05 Декември, 2025
0.0308

„Војната на Бајден“ станува „војна на Трамп“?

Објавено во: Колумни 14 Јули, 2025 08:27

Добивај вести на Viber

Работите на американскиот претседател, Донал Трамп, не му одат по посакуваната насока. Особено дома. За една недела ќе поминат шест месеци од неговото претседателствување, а тој никако да се помири со она што се случува, а не му е по волја. Трамп се расфрла со закани и лево и десно. Како да не може да сфати дека демократскиот капацитет кај Американците е со длабоки корени.

Доналд Трамп со месеци го критикуваше првиот човек на Федералните резерви, Џером Пауел, дека не сака да ја намали основната каматна стапка. Според Трамп американската економија оди многу добро и високата стапка ја отежнува работата на компаниите. Но Пауел не се откажуваше и не потклекна под притисоците на Трамп. Затоа овај сега бара друг начин за пресметка, па ќе ги проверува трошоците за обновување на седиштето на ФЕД.  Минатата недела Министерството за правда отпушти од работа десетици соработници кои се занимавале со истрагата на делата кои се однесувале на Доналд Трамп и негови соработници. Отпуштени се обвинители, правници и други специјалисти, но тоа не е крај. Нивната „вина“ е во тоа што ги истражувале делата на Трамп за незаконско чување тајни документи, за настаните од 6 јануари 2020 година, за аферата со порно ѕвездата, Сторми Даниелс... Веќе се зборува за мешањето на Белата куќа во работата на Министерството за правда. Специјалниот обвинител за дела од Трамп, Џек Смит, во јануари поднесе оставка. Први признаци на авторитарни појави во владеењето на американскиот претседател.

Трамп се противи и на објавувањето на „списокот“ на Џефри Епштајн, кој беше во затвор и таму почина за дела за злоупотреба на малолетнички. Трамп не сака да чуе за тој список. Демек, ако се објавел ќе наштетел „на добри луѓе“.  Власта сега тврди дека таков список не постои, Своевремено се пишуваше дека и Трамп е дел од луѓето кои оделе на забавите кај Епштајн. Што претседателот го демантираше. Интересно е што сега и некогаш блиските соработници и поддржувачи на Трамп, Стив Бенон, генералот Мајкл Флин, Илон Маск и други  го обвинувааат дека сака да ја заташка аферата „Епштајн“, со што нанесува штета на движењето „MAGA“.

„ВАЖНА ИЗЈАВА“

Голем удар за Трамп е и почетокот на формирање на „Партија Америка“ поттикнато од Илон Маск. Според Маск, таа партија треба да стави крај на двопартискиот систем на владаеење во САД. Трамп го критикуваше Маск за овој потег, но Маск остана на својата одлука. Според некои проценки основањето на ваква партија и нејзиното учество на избори може да доведе до тоа, таа да освои десетина проценти од гласачкото тело. Па на изборите за Претставничкиот дом и Сенатот, кои ќе бидат за 16 месеци, тие десет проценти да им донесат 40-тина конгресмени и 3-4 сенатори, со што „Партија Америка“ би станала јазичето на вагата при донесувањето одлуки. Од тоа се плаши Трамп, но и демократите. Така што може да очекуваме и републиканците и демократите да се обединат во напорите против настапот на партијата на Илон Маск.  Слично како кај нас што е стравот од независните листи и кандидати, па парламентарните партии прават се’ да се отежни нивното учество на избори.

При такви домашни состојби, Трамп денес, како што најави,„ разочаран од Русија“ ќе се јави со „важна изјава“ и да „видиме што ќе се случи наредните недели“. Барем времено да се оттргне од домашните проблеми. Па на дневен ред и дома да ја стави меѓународната политика, за да го оттргне вниманието на јавноста од  опасните, за Трамп, бранови. Што може да каже Трамп?  Минатите денови тој беше на самитот на Г-7, на самитот на НАТО. Нормално таму станал збор, иако не главен, и за војната во Украина и за односот кон Русија.  

