека местоположбата на зоната им дава предност за нивно функционирање, затоа што зоната се протега во 3 општини Бутел, Чучер Сандево и Карпош. Голем дел од нив функционираат во сопствени објекти, но има и компании кои функционираат во изнајмени објекти “, вели за Фактор, Неџат Шаини, претседател на Здружението на стопанственици на индустриската зона во Визбегово.

А токму тоа што оваа индустриска зона гравитира во три општини, е дополнителен проблем за решавање на проблемите. Една од причините за нерешените инфраструктурни проблеми е непостоењето на Деталниот урбанистички план за овој регион, за чија што изработка се чека веќе две години. Поради тоа во зоната не може ниту да се гради, ниту да се инвестира. Работите дополнително се комплицираат поради тоа што оваа индустриска зона гравитира во три општини, Бутел, Карпош и Чучер Сандево. Неодамна бизнисмените добиле информација дека општината Чучер Сандево нема пари за реализација на ДУП-от, единствено од општината Бутел добиле ветување дека се работи на ДУП-от.

„Во очекување сме дека ДУП-от ќе се донесе но само во општина Бутел, од каде на состанокот кон крајот на 2015 година не известија дека до февруари 2016 година ќе биде готов. И на годишното собрание на здружението кое се одржа во јуни оваа година не известија дека е скоро готов, но се уште немаме информации. Додека пак за другите 2 општини Карпош и Чучер Сандево сеуште немаме никаква информација.Колку се штетите во зоната поради овие проблеми ќе ви дадам само еден податок, во зоната земјиштето се купува по пазарна цена, данокот на промет на земјиштето достигнува и до 150 денари/м2, што е речиси два пати повеќе отколку што државата продава државно земјиште во други индустриски зони. Губиме ние, губи и државата“, вели Шаини.

Со ребалансот на Буџетот се скратија парите за зоната Визбегово

Во Буџетот за 2016 година за развој на индустриската зона Визбегово првично беа предвидени близу 163 илјади евра. Но со ребалансот на Буџетот за оваа намена нема ниту денар. Бизнисмените се револтирани што и оваа минимална сума е скратена со ребалансот, оти како што велат од 2002 година, оваа било прв пат со Буџет да се издвојат пари за оваа зона. Според проценките на стопанствениците за реализација на основните инфраструктурни проекти во зоната се потребни околу 15 милиони евра.

„Во буџетот за 2016 година, прв пат се изборивме да се одвојат средства за индустриската зона и тоа 10 милиони денари.Но со ребалансот за жал и тие ни беа скратени. Од 2002 година до денес тие ни беа првите пари од Буџет и тие ни ги одземаа. Коментар за ова не треба. Според нас во индустриската зона треба еден голем зафат за реализирање на инфраструктурните проекти, што би значело сума околу 15 милиони евра, средства кои што секаде можат да ги реализираат како што ги гледаме по медиумите, но за жал тоа не се случува кај нас. Барањата на компаниите од индустриската зона се неколку пати повторени, затоа ние повеќе немаме барања, еднинствено државата нека си ги заврши своите оврски како што ние ги вршиме кон државата“, вели Шаини.

Владата не нуди еднаков третман за инвеститорите

Од Здружението на стопанственици на индустриската зона во Визбегово велат дека се чуствуваат дискриминирани во однос на странските инвеститори кои за разлика од домашните од државата добиваат низа бенефиции.

„Секако декако се чуствуваме дискриминирани во однос на сите други индустриски зони, каде што освен што се решени инфраструктурните проблеми, имаат даночни ослободувања и други бенефиции. Во Македонија се отворија повеќе технолошко - индустриски зони со низа поволности за странски инвеститори, секако дека овдешните бизнисмени гледаат со завидување.Во индустриската зона Визбегово има примитивни услови, како септички јами и бунари, додека пак кога има отворање на објекти во технолошко-индустриски развојни зони се гледаат убави асфалтирани широки улици, опремени со канделабри, со решена канализација, водовод и гас, нешто што и нас ни е неопходно“, вели Шаини.

Во индустриската зона Визбегово работат околу пет илјади вработени во 250 компании кои имаат значаен удел во севкупната економија.

Т.С.

Можеби ќе ве интересира

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка