Војната и корупцијата – Зеленски не знае каде се 100 милијарди долари помош од САД

Објавено во: Колумни 03 Февруари, 2025
Доаѓањето на Доналд Трамп на чело на Америка го разбранува речиси целиот свет. Засега, повеќе Западот и некои соседни земји. Зголемува увозни тарифи, бара присоединување, Панама си ја свитка опашката и се откажа од соработката со Кина. ЕУ се подготвува за трговска конфронтација. НАТО, попрецизно Марк Руте, генералниот секретар, притиска за одвојување повеќе пари во Алјансата, само да не се налути Трамп. Бранот од Трамп не ја одбегна ниту Украина.
Во интервју за АП, украинскиот претседател, Владимир Зеленски, начна работи кои можат да отворат серозен судир со САД, или пак, сега сака да се додворува на Трамп. Тој продолжува да ја критикува администрацијата на Џо Бајден. И во интервјуто ги отфрла тврдењата на претходната американска администрација за доделените на Украина 177 милијарди долари. „Јас кога слушам, и порано слушав, и денес слушаме од САД, дека Америка и дала на Украина стотина милијарди, 177 милијарди долари, кажано попрецизно. Така звучеше точната бројка, која ја поддржуваше или ја усвојуваше Конгресот и така натаму, различни организации. Видете, јас како претседател на земја која војува ви велам: ние добивме повеќе од 75 милијарди. Т.е. 100 милијарди од тие 177 или дури 200, велат некои луѓе, ние никогаш не сме добиле. Кога зборуваат дека Украина за време на војната добила 200 милијарди за поддршка на армијата и т.н., тоа не е точно. Јас не знам каде се сите тие пари. Можеби тоа е вистина, ако се гледа на хартија...Но како претседател цврсто потврдувам – ние добивме повеќе од 70 милијарди, малку над 76“, изјави Зеленски.
Претходно Доналд Трамп има изјавено дека САД потрошиле за воена помош на Украина 200 милијарди долари, повеќе од другите членки на НАТО, и дека ќе бара од Европа да и ги надомести на САД „речиси 200 милијарди долари“ за оружје и муниција, испратени на Киев. Инаку Зеленски за парите веќе зборуваше во интервјуто на американскиот подкастер, Лекс Фридман, кога јавно пцуеше, задавајќи си прашање, дали е тоа корупција и „чија е таа корупција“.
Зборовите на украинскиот претседател оддаваат човек кој е неблагодарен. Човек кој сака да го искористи моментот, па да удри во претходната администрација, која да не беше, сега војната ќе беше завршена. Не можеш да плукаш во рака која ти дава и која те храни во буквална смисла. Администрацијата на Бајден беше јасна дека помошта е 177 милијарди долари, дадени како за воени цели, но и за буџетска подршка на земјата, за плати на администрацијата, за пензии, за здравство, образование...Само последната помош усвоена во Конгресот беше 61 милијарда долари. Друго прашање е кога и како се доделува. Тој посредно го „боцка“ и Трамп кога споменува дека „некои луѓе велат“ 200 милијарди долари воена помош. Мисли дека на тој начин ќе испрати некаква порака, а не сфаќа дека само му дава храна на Трамп да го зацврсти неговиот однос кон него. Трамп веќе има изјавено дека Зеленски е „најголемиот трговец во светот“, знаејќи, всушност, дека не може да биде поголем од него. А и се’ што сега прави Трамп и изјавува, само предизвикува нервоза кај Зеленски.
ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ
Украинскиот претседател како да не е свесен дека со критиките на Бајден и неговата администрација само се демаскира пред Трамп. Тој не е поголем актер од американскиот претседател. А Трамп сфаќа дека Зеленски утре ќе го има сегашниот однос кон Бајден и кон него, ако се променат работите. И дека се’ што прави украинскиот претседател, само си нанесува штета самиот на себе. Најновото тврдење на Зеленски беше дека, поради Бајден, Украина „сама се борела на военото поле“! И тоа во интервју за „Фокс њуз“. Според зборовите на Зеленски, пред инвазијата од страна на Русија тој барал од Бајден да преземе превентивни мерки, да воведе санкции и да даде оружје. Белата куќа се согласила, но само во случај на реална руска инвазија. Зеленски тогаш барал мерки и од ЕУ, но и тие не можеле да го направат тоа без одобрение на Бајден. Затоа што секогаш гледаат кон лидерот, а тоа се и биле САД. Оттука Ураинците биле оставени сами на себе и сами се бореле против Русија. Тогаш значи, Ентони Блинкен лажеше кога изјави дека на Украина во предвечерието на војната и дале големи количества оружје. Зеленски и претходно го критикуваше Бајден, велејќи дека „му е интересно“ што разговарал со Путин во Швајцарија во 2021 година.