Во меѓвуреме во американскиот Конгрес се подготвува закон со кој „радикалите“ предвидуваат санкции кон „поддржувачите“ на Русија во вид на царини од дури 500 проценти. Ако тие „поддржувачи“, купуваат рускаа нафта, на пример, тогаш кон нив би се вовеле тие ригорозни мерки. Се’ со цел да се откажат од купувањето руска нафта или гас. Трамп изјави дека очекува сенатот да го донесе новиот пакет санкции. Ова е предлог закон, кој му дава полна слобода да дејствува. Т.е. за неговата примена – решава претседателот. „Сенатот ќе донесе многу сериозен и жесток пакет санкции, но неговата примена останува на претседателот“, рече Трамп. Т

окму околу ова се кршеа копја. Кој ќе го има последниот збор. Своевремено во Конгресот беа носени закони со кои им се „врзуваа“ рацете на претседателите. Трамп сега е со одврзани раце.  Трамп соопшти и за нов договор меѓу САД, НАТО за испорака на оружје на Украина. Типична зделка. „Ние ќе испорачаме оружје на НАТО. НАТО ќе го плати 100 проценти. А потоа ќе го даде на Украина“.  Со други зборови Европа, Канада и Британија ставете ги рацете подлабоко во џебот. Нашата воена индустрија треба нешто да заработи. Но овде има едно прашање, колку оружје реално, САД можат да и испорачаат на Алијансата за Украина, ако се знае дека уште сега се зборува за исцрпени резерви на она оружје кое што го бара Украина, системи за ПВО и ракети за нив.

ЗАКАНИ ЗА КИНА, ИНДИЈА И БРАЗИЛ

Според американски медиуми Трамп ја разгледува можноста за давање на Украина нов пакет воена помош. Тоа би било сигнал за Русија. Сигнал да се согласи на американските планови за мир во Украина. Трамп досега не додели помош на Украина, но сега имало останати 3,85 милијарди долари од бајденовиот пакет. Освен тоа Трамп има полномоштво да конфискува околу пет милијарди долари замрзнати руски активи и да ги предаде на Киев. Ваква можност имал и Бајден, но тој не ја искористил. Има најави дека Трамп може да и испорача на Украина офанзивно оружје.

Во очекување на изјавата на Трамп, сенаторот Линдзи Грем, еден од авторите на законот за царина од 500 проценти за „поддржувачите“ на Русија, веќе објави, според негово мислење, што ќе каже американскиот претседател денес. Според Грем треба да се следат новостите за замрзнатите руски активи во САД, кои би биле дадени на Украина. Потоа за продажбата на американско оружје на Европа, која би и го дала на Украина. Тој очекува наредниве денови кон Украина да тргне „поток оружје“ за да може таа сама да се заштити. Грем потврди дека Трамп ќе го има последниот збор за санкциите кон „поддржувачите“  на Русија, но кажа дека Трамп ќе одлучува дали царините ќе бидат нула или 500 проценти. Грем им се закани на Кина, Индија и Бразил, дека Трамп со законот за новите санкции ќе има токмак во рацете за да ги „натера оние кои го поддржуваат Путин, да бираат меѓу американската економија или Путин“. Конечно, Грем изјави дека „Трамп ја оставил вратата за преговори со Русија отворена, но таа само што не се затворила“.

Грем може да биде оптимист за новиот закон, но заборава едно. Кина може да ја купи целата руска нафта и нафтени деривати. И да не ја споменуваме Индија, која е најголемиот купувач на руска нафта. И САД не ќе можат да ги зголемат царините повеќе од 30 проценти, колку што се сега. Пред некој месец Трамп воведе царини од 145 проценти за кинеските производи, но потоа си ја свитка опашката и се договори со Кинезите за новите царини. Причината беше едноставна. Кинеските производи ги снема од пазарот. Кина престана да испорачува и ретки метали во САД, потребни за електронската и воената индустрија.  Па работите си дојдоа на своето место. Царината од 500 проценти секако нема да ја исплаши Кина. Тоа може да го потврди и најавата дека наскоро би можело да има средба Трамп и Шји Џинпинг. Според некои експерти „Трамп нема адути“. Сите битни санкции кон Русија се донесоа во 2022 година. И не постојат нови санкции кои би можеле да влијаат врз руската економија. Економски санкции. Има можност од воено-поморска блокада, но тоа е меч со две острици.

