19 Март, 2024
0.0296

Водно

Објавено во: Колумни 09 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Последен пат го „освоив“ Водно откако на Крстовар се исправи Милениумскиот крст. Бев задоволен, дури и презадоволен од планинарскиот подвиг, иако се качував, зедно со еден многу помлад колега, од Поштански и Детското одморалиште до врвот на планината што на секој скопјанец многу му значи, ако ништо друго тогаш како полигон за испробување на сопствените физички можности.

Во раните 70-тти, не знам ни ден денес зошто, со уште тројца соученици од штотуку завршениот трети клас во „Четврта скопска гимназија“ откако се истрижавме до глава, значи лустер, се издундуривме со големи ранци, со храна за неколку дена, примус за кафе и шатор (добиен како помош од некоја европска земја за настраданите во 63-та) ни помалку ни повеќе туку на врв на планината, на која често знаевме да престојуваме без оглед на времето (дали е зима  или лето, дали е утро или пладне). Не пречека чичко Петре, единствениот жител на Планинарскиот дом, која заедно со мазгата Марија ги дочекуваше и испраќаше со топол планински чај планинарите од кои неретко некои и преспиваа во домот. Беше видливо изненаден од нашата одлука тука да спиеме под шатор. Можеби си мислеше дека по првата ноќ ќе се премислиме и ќе фатиме уџум назад во градот.

Го растегнавме шаторот на јужната падина под врвот во близина на изворот, му ја седнавме задоволни и по малку уморни и чекавме да падне ноќ. Беше возбудливо, повеќе од она што можевме да претпоставиме. Тивко и мирно, небото ни беше над главите, sвездите чиниш на дофат на раката. Станавме многу рано денот беше пред нас, не знаевме што да правиме. Всушност знаевме! Бевме две „зајадени“ екипи на играчи на канаста. Му ја седнавме и изигравме не знам колку партии. Тоа го правевеме често и долу во градот, но секогаш имавме некои обврски (од типот на школо, на пример) што не ни дозволуваа да се изнаиграме до бесвест.

Расположени, опуштени, придружувани од про-грамата на тогашното Радио Скопје, поминавме незаборавни неколку дена. Безгрижни како птички, иако неколкумина од нас имаа за полагање и поправање оценки во август, но за тоа потоа, сега е време за друго, велевме за да се тешиме. Се почувствувавме како вистински херои кога не посетија, ненадејно соучениците и се разбира соученичките за да не видат и да се уверат во нашата цврста одлука да останеме барем дури имаме паштети за јадење. Но, „све што је лепо кратко траје“ се тешевме слегувајќи надолу, видливо задоволни и поцрнети од сонцето, во скопското летно секојдневје.

Бргу по земјотресот, во екот на интензивната обнова и изградба на разурнатиот град, на солидарните градители од целата земја и од целиот свет им се приклучија и младинските работни бригади. Ги имаше од секаде, па и од Англија, од збратимениот Братфорд. Каде ќе бидат сместени, ако не на Водно. Убавите русокоси бригадирки веднаш станаа хит и цело Скопје, се разбира помладиот дел од целото, се пресели во Детско, каде што спиеја бригадирите (и бригадирките се разбира). Многумина успеаја да се прошетаат на корзо со исунчана плавуша во куси панталони што насмеано на чист македонски на сите им отпоздравуваше- „здраво како си“. Бригадирите од акцијата „Црвени каранфили“ беа хит неколку лета, а бридадирите од Англија посебно. Младоста насекаде е убава...

На ниет сум, конечно, повторно да се качам на врвот на Водно. Да се качам фигуративно, зошто планот ми е да се извозам во гондола на жичарницата што веќе долго вози се до врвот и до Крстот. Сигурен сум дека ќе ми биде убаво, ако ништо друго, тогаш поради спомените што ќе ги откорнам од заборав, за момент!     

 

 

 

 

  

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?