Сето ова го разоткрива Зеленски до гола кожа. Тој цели две години не изусти ниту еден збор за Бајден и неговата администрација. И сега одеднаш река од изјави. Вистината за воената помош на Украина на 8 декември, лани, ја кажа државниот секретар на САД за одбрана, Лојд Остин. Тој на еден собир во Калифорнија рече дека „вкупниот обем на воената поддршка на Украина од страна на сојузниците од почетокот на војната надминал 119 милијарди долари, вклучувајќи 62 милијарди долари од страна на САД. Уште над 57 милијарди долари Украина добила од сојузниците. Прашањето е што станува со дадените пари, официјално спомнати од американската администрација - 177 милијарди долари? Се разбира по сите основи. А за кои Зеленски не знае каде се.
Една дигресија. САД во војната во Авганистан потрошија околу еден трилион долари. Во едно истражување на „Вашингтон пост“, од декември 2019 година, за неуспехот на таа војна се констатира дека во нејзината основа лежела корупцијата. Полковникот Кристофер Коленда, кој неколку пати бил во Авганистан и интервјуирал американски генерали, одговорни за водењето на војната заклучил, дека во 2006 година авганистанската влада на претседателот Хамид Карзаи „се самоорганизирала во клептократија“, и дека американските чиновници не можеле да видат, како тоа се претворило во сериозна закана за нивната стратегија. На Коленда му се допаѓа аналогијата со ракот. Па вели дека корупцијата на ниско ниво е како рак на кожа. Постојат методи за лечење и најверојатно се ќе биде во ред. Корупцијата во министерствата, значи на повисоко ниво, тој ја гледа како рак на желудец. Тоа е полошо, но ако се дијагностицира на време, може се’ добро да заврши. Но клептократијата е како ракот на мозокот и е смртоносна.
НЕМА ПРАВЕДЕН МИР
Како што пишува „Вашигтон пост“ повикувајќи се на изјави од американски чиновници, дозволувајќи корупцијата да процвета, тие помогнале во уривање на легитимноста на кревката авганистанска влада, која се обидувале да ја поддржат. Бидејќи судиите, полицијата и чиновниците продолжиле да изнудуваат мито, многу Авганистанци се разочарале во идејата за демократија и се обратиле кон Талибанците, за тие да воспостават поредок. Епилогот е познат. Секоја аналогија со Македонија е случајна. Ние, бидејќи немаме Талибанци, мораме работите да ги завршиме сами.
Сето она што го сега прави Зеленски е плод на потезите на актуелната американска власт. Трамп неодамна изјави дека имаат „сериозни разговори со Москва“, без кажување детали. Москва засега молчи. Велат нема конкретни предлози од САД. Државниот секретар, Марко Рубио, неодамна изјави дека војната ја вратила Украина „назад 100 години“. Некои медиуми пишуваат дека САД бараат од Украина прекин на војната и избори до крајот на годинава. И претседателски и парламентарни. За Зеленски преговорите на Трамп со Путин, без Украина се опасни. Па тој бара прво да разговара соТрамп, па после да се привлече кон нив и Путин, а ако може и Европа. „Јас мислам дека тоа е праведно и ефективно. Но како се’ ќе биде? Јас не знам“, вели Зеленски.
На сметка на изборите украинскиот претседател засега молчи. Русите велат дека е нелегитимен и со него не можат да потпишат никаков договор. Можеби затоа Американците притискаат за избори во Украина за да добие земјата легитимен претседател и парламент. Тука Зеленски не е најсигурен. Веќе има опозиција која би сакала да го смени. Праведен мир после војна во која има загинато стотици илјади луѓе на обете страни – нема. Каде што има сила нема правдина. Можеби затоа Зеленски бара оружје и поддршка од Западот. Да покаже сила. Се чини дека за такво нешто возот веќе замина. Освен, ако одлучи Трамп да продолжи војната за која велеше дека ќе ја реши за 24 часа.
Конечно, каде се доларите? 100 милијарди долари од американските даночни обврзници. Зеленски фрли голем предизвик. Дали дел зеле американски чиновници и генерали? Дали пак дел зела украинската клептократија, заедно со генералите и чиновниците. Или пак парите сепак се само на хартија. Дали ќе треба Трамп и за ова да нареди истрага?
Мирче Адамчевски