ГЛАВНИОТ ЈАСТРЕБ

Во меѓувреме во Малезија не еднаш се сретнаа и разговараа министрите за надворешни работи на Русија и на САД.  Сергеј Лавров и Марк Рубио. Рубио рече дека има „нешто ново“ во смисла за договор со Русија. Но за тоа треба да пресече Трамп. Во меѓувреме американски медиуми пишуваат дека Путин има намера да го игнорира американскиот притисок, уверен во својата воена предност и паѓањето на украинската одбрана.  Можеби Трамп ќе се обиде да ја разниша оваа увереност на Путин. Инаку Лавров прашан за изјавата на Рубио дека се разгледувал некој „нов план“ за Украина, кој го предложил планот, што содржи..,одговори:„  Сакам да ви одговорам со зборовите на претседателот на САД Доналд Трамп. „Чекајте големи изненадувања“. Инаку, Кремљ мирно реагираше на изјавата на Трамп. Прес-секретарот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, рече дека Москва чека на изјавата „за да разбере што мислел претседателот Трамп“.

Сергеј Лавров од Малезија замина во Северна Кореја, а оттаму во Кина. На средба на Советот на министри за надворешни работи на Шангајската организација за соработка. Во Северна Кореја е потврдена воената соработка на двете земји. Во Кина Лавров и неговиот кинески колега, Ван Ји, разговараа за односите со САД, ситуацијата на Корејскиот полуостров, за Иран и за Украина. Особено по неодамнешната изјава на Ван Ји, дека Кина нема да дозволи Русија да биде поразена. По што Европа се шокираше. Сигурно и не само Европа. Денес таму треба да допатува и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кој ќе има средба со Ји и Лавров. Ова доволно зборува за приоритетите во надворешната политика за трите држави. Особено во светлина на неодамнешните американски и израелски воени удари врз Иран.

Во Украина, се’ ова со очекуваната изјава на Трамп, се толкува воздржано. Да, добро е што Трамп ја засили реториката кон Русија, но се’  уште е рано да се пие шампањ. Власта очекува дека земјата ќе добие и пари и оружје. Дека ќе бидат воедени нови санкции кон Русија и тоа поригорозни. Желбата на Зеленски да се сретна со Путин, се коментира, дека до неа може да дојде после капитулација на Украина. Така се толкува ставот на Русите на преговорите. Прво прифатете ги нашите услови, па потоа прекин на огнот.

Со Доналд Трамп никој не е на чисто, што кажува, што ќе каже или што сакал да каже. Така треба да се толку и неговата „важна изјава“. Трамп беше  и е човекот кој постојано вели:„ Јас да бев ќе немаше војна во Украина...Ова е војна на Бајден“. Или пак истата изјава во разни варијации. Тој вели дека тој сака мир, не сака да гинат луѓе и „Бајден е виновен“. Тој сега се лути на Путин дека “го влечел за нос“. Од денешната изјава на Трамп ќе видиме дали „војната е на Бајден“ или ќе стане и војна на Трамп. „Јастребите“ во САД и во Европа ќе можат да бидат задоволни што во нивното јато долетал, отсега  и главниот јастреб – Доналд Трамп. Ќе може да здивне и Фридих Мерц, кој неодамна изјави дека „дипломатските напори за мир во Украина се исцрпени“, ама знае дека без Америка не се може.

Што со Русија? Путин има намера да води војна додека не ги исполни целите. Што повеќе предност на теренот, толку повеќе предност и на преговорите. А односите со Трамп можат да се подобрат и подоцна.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?