26 Април, 2024
0.0262

Време на лажна совест и свест!

Објавено во: Колумни 03 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Во целата оваа психофизичка тортура која и ние во Македонија, како и во поголемиот дел од  преостанатиот свет ја живееме во последните неколку недели,  повеќето сакаме да чуеме нешто поразлично и  друго од злокобните статистики околу новозаразените и  смртни случаи, за да ни се одвлече вниманието и на социјалните мрежи, па дури и на телевизиите да се даде друг фокус, кога ете ти го „поразличното“: двајца социопати, би рекол и психопати, физички малтретирааат девојка во влез во Штип, и што е најбизарно тоа го снимаат со мобилен телефон и го прикажуваат јавно. Бизарното ќе ги одведе во затвор, и ќе ги процесуира, согласно позитивните законски прописи во оваа каква и да е, држава. Цел ФБ врие, од бес и гнев, нормално  со право, па дури читаме статуси „овие да се бесат на плоштад, да ми ги дадат на мене, да видат кој е маж, смртна казна за психопативе“, но се поставува прашањето дали само кога ќе бидеме сведоци на вакви грозоморни слики и настани, тогаш инстантно треба да проработи нашата колективна свест и совест?

Триесет години „млатиме празна слама“

Па колку пати до сега е зборувано, дебатирано, анализирано, колку емисии се снимани, колку невладини организации истражувале за ваквиот тип на насилство и алармирале на панел дискусии, и не само за овој тип на насилство, туку и за семејно, врсничко, малолетничко, булинг, и други видови, и што од тоа фајде? Институциите на системот секогаш реагираат кога ќе бидат во небрано, како во најновиов случај од Штип, хистеризацијата на социјалните медиуми ќе биде „секое чудо за три дена, кај нас да е еден“, и истиот случај ќе отиде во заборавот, како стотици, па дури би рекол и илјадници други низ децениите наназад. Каде е тука, нашата колективна совест, континуирано, беспоштедно, со искрена волја и желба да се бориме со притисок врз институциите на системот, да се донесат поригорозни казнени мерки, за да се превенираат ваквите насилства во иднина, или пак да се одвојат повеќе средства за ресоцијализација на жртвите на семејно насилство. Каде е тука комбинираниот меѓусебен сплет на соработка од повеќе институции кои треба да го решат вистински и темелно овој општествен проблем?  Кај нас како по навика, институциите за секој проблем си ја префрлаат одговорноста, односно „ топката “ што би се рекло народски. Свесни ли сме ние, колку вакви случаи на физичко насилство се случува постојано во Македонија? Колку жени, со години трпат пекол, кој некој им го приредува, и никако не може да излезат од деветттиот круг на истиот?

Македонците не можат да излезат од сопствената кожа!

Во едно полураспаднато, хаотично и анархично општество како нашето, каде што законите претставуваат само проформа за одржување на потемкиновото село дека ова сепак е држава, ваквиот случај не е за изненадување. Некои социопати, знаејќи во која држава живеат, се охрабриле дури и својот „чин“ да го снимаат. Колку случаи на прегазени деца, повозрасни граѓани, сме имале ние, каде што виновникот за нанесените тешки физички и психички повреди, или не дај боже смртта на настраданите не понел одговорност, бидејќи татко му бил „владика“? Безброј! Па затоа, оттука не треба и да не запрепастува „храброста“ на двајца примитивци, бидејќи колку и да се нелуѓе, мозокот им е свесен во која и каква држава живеат. Токму таа „ свесност“, ја имал и младото момче од Карпош, кој деновиве доби кривична пријава бидејќи свесно и намерно ја пренесувал заразата од Корона вирусот, односно и покрај тоа што знаел дека е заразен со смртоносниот вирус, тој продолжувал да се движи и да контактира со луѓе, а со тоа и да ги заразува. Капак на се, и неговиот татко бизнисмен дал лажен исказ. Тоа е таа безобразна дрскост, нахалност, безочност, и агресивност на „буџованите“, кои во транзицијата стекнаа капитал, моќ и недопирливост, за да оваа држава и нејзините закони ги третираат како тоалетна хартија, со која можат да си го избришат задникот. Казни треба, и тоа максимални. За тие што се по врвовите на власта и најстроги. Само тогаш, и само така, може да се спаси и тоа малку што останало од државата. Никакви ЕУ преговори, и никакво членство во НАТО, нема нам да ни го преструктуира општеството и да ни ја трансформираме државата, ако ние тоа не го сториме. Со дела, и со примери. Не со колумни, телевизиски анализи, и округли дебатни маси!

Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД