29 Март, 2024
0.0259

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Сега е време за обнова на компетенциите за банкари и финансисти, кои, неуморно сите заедно во академијата ги создававме со силна поддршка на Европејците, и тоа ни помалку ни повеќе, туку речиси девет години, со цел да  бидат препознаени и поддржани од страна на фелата.Поточно, таквата поддршка на новите компетенции за финансисти е потребна и за цели во формалното образование.Во таа насока, ние веќе делуваме според дуланиот модел на едукација.

Практично, како АБИТ се ставаме во функција, преку учество во соработки со универзитетите и високите школи од државата, да ги интегрираме нашите програми за сертификација, во формалните академски програми за додипломски и постдипломски студии, со цел, стекнување на нови компетенции кај младите и идни банкари и финансисти, а по примерот на Франција и Луксембург (наши пријатели и поддржувачи). За таа цел, ако е потребно, може да се осврнеме на некои добри елементи од моделот на колегите од Француската банкарска асоцијација / Француската висока школа за банкари, со цел, да извршиме трансфер на искуствата кај нас.

Според ова, да подвлечеме дека не само банките, туку сите чинители на финансискиот систем, меѓу кои и осигурителните компании, останатите финансиски друштва, а со КХВ веќе сме во соработка, треба да се вклучат во новиот модел за трансфер на знаења преку алатката - стручно образование за банкари и финансисти.Само така, преку специјализирано стручно образование и тренинг, согласно европските стандарди, сите заедно, многу посилно ќе допреме до проблемите на младите и претприемништвото (особено до стартапите), а со самото тоа и до поголема креативност и добро организирано опкружување.

Дополнителни сили на банката - препознавање на трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција  

Најважната активност на банката не се парите во трезорот, туку довербата на клиентите кон неа. Таа доверба е резултат на долгогодишен труд и совесна работа на банкарските специјалисти. Но, за да се изгради таа доверба,на банката ѝ се потребни дополнителни сили, со кои, таа ќе влијае врз клиентите, за тие подоцна да побараат и дополнителни услуги од неа. Тоа е можно само доколку банката ги препознава трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција.Сега, станува појасна врската помеѓу успешноста на банкарската индустрија и развојот на нејзините човечки ресурси кои понатаму ќе бидат активни помагатели на целиот финансиски систем. Но, не само таа врска, туку потребна за успех на финансискиот систем, многу повеќе е врската за тоа, како, од една страна претприемачите со нивните компетенции и вештини можат да направат успех со позајмените пари од банката, а од друга страна, спремноста на банката силно да ги антиципира ризиците од таквиот процес. Тоа е формулата за „долга љубов“ помеѓу банките и идните претприемачи. Поточно, таа врска е одржлива со високо ниво на меѓусебно разбирање, дијалог и активна поддршка на едукативна платформа. 

Предизвикот - да се биде добар банкар во македонскиот монетарен систем

Стручната јавност ќе објави, за 2020 година, дека бројот на вработени лица во македонскиот банкарски систем изнесува 5.735 лица или за 179 лица се намалил во однос на минатата година (од пред пандемијата). Сега, ако се направи една паралела со состојбите во 2012 година, во официјалните извештаи ќе се забележи, бројка од 5.953 вработени, и тоа распределени во 16 комерцијални банки. Најголем дел, дури 51% од вкупниот број на вработените е распределен во најголемите три банки. Денес, состојба е слична, со тоа што, 5.735 лица се распределени во 13 комерцијални банки, и тоа, над 70% во групата на големи банки. Како и да е, во изминатава декада, од една страна имајќи го во предвид годишниот пораст на вработените во банкарската индустрија, кој, се движи во просек од 3 до 5 % секоја година, и од друга страна зголемувањето на профитабилноста на македонските банки, согласно податоците од стручната јавност - атрактивноста да се биде банкар и да се работи во втората најплатена индустрија кај нас, иако намална, би рекол, се уште опстојува. Имено, тврдам и располагам со некои информации, еве нека се неофицијални, кои велат дека со новиот закон за задолжителна пензија, не само во образованието, туку и во банкарската индустрија ќе се ослободат, и ќе се побаруваат многу стручни и способни кадри, и тоа веднаш. Си велам, ете шанса за младите, ете шанса за наскако стручно образование да се наметнеме со деценискиот копнеж - да се влијае за демократичност при вработувањето на стручни лица во банките, како и да се промовираат банкарските компетенции на највиско ниво. Тука, би дополнил, да се биде банкар, отсекогаш било голем предизвик за многу млади лица.  

За таа цел, еве еден податок од државниот завод за статистика, во кој, се вели дека во првите пет најголеми плати се финансиско-услужни дејности, односно банкарскиот сектор со просек од 43.386 денари. Понатаму, да се навратам на структурата на вработените во банките. Имено, за 2020 година, учеството на вработените со високо образование изнесува 84% или за 2% повеќе во однос на претходната година. Тоа значи, дека трендот на формалното образование се зголемува. Тоа е неспорен факт, денес. Но, се поставува прашањето: Дали, со стекнување на формален степен - прв циклус (читај: формална диплома Bachelor)се стекнуваме со компетенции за добар банкар?

Одговорот на прашањето е „не“. Практично, ние, со одлука да се стекнеме со формална диплома инвестираме во почетниот праг од скалилото наречено – финансиска писменост. После кој, треба да ги промениме, барем за малку видиците и стојалиштата за животните одлуки и анализи на финансиите. Но, тоа, никако не е доволно за да се биде - добар банкар. Вложувањето во капиталот „знаење“ во текот на целиот животен век, сум на мисла, на човекот му го овозможува епитетот на „добар банкар“. Капиталот „знаење“ е најпотребен, особено во услови на криза. Тоа, можеме да го докажеме во последните три години, кога глобалниот свет е во криза.

Како до поголема продуктивност? Да ги следиме европските банкари.   

На крај, сакам да завршам со искуствата за константен раст и развој на европските банкари. Имено, ако се знае дека продуктивноста на банките мерена преку големината на активата по вработен постојано се зголемува, тогаш со право се воведува, уште од 2019 година, во земјите членки на ЕУ, како и САД, семинарите за сертифицирање во банки и финансиските организации, по теркот на тие за сметководство кај нас (читај: КПУ) „ECVET European Credit points for Vocational Education“ со цел, одржување на стекнатиот сертификат на сите слушатели, во рок од три години. Ова, значи дека секој слушател во земјите членки на ЕУ и САД, кој, е носител на меѓународен специјалистички сертификат, согласно Европската банкарска тренинг асоцијација, треба да има 90 КПУ / ECVET бодови во рок од 3 години или во просек да има реализирано од 3 до 5 семинари во една година, во зависност од големината на семинарот. Со други зборови, институциите од ЕУ, во континуитет ги плаќаат семинарите за своите вработени - иматели на сертификати. Со тоа, тие инвестираат во капиталот „знаење“, на начин што, секој од банкарските вработени е во константна стручна едукација во текот на годината, барем еднаш. Така, работното место - „банкар“ станува атрактивно, креативно и се зголемува ентузијазмот кај банкарските работници од ЕУ. Денес, платата е важна, но исто така важно станува, би рекол како додадена вредност на платата, како екстра бонус - вложувањето на компанијата во едукација и специјализација на вработените.  

PS: На балканот,човечкиот ресурс, во кој, компанијата има инвестирано дополнителен капитал „знаење“, станува бесценет и раритетен, исто како „дијамант“. Таков човечки ресурс, ние, дома, може да го произведуваме во „фабриките“ наречени образование. Но, за таа цел, во намерите и ентузијазмот, важна алка за сврзување игра поддршката од големите компании и банките. Имено, квалитетното образование во ЕУ земјите и САД, па и на секаде во глобални рамки, се гради највеќе со високо ниво на општествена одговорност, особено изразено кај успешните големи институции. Практично, тие силно вложуваат во капиталот „знаење“, преку поддршка на образовните институции.

Има една мудра мисла на Еразмо Ротердамски, кој рекол: „Најголема надеж од секоја земја лежи во примерно школување на младите“.  

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?