19 Април, 2024
0.0295

Време е да и погледнеме на историската вистина во очи!

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Една колумна на професорот по Меѓународни политички односи, на скопскиот правен факултет Денко Малески, дека Гоце Делчев  и  Крсте Петков Мисирков биле македонски Бугари, и дека во минатото сме биле еден народ со Бугарите, разбирливо наиде на остри реакции. Професорот Малески постапи како родител кој на своето посвоено дете после триесет години му ја кажува вистината. Нормално дека истото ќе биде во шок, и нема да ја прифати. Тоа што Денко го направи, многу одамна требаше да го сторат македонските научници и историчари, односно по падот на комунизмот,  и прогласувањето на нашата независност, требаше да почнат , наново да ја изучуваат македонската „ забранета “ историја.

Премногу долго се молчеше!

 Зошто нашата историографија молчи и го крие историскиот настан од веќе далечната  1945 година, кога во јануари околу 20-30.000 Македонци, кои се сметале за етнички Бугари, и биле соработници и функционери во периодот од 1941-1944 година, кога Бугарија ја анексирала Вардарска Македонија, се убиени за само неколку недели од страна на новата комунистичка власт во  новоформираната македонска држава, се разбира по налог и со знаење на Маршалот? Зошто воопшто да не се знае кој е Димитар Ѓузелов или Димитар Чкатров, и каква била нивната улога во македонската политика во виорот на Втората светска војна? Од што тоа ние бегаме и се плашиме? Понатаму, ако нашите преродбеници од  средината на 19-тиот век Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, и ред  други се сметале за етнички Бугари, зошто тоа нашите историчари и научници на македонската јавност соодветно не им го објасниле, кои се причините и околностите во кои тие така се изјаснувале? Нашиот претседател на комисијата за добрососедски односи и решавање на историските проблеми со Бугарите, професорот Драги Георгиев изјавил дека и според  мемоарите на веќе легендарниот Андон Јанев – Ќосето, изјаснувањето на интелигенцијата во Македонија за етнички македонски Бугари, било под конфесионална ( религиска ) конотација, бидејќи припаѓале на Егзархијата, наоѓајќи прибежиште во неа, за да не потпаднат под грчките притисоци на Патријаршијата за погрчување на словенското население. Ете слична аналогија во своето соопштение до јавноста изнесе и поранешниот долгогодишен пратеник и ударна перјаница на ВМРО-ДПМНЕ, партија наследничка на историското контроверзно ВМРО  Илија  Димовски,  кој нагласи дека „ како што Македонците се пишувале  за Бугари поради припадност кон Егзархијата , така и етничките Бугари се пишувале за Грци, во Патријаршијата,  во децениите во кои немале држава! Еурека!

 Ама што тогаш правеа нашите историчари и политичари во овие 30 години? Ајде во комунизмот сме немале самостојна држава, друг центар на моќ ги диригирал политичко-историските наративи, но зошто во целиот период на независност ние не ги отворивме „ болните историски рани“, и да најдеме логично објаснување за се? Требаше ли да бидеме и да испаднеме циркузанти пред целиот свет, па требаше ли нашите историски фрустрации и комплекси дека сме последно создадена политичка нација на Балканот, да ги лечиме и бараме илјадници години наназад, за да бараме утеха и легитимација на постоењето на нашата посебност во антиката? Или да снимаме шизофреничарски спотови кои одеа на државната МРТ, дека Господ ги создал македоноидите и дека од нив потекнала целата бела раса? Нели е тоа пораз за една нација и една историја, нели е тоа замајување и манипулирање на сопствениот народ?

Историјата си има логично објаснување!

 Бидете спокојни, не сме Бугари. Историјата е комплексна наука, со многу замрсени клопчиња, но си има свој тек и колосек. Во 1870 година , речиси 8 години пред  создавањето на Сан Стефанска Бугарија, бугарската егзархија беше призната со ферман од Султанот, и истата беше институционализирана на териториите од Охридското езеро на север до Морава и Дунав, на исток до Црното Море, на југ до Егејското. Нормално, таа имаше „ едукативно-политичка “ задача да му вдахне бугарски национален дух на целото население, се со цел да се создаде Големата бугарска држава. Таа траеше три месеци, од 3 март до 31 јуни во 1878 година. Од тој момент, кога етногеографската територија на Македонија беше одново вратена во рамките на Отоманската империја, почна вековната борба на бугарската држава за присоединување и враќање на македонските територии кон мајката Бугарија, кои тие ги сметаат за исконско  бугарски. Како сакате да се сметал еден  Гоце  Делчев, кој учел во Солунската машка егзархиска гимназија, во официрското школо во Софија, и учителствувал во бугарското егзархиско училиште во Ново Село, Штипко? Абориџин? Па македонски Бугарин, ама „ Бугарин“, кој сметал дека борбата за ослободување на Македонија е чисто внатрешна, и дека секое мешање од соседните Бугарија, Грција или Србија е штетно по самата Македонија и нејзините интереси. И на крајот што ќе се договориме дека бил Делчев: Бугарин со македонска национална свест? Труден впрос, би рекле браќава од другата страна на Осоговието. Крсте Петков Мисирков, признатиот татко на македонизмот, кој е свесен  дека припаѓа на „ бугарското племе“, ги дава основите на јазичниот и националниот сепаратизам, бидејќи е толку луциден да сфати дека обединување на Македонија со матицата Бугарија никогаш и нема да се случи поради интересот на Великите европски сили и нивното изрично противење во однос на тоа прашање. За да се зачува територијалната целост на Македонија, и компактноста на нејзиното словенско население, тој го посадува семето на македонизмот: создавање на одделна политичка нација- Македонци, со посебен македонски јазик, т.е тој вели дека прво треба да го создадеме одделниот од бугарскиот јазик- македонски, па потоа да пледираме на создавање на македонска политичка нација и македонска политичка заедница. По сплетот на историските околности така и би, неколку децении подоцна.

Не фрлајте дрва и камења по Денко, тој повеќе од сите вас ја сака Македонија!

Професорот Денко Малески, кажа делумни вистини, без продлабочено објаснување, кој на крајот послужија за хистеризација на овдешната јавност, а задоволување на хировите на бугарските политичари. Поентата на Малески е друга: тој секогаш се спротиставувал на фантазмагориите на македонската  пласирана вистина, бидејќи знаел дека истата во иднина на Македонија ќе и биде камен на сопнување. Денко прв застана на столбот на срамот во раните 90-ти кога велеше дека времето работи против нас во спорот со Грците, а не за нас, како што не убедуваше цела корумпирана политичка елита. На крајот Малески испадна во право. Сметам, дека како човек кој е многу понапред во времето, со своето искуство и познавањето на функционирањето на меѓународните односи и колку тие се сурови, Денко пробува да ја отвори Пандорината кутија со нашите соседи, надевајќи дека од неа ќе излезат сите историски зла, кои ги обременуваат нашите односи, и на крајот ќе остане надеж, за подобро утре, и градење на вистински добрососедски –братски односи.

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок