29 Март, 2024
0.0239

Време ми е да се женам – наталитетот во општината да го сменам!

Објавено во: Колумни 07 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Вино пијам, ем ракија, коња јавам аџамија, а коњ ме шета горе-доле, горе-дело низ светиниколско или лозовско поле. Доста време ерген одев, доста лични моми водев, време ми е да се женам, наталитетот во мојата општина да го сменам. Качи се моме на коња, дојди со мене, двајцата да се земиме, општина да израдуваме. Ех што песни ми минаа низ грлово деновиве, ех што радост на душава си приредив, ех што себаб со пријателите си направив. Каков наплив на емоции ме опсипа кога си ги потпевнувам овие песни, секако малку си ги видоизменив, се надевам нема да ми се земе за зло, бидејќи ги прилагодив на мудрите и несекојдневни изјави што деновиве ги слушам и читам на нашите  медиуми. Апни си, пивни си, избањај си се и легни си На вдахновението и возбудата им нема крај, какви инвентивни понуди доаѓаат за зголемување на наталитетот, па побогу си велам, ние социолозите, посебно оние  чие потесно подрачје на интерес е демографијата и популационата политика и не треба многу да истражуваме. Од една страна чуму комплексни теории и емпирија, кога постојат навистина умни глави без посебна методолошка анализа да ни срочат така иновативни и волшебни понуди.  И секако дека ергенчињата или момичките, на кои малку им одминале годинките и не треба многу да размислуваат, бидејќи треба да играат на картата се или ништо-земи или остави. А кој умен и мудар добронамерник би одбил вакво нешто-ви се молам, ем парички, ем женичка(посебно сега во студовиве да го згрее креветчето), ем ракиичка бесплатна, ем винце, ем купатилце. Апни си, пивни си, избањај си се и легни си..уживанција до Франција. И тука ми доаѓа народната-дојди ми Лено на перниче бело да си се пофалам на цела општина или село. Ах колку само мудрост народна кријат нашите песни и колку од нив поука и умност може да се извлече. Секако дека некои од нив имаат и еротски дискурс, ама тој е суптилен,а дури и во некои од нив се внимава и на еколошкиот момент-Отвори ми пенџерчето да ти го видам лицето... Сите спијат, а ние сме сами-користи драги ти мене, милувај и бакнувај бескрајно, волшебна е ноќ за љубење...Ајде дали памтиш Милице кога се двајцата љубевме Милице во чичовото градинче. Ако некој реши вечерна свадба да прави ќе биде дискриминиран и не ќе може сватовите со чашка ракија да си ги пречека Нејсе, да не забегам, да се навратам на темата за субвенции и стимулирање на демографската и популациона политика. Навистина се израдував што пополека почнува да се присетува некој и да бара-што би се рекло народски чаре, за неженетите-немажените. Но од друга страна, кога ги слушнав понудите и малку подлабоко подразмислив видов и моменти на дискриминација. Прво идентична финансиска сума за сите, е не може така, некој има поголемо семејство и појќе пријатели, а некој помалу...не е фер, некаде свадбените порции се поскапи, некаде поефтини и оп ќе дојди до кавга. Од друга страна, се шири и подржува одредена девијантна понуда-алкохолизам, што било тоа само вино и ракија да се давало, ами што е со тие што пијат сокови, што не поднесуваат алкохол,а и плус знаеме дека е забрането јавно да се рекламираат алкохолни пијалоци и истите да се продаваат во ноќните саати. Ако некој реши вечерна свадба да прави ќе биде дискриминиран и не ќе може сватовите со чашка ракија да си ги пречека. Трето е производството на алкохол во домашни услови, за тоа не треба ни да се дума, знаеме колку се казните големи. И на крај купатило ќе им се направело и тоа не е фер, вистина е дека чистотата е половина здравје, ама нели до срцето на мажот се стигнува преку стомакот? А каде е тука стимулативната мерка за наталитет-ами дечиња не се прават во купатило, секако дека ги исклучувам егзибиционистите и екстремистите, туку на удобен лежај, на убава спалничка. Да не е смешно ќе биде трагично Е сега знам некој ќе рече ем им даваш, ем те критикуваам, друг ќе рече им даваш прст тие цела рака бараат, а трети ќе речат-пуштете ја, љубоморна е бидејќи ги пропушти бенефитите. И навистина кога подобро ќе размислам и му се лутам на мојот градоначалник што кога се мажев немаше такви субвенции. Ама, нејсе, не е Стевче толку инвентивен, тој повеќе инвестира во второразредни работи како стипендирање на талентирани млади научници и спортисти, нова инфраструктура, хуманитарни донации...ах мој градоначалник ми доаѓа да поништам брак и пак уште еднаш да се оженам-секако со истиот мој љубен, само ако ме субвенционираш. П.С. Сега малку сериозно..да не е смешно ќе биде трагично. Господа засукајте си ги ракавите и искористете дел од интелектуалната и научна елита, која срдечно ќе ви помогне кон правење на национална стратегија за демографски развој. Она минималното што можам како најдобронамерен совет да ви го дадам е да пробате да обезбедите стандарди и услови за младите луѓе во вашите општини, да придонесете кон подобрување на економската клима, да субвенционирате изградба на живеалишта за млади двојки, да поттикнете вработувања, не само во јавниот, туку и во приватниот сектор...Ние не измислуваме топла вода, само едноставно со неколку инвентивни решенија, секако поткрепени со сериозни програми ќе придонесеме за заживување на општините. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?