01 Декември, 2024
0.0394

Во време на војна нема место за опозиција!

Објавено во: Колумни 29 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Војната во Украина, која трае подолго од шест месеци, потврди едно правило.  Кога се војува нема место за опозиција, се’ додека не се создадат услови за неа.  Ја нема во Русија, ниту во Украина. Американците тоа добро го знаат од искуството со Виетнамската војна. Мораше да се организираат ветераните од војната, младите обединети околу хипи движењето, за по некоја година властите да се помират со поразот. Останува да го чекаме натамошниот развој на ситуацијата на фронтот во Украина. 

Од Русија често доаѓаат  вести како власта го уништува антивоеното расположение. Станува збор токму за расположение, а не за антивоено движење. Обидите за организирање движење се сосекоа во корен уште на почетокот на руската инвазија. Оние кои јавно беа против војната ги судеа, ги апсеа...Други активисти ја напуштија Русија и денес се активни од соседните земји или од некоја земја од ЕУ. Сега сме сведоци на индивидуални протести на обични граѓани, против кои веднаш се посегнува со судска расправа. Во тек е политички прогон. Се обвинуваат луѓе за дискредитација на  војската. Се лежи затвор. Се откажуваат и музички концерти на „антивоени“ групи...Медиуми и поединци се прогласуваат за странски агенти, па некои заминуваат од Русија и работат надвор од неа. Други замолчуваат. Па се заклучува дека репресиите без преседан  ја претвориле Русија во диктатура.

Диктатура или не анкетите изненадуваат. Не станува збор за анкети на државни или на лојални кон власта истражувачки организации.  Туку за Левада-центарот, невладина истражувачка организација, која често е на тапет на власта, поради нејзините истражувања, чии резултати не и се допаѓаат на власта. Па така според резултатите од јулската анкета, и покрај војна и покрај санкциите, 68 проценти од испитаниците сметаат дека работите во земјата одат во вистинска насока. 22 проценти го сметаат спротивното. Но изненадува фактот дека пред почетокот на војната, во февруари, тие бројки беа 50 и 39 проценти. Огромно мнозинство ја одобруваат работата на претседателот Владимир Путин.Расте и позитивното гледање на испитаниците и за економските состојби. За една година мнозинството очекува подобар живот, отколку при анкетирањето. И покрај жестоките санкции.Голем број испитаници, 47 проценти, очекуваат и подобрување на политичката ситуација, а други 13 проценти очекуваат значително подобрување.

АНТИЗАПАДНО НАСТРОЕНИЕ

Како што истакнуваат аналитичарите, ако се направи паралела со настаните во Грузија  и Крим во 2008 и 2014 година, рејтингот на Путин одеше до 88 проценти, а во јули годинава беше 83 проценти. Дури 73 проценти од испитаниците веруваат дека Русија ќе победи, но за тоа ќе треба време. Она на што укажувавме на страниците на Фактор на почетокот на инвазијата сега се потврдува. Испитаниците сметаат дека Русија води војна со САД, НАТО, Запад. За нив конфликтот не е со Украина. Туку со САД. Ним да им се докаже дека и Русија е голема светска држава. До кога ќе биде така тешко може да се каже. Но односот на ЕУ, на пример деновиве, одново ќе го поттикне антизападното настроение кај Русите. Сега во ЕУ се заговара отежнување на патувањата на Русите надвор од нивната земја. На пример на Запад. Во време на Советскиот Сојуз народот беше лут на власта дека не можеше слободно да патува. А сега таквата слобода ќе ја ограничи Западот-ЕУ. Тоа ќе биде уште ден потез кој ќе го засили антизападното настроение кај Русите. Тоа ќе биде поткрепено со државната пропаганда. Во внатрешноста на земјата ќе бруи дека „ЕУ ја ограничува слободата на движење, а за која наводно тој се залага“. Ќе нема ни збор за причините за нејзино ограничување.

Според објавени податоци најмалку 16.437 луѓе се задржани поради антивоени протести од 24 фебруари до 17 август. Некои се задржани на улица, други поради антивоени постови во социјалните мрежи, 118 за антивоена симболика и 62 после антивоени акции. Против 224 луѓе се покренати кривични дела, а некои се веќе упатени во затвор.Се’ на се’, во Русија во моментов тешко дека може да се зборува за опозиција. Она што беше реална опозиција, Алексеј Наваљни, на пример, е во затвор. Политичките партии во Думата, независно од кое крило се, не се опозициони.Нема ни глас, ни трага, ниту од  „Серуското офицерско собрание“, неговиот претседател, генералот Леонид Ивашов, кој го обвини Кремљ уште во јануари дека ја турка Русија во однапред изгубена војна и побара оставка од Путин.

Иако Украина важеше за подемократска земја од Русија и таму денес не може да се зборува за некаква институционална опозиција. Власта, претседателот Владимир Зеленски, се потруди да не остане ни „О“ од опозиција.  Повеќе од десет партии беа забранети најнапред од Советот за национална безбедност, а потоа беше донесе и закон кој овозможува „да се оконча со антиукраинските политички парии“. Според рејтингот „Опозиционата платформа-За живот“ го заземаше третото место. Беа забранувани партии кои не беа проруски, но го критикуваа Зеленски и неговата власт. „Лов на вештерки“ беа нарекувани тие потези на власта. Некои од партиите се жалаат на суд, но во сегашната ситуација тешко дека ќе надвладее правдата. Како и во Русија и во Украина под удар се луѓе кои ќе покажат каков било критичен знак, со напад на армијата на пример. Исто така опасно е да се каже ништо афирмативно за Русија.

ЧИНОВНИЧКО САМОВОЛИЕ

Плашејќи се од олигарсите Зеленски донесе закон со кој тие беа принудени да ги затворат телевизиите кои беа под нивна контрола. А беа едни од најгледаните.Во Украина известувањето стана централизирано. Воведена е единствена информативна политика! Посебен револт создаде забраната за интернет телевизии, но и некои портали. Сето ова  доведе до реакции во медиумската сфера. Ваквиот потез на власта беше наречен чиновничко самоволие, затоа што власта воопшто не ги објасни причините за тоа, а секретарот на Советот за национална безбедност дава поддршка на таквите потези. Реагираа новинари, меѓу кои има докажани поддржувачи на независноста на Украина, на Мајдан револуцијата.

„Војната не е време за нарушување на законите, не е  време за непочитување на граѓанските слободи, не е време за чиновничко самоволие. Војната е време за прочистување. Прочистување од лаги, од самозаљубеност, од погубен популизам и дилетантизам. Само на тој начин ние можеме да победиме и да бидеме достојни на подвизите на тие кои ја заштитуваат земјата, не во кабинетите, не во телевизиските студија, туку со оружје во раце. Ние новинарите тоа го знаеме. Се надевам дека и секретарот на Советот за национална безбедност тоа ќе го разбере. А и другите чиновници“, напиша Виталиј Портников, еден од најпознатите украински новинари. Патем пред 

извесно време во неговиот изнајмен стан во Л’вов, тој најде средство за прислушковање. Инаку Портников важи за принципиелен критичар на Зеленски, особено пред руската инвазија.

Пред еден месец во Украина осамнаа наслови дека „Украинскиот закон за медиуми е достоен на најлошите тоталитарни режими“. Европската федерација на новинари верува дека регулирањето предвидено со законот, „целосно контролирано од владата, е достојно за најлошите авторитарни режими“. Оваа одредба треба да се отстрани од предлог-законот. „Едноставно, нема место во Европската унија за држава која би ги применувала таквите одредби“, велат во ЕФН. Оттаму е пратено писмо до повеќе адреси во власта во Украина, но и дочелниците во ЕУ, со барање законот да биде во согласност со европските стандарди за слобода на медиумите. Се бара регулаторот да биде независен од власта. Исто така се вели дека со предлог законот се даваат произволни и непропорционални овластувања на Националниот совет за радиодифузија, кој би имал власт не само врз нив, туку и врз печатените и онлајн медиумите. ЕУ засега молчи за потезите на украинската власт за забрана на партиите и за создавањето проблеми на медиумите.

Примерите од Русија и од Украина покажуваат дека војните отвораат окно за авторитарност или диктатура. Исчезнува просторот за опозиција. Некои тоа го оправдуваат со воената состојба. Но тоа и не е нешто ново. Опозицијата ќе се појави, ако дојде до долгогодишна војна. Инаку во  време кога авторитарност се јавува и во т.н. демократски држави, кај завојуваните тоа и не  изненадува. Дури и во САД има знаци за битки за уништување на опозицијата. Ќе видиме како ќе оди тоа до ноември. Во сето ова погоре само едно е факт. Оној што ќе ја загуби битката во Украина секако ќе оди во опозиција, ако остане жив или ако му дозволат.